Европа
Меркел: Спремни сме за санкции кон Русија
Канцеларката Ангела Меркел изјави дека Германија е подготвена да продолжи со воведување санкции кон Русија, вклучително и за поединци, но и дека дипломатска должност е да се одржуваат отворени каналите за комуникација со таа земја.
На прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон, Меркел рече дека Германија во моментов ја држи својата позиција во корист на гасоводот „Северен ток 2“, на кој се спротивставуваат САД и поголемиот дел од Европа.
„Во врска со настаните во Русија, веќе рековме дека го задржуваме правото да продолжиме со санкции, особено за поединци“, рекла германската канцеларка, пренесува „Ројтерс“.
Во меѓувреме, Русија денеска протера тројца европски дипломати од Германија, Шведска и Полска поради учество во забранетите собири за поддршка на опозицискиот активист Алексеј Навални.
„За време на состанокот добивме вест за протерувањето. Верувам дека тоа е неоправдано“, посочила Меркел.
И новиот претседател на владејачката германска христијанско-демократска унија (ЦДУ) и потенцијален иден канцелар, Армин Лашет, смета дека Германија не смее да се откаже од проектот гасовод „Северен ток 2“ поради затворањето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
„Во наредниот период, Германија излегува од снабдувањето со атомска енергија и енергија добиена од јаглен. И затоа и треба гас за преодниот период, што го немаме како ресурс“, изјавил Лашет за „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Франција го менува законот за силување по случајот со Жизел Пелико
Сенаторите вчера ги одобрија измените во францускиот закон за силување што би вклучувале експлицитна согласност, со што законодавството на земјата ќе се усогласи со повеќе од десетина други европски земји, во потег што доби нов импулс од судењето за масовно силување на Жизел Пелико.
Францускиот кривичен закон претходно го дефинираше силувањето како чин на пенетрација или орален секс извршен со употреба на „сила, принуда, закана или изненадување“. Законот не ја споменуваше експлицитно потребата од согласност, а обвинителите мораа да докажат намера за извршување силување за да обезбедат осуда.
Во декември минатата година, сопругот на Жизел Пелико призна пред суд во јужна Франција дека постојано ја дрогирал сопругата и регрутирал десетици мажи преку интернет за да ја силуваат додека таа била во несвест.
Најмалку 35 од обвинетите на Доминик Пелико ги негираа обвиненијата за силување, тврдејќи пред судот дека учествувале во сексуална игра или дека Жизел Пелико се преправала дека спие.
Сите беа прогласени за виновни, но нивните обиди да избегнат казна фрлија светлина врз сивата зона во законот.
Новиот закон, кој треба да го потпише претседателот Емануел Макрон пред да стапи во сила, наведува дека согласноста мора да биде „слободно дадена и информирана… и може да се повлече“. Согласноста мора да се процени „во светлината на околностите“ и „не може да се претпостави само врз основа на молчењето на жртвата или недостатокот на отпор“, се наведува во законот.
Правните експерти истакнуваат дека оваа промена ќе го олесни добивањето пресуди за силување, бидејќи повеќе нема да биде потребно да се докажува употребата на сила или намера, туку само дека жртвата не дала слободна и информирана согласност.
Ревидираната дефиниција треба да помогне во обезбедувањето пресуди, изјави за Ројтерс правен експерт и застапник за новиот закон, Катрин Ле Магерес.
„(Претходно) ако можеше да се покаже дека во случајот нема согласност, но напаѓачот не употребил насилство, принуда, закана или изненадување, тоа лице не можеше да биде прогласено за виновно“, рече таа.
Дефиницијата заснована на согласност би можела да помогне и во едукацијата на младите мажи и жени за „заемната желба“.
Франција им се придружува на Шведска, Германија, Шпанија, Велика Британија и голем број други европски земји кои веќе имаат закони за силување засновани на согласност. Подемот на феминистичкото движење #MeToo предизвика законски реформи во некои земји од 2017 година.
фото: принтскрин
Европа
Словачка сепак нема да воведе ограничувања на брзината за пешаците
Словачки пратеник разјасни дека пешаците нема да бидат предмет на ограничувања на брзината на тротоарите, откако политичката дебата во вторник попладне резултираше со конфузија и исмејување.
Парламентот во Братислава требаше да усвои измени на законот за сообраќај во вторник со кои ќе се ограничи максималната брзина на пешаците на тротоарите во урбаните средини во Словачка на 6 километри на час со цел да се спречат несреќи.
Пратеникот Љубомир Важни, кој го состави амандманот, синоќа за јавната телевизија STVR изјави дека критиката се базира на недоразбирање, додавајќи дека ограничувањето на брзината не се однесува на пешаците што одат по тротоарите, туку на другите учесници во сообраќајот.
Тој објасни дека целта на амандманот е да се заштитат пешаците со тоа што ќе се обезбеди дека ролерите, велосипедистите и електричните тротинети не се движат значително побрзо по тротоарите од пешаците.
Амандманот, усвоен од парламентарното мнозинство во вторник, за прв пат дефинира „брзина на одење“ од 6 километри на час и ја поставува како ограничување на брзината за сите оние на кои им е дозволено да користат тротоари под одредени услови.
фото: принтскрин
Европа
Орбан: Европејците сакаат да започнат војна, ние не сакаме да се бориме
Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави започнување на антивоена кампања, која ќе биде придружена со мировни собири низ цела Унгарија.
„Опасноста од ширење на војната е поголема од кога било. Европејците сакаат да започнат војна. И ние сме Европејци, но не сакаме да се бориме“, рече Орбан во видео порака емитувана од телевизискиот канал М1.
„Почнуваме антивоена кампања“, рече тој, додавајќи дека заедно со поддржувачите на мирот ќе одржи „серија антивоени акции“ низ целата земја. Според него, акциите ќе започнат на 15 ноември од градот Ѓер во северозападна Унгарија.
„Да му покажеме на целиот свет дека Унгарија не сака војна“, им се обрати Орбан на своите сонародници.
Тој потсети дека на 23 октомври во Будимпешта се одржаа Марш на мирот и антивоен митинг, на кој, според организаторите, се собраа 80.000 луѓе. „Мировниот марш беше фантастичен успех. Многумина од нас се изјаснија против војната и за мир. Ви благодариме на сите што бевте таму“, рече Орбан.
Се огласи и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој рече дека дефинитивно ќе се приклучи на антивоената кампања и ќе присуствува на митингот во Ѓер.
фото: принтскрин

