Свет
Мелони: Рано е да се зборува за вториот мандат на Урсула фон дер Лајен
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави денеска дека е прерано да се одговори на прашањето за втор мандат на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Сè уште собираме податоци за да го разбереме мнозинството“, изјави Мелони за италијанското радио RTL за резултатите од изборите за Европскиот парламент (ЕП).
Таа додаде дека изборните резултати го покажуваат барањето на граѓаните ЕУ да посвети поголемо внимание на десницата и дека Италија ќе има клучна улога во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел го задржува правото да ја продолжи војната против Хамас во секое време, рече Нетанјаху
Израел го задржува правото да ја продолжи војната против Хамас во секое време, со поддршка од САД, според условите на договорот за прекин на огнот што треба да стапи на сила во недела, изјави вечерва премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во своето прво обраќање до нацијата по договорениот прекин на огнот, тој рече дека Израел го задржува правото да продолжи да се бори против Хамас ако е потребно, односно доколку понатамошните преговори пропаднат.
„Како што ви ветив, го променивме лицето на Блискиот Исток и како резултат на тоа, Хамас остана поразен и сам“, нагласи Нетанјаху.
Тој вети и дека ќе ги врати сите заложници кои се држат во Газа. Рече дека 33 браќа и сестри ќе се вратат дома, од кои повеќето се живи, поради „нашиот (израелски) цврст став“.
Египет, еден од посредниците во постигнувањето на прекинот на огнот, во саботата објави дека Израел во првата фаза ќе ослободи 1.890 палестински затвореници во замена за 33 израелски заложници кои ги држел Хамас. Нетанјаху рече и дека договорот за прекин на огнот е постигнат благодарение на помошта на американскиот претседател Џо Бајден и новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Израелскиот премиер претходно изјави дека Израел нема да продолжи со процесот за прекин на огнот додека не добие список од 33 заложници кои Хамас треба да ги ослободи во првата фаза од договорот.
„Нема да продолжиме со договорот додека не добиеме список на заложници кои ќе бидат ослободени, како што е договорено. Израел нема да толерира никакво прекршување на договорот. Одговорностаа е на Хамас“, рече Нетанјаху.
Според договорот за прекин на огнот, имињата треба да се достават најмалку 24 часа пред времето на размената, што беше во 16 часот по локално време или во 15 часот по средноевропско време во сабота.
Според израелски извори, палестинската група Хамас се уште не ги соопштила имињата на тројцата заложници кои треба да бидат ослободени во недела. Шестнеделниот прекин на огнот треба да стапи на сила в недела, кога ќе се одржи првата од серијата размени.
Свет
Уапсен јужнокорејскиот претседател
Претседателот на Јужн Кореја, Јун Сук-Јол е официјално уапсен под обвинение за бунт, што го прави првиот актуелен претседател во историјата на нацијата кој се соочил со притвор додека бил на функцијата, јавува „Анадолија“.
Западниот окружен суд во Сеул го одобри налогот за апсење, наведувајќи дека има доволно докази за обвиненијата, објави новинската агенција „Јонхап“.
Тој е обвинет за прогласување воената состојба на 3 декември и наводно распоредување на војници во Националното собрание за да ги спречи пратениците да ја поништат неговата одлука.
По неговото официјално апсење, Јун може да биде обвинет за бунт и злоупотреба на моќта.
Јун, кој може да биде задржан во притвор до 20 дена, негираше дека извршил какво било злосторство за време на денешното рочиште, тврдејќи дека неговите постапки биле „неопходни за зачувување на националната стабилност“.
Неговите критичари, сепак, ја осудија краткотрајната воена состојба како очајнички обид да се задржи власта поради протестите поради наводната корупција и лошото управување.
Уставниот суд сè уште размислува дали да го потврди импичментот на Јун, кој Националното собрание го одобри на 10 декември. Конечната одлука се очекува да биде донесена во наредните недели.
Свет
Израелскиот десничарски министер ја напушти владата на Нетанјаху
Екстремно десничарската партија Еврејска моќ во Израел денеска објави дека ќе ја напушти израелската коалициска влада предводена од Бенјамин Нетанјаху. Од партијата велат дека нивниот лидер и министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир утре ќе се повлече од функцијата министер за национална безбедност.
„Во светлината на одобрувањето на непромислениот договор со Хамас, партијата „Отзма Јехудит (Еврејска моќ)“ утре наутро ќе поднесе оставка од владата и коалицијата, а министрите Бен Гвир, Јицак Васерлауф и Амичаи Елијаху, како и пратениците Звика Фогел, Лимор Сон Хар-Мелех и Јицак Кројзер ќе ги напуштат своите позиции“, објави државната мрежа, повикувајќи се на соопштение од партијата.
Бен Гвир претходно во четвртокот ја изрази својата намера да поднесе оставка од функцијата министер за национална безбедност и неговата партија да ја напушти коалициската влада доколку се одобри договорот со Хамас.
Израелската влада одобри прекин на огнот и договор за размена на затвореници за време на неколкучасовниот состанок на владата, објави израелскиот јавен радиодифузер КАН.