Свет
Меланија контра Трамп за имиграционата политика
Меланија Трамп, сопругата на американскиот претседател, се вклучи во дискусијата за раздвојувањето семејства на илегални доселеници. Таа изрази загриженост поради спорната имиграциона политика на САД и раздвојувањето на семејствата при илегалниот влез во земјата. „Госпоѓа Трамп мрази кога децата ги одделуваат од родителите и се надева дека двата табора во Конгресот конечно ќе може да се усогласат за успешна реформа на доселеничката политика“, изјави портпаролката на Меланија, Стефани Гришам.
Американската влада во петокот соопшти дека во рамките на нејзината нова политика на нулта толеранција, само меѓу 19 април и 31 мај од своите родители биле одделени 1.995 деца. Во овој период од мерката биле засегнати 1.940 мајки и татковци. Вообичаена пракса е во рамките на кривичната постапка децата да не бидат притворани заедно со своите родители, велат од владата, туку тие да се згрижуваат во посебни установи или во семејства што привремено се грижат за нив.
Праксата е масовно критикувана од Демократската партија, но и во самата Републиканска партија, која традиционално високо ги цени семејните вредности. Во Претставничкиот дом циркулираат два законски предлога за доселувањето за кои ќе се гласа веројатно идната недела. Претседателот Трамп за ситуацијата на границата вината им ја припишува на демократите како носители на законот, кој предвидува раздвојување на семејствата на илегалните мигранти. Американската администрација во октомври, почнувајќи драстична политика против илегалното доселување, започна на родителите што илегално ја преминуваат границата да им ги одзема децата и да ги сместува во домови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

