Свет
Меркел ќе потроши милијарди евра за домување и интеграција на мигрантите до 2022 година

Германската канцеларка Ангела Меркел ќе дистрибуира 6,85 милијарди евра до германските региони за да им помогне да платат за сместувањето, субвенциите за социјални станови и за часовите по јазици за мигрантите, пренесува „Ројтерс“.
Изворот на „Ројтерс“ тврди дека Министерството за финансии на Меркел се согласило да им додели 500 милиони евра помош за мигрантите на германските држави за субвенции за социјалните станови, 1,8 милијарди евра за сместување и 2,44 милијарди за програмите за интеграција како часовите за јазици за т.н. „нови Германци”. Сè на сè, околу 15 милијарди евра ќе бидат пренасочени за поддршка на мигрантите во Германија до 2022 година.
Друг извештај на „Ројтерс“, пак, од мај 2018 година, сугерира дека вкупните трошоци за прашања поврзани со мигрантите до 2022 година ќе бидат строномски 78 милијарди евра, при што агенцијата се повикува на статија на „Шпигел“ базирана на нацрт-документот од Министерството за финансии. Овој извештај сугерира дека социјалните плаќања за мигрантите до 2022 година ќе достигнат 21 милијарда евра, а програмите за интеграција, вклучувајќи ги часовите по јазик, би чинеле 13 милијарди евра.
Германија го распредели целиот вишок од националниот буџет за финансирање мигрантската криза во 2016 година кога потроши 6 милијарди евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лажна медицинска сестра во Флорида „лекувала“ повеќе од 4.000 пациенти

Млада жена е уапсена во Флорида под сомнение дека лажно се претставувала како медицинска сестра и лекувала речиси 4.500 пациенти, објавува Би-Би-Си. Полициската истрага е започната откако болницата го раскинала договорот со Отумн Бардис поради сомневања во нејзините квалификации.
Истражителите откриле дека 29-годишната жена пружила медицински услуги на дури 4.486 пациенти помеѓу јуни 2024 и јануари 2025 година. „Ова е еден од највознемирувачките случаи на медицинска измама што некогаш сме ги истражувале“, рече шерифот на округот Флаглер, Рик Стали.
Бардис била вработена во болницата во Палм Коуст од јули 2023 до јануари 2025 година. Таа е обвинета за фалсификување лажни документи и користење број на лиценца што ѝ припаѓал на медицинска сестра со исто име, вработена во друга болница од истата здравствена установа.
Во јануари оваа година, на Бардиса ѝ било понудено унапредување, но потоа колега ја пријавил кај властите откако било утврдено дека нејзината лиценца за медицинска сестра е истечена. Нејзиниот договор бил веднаш раскинат, а полицијата започнала седуммесечна кривична истрага.
Детективите добија налог за нејзино апсење по седум точки за практикување медицина без лиценца и седум точки за лажна употреба на лични податоци. Таа беше уапсена во својот дом на 5 август и носеше медицинска униформа во моментот на апсењето.
„Оваа жена потенцијално загрози илјадници животи преправајќи се дека е некој што не е, и кршејќи ја довербата на пациентите, нивните семејства, и целата медицинска заедница“, додаде шерифот Стали. Бардис моментално е во притвор, со кауција од 70.000 долари.
Свет
Путин: Немам ништо против средбата со Зеленски, но условите сè уште не се создадени

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нема ништо против средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но додаде дека сè уште нема услови за таква средба.
Путин зборуваше и за можна средба со американскиот претседател Доналд Трамп велејќи дека интересот за одржување самит меѓу САД и Русија е заемен и дека Обединетите Арапски Емирати се едно од можните места за таква средба.
На прашањето за условите што Трамп наводно ги поставил за средба со Путин, вклучително и подготвеноста на Путин да разговара со Зеленски рускиот претседател рече:
„Веќе многупати реков дека во принцип немам ништо против, можно е. Но, за ова мора да се создадат одредени услови. За жал, сè уште сме далеку од тоа“.
Во мај оваа година украинскиот претседател јавно го покани Путин на состанок во Истанбул за да разговараат за евентуален крај на војната. Кремљ никогаш не одговори на таа покана, според написите во медиумите.
Денес, Путин ја откри идејата за средба со украинскиот претседател во време на зголемена дипломатска активност, но сè уште без конкретни чекори кон преговори.
Регион
Полицијата на Истра уапси Германец: снимал голи деца со рачен часовник

Истарската полиција приведе германски државјанин (31), кој е обвинет за експлоатација на деца за порнографија откога е откриено дека снима голи деца на плажа со рачен часовник со интегрирана камера.
Граѓаните ја известиле полицијата во вторникот околу 18 часот кога забележале дека мажот снима деца со рачен часовник. Полицијата ги претресла неговите простории, автомобилот и друга техничка опрема и пронашла инкриминирачки снимки. Еден ден подоцна тој бил предаден на притворската единица на Полициската управа на Истра со кривична пријава.
„Полицијата апелира до родителите да ги следат своите деца и да гледаат каде се и што прават на плажа. Облечете ги вашите деца во костими за капење, а доколку забележите сомнително лице што снима деца, веднаш известете ја полицијата на 192“, велат од полицијата додавајќи дека ваквите акции покажуваат дека јавноста е сè повеќе свесна за проблемот со снимањето деца и дека препознавањето на сомнителното однесување овозможува навремен одговор и апсење на сторителот“.
Фото: принтскрин