Свет
Мерц: Европа мора да биде подготвена да се брани без САД
Фридрих Мерц, кандидатот за иден германски канцелар, денеска изјави дека Европа мора да биде подготвена да се брани без Соединетите Американски Држави.
„Мораме да се подготвиме за можноста американскиот претседател Доналд Трамп веќе безусловно да ја поддржува заемната одбранбена обврска на НАТО“, рече Мерц, пренесе „Политико“. Мерц рече дека, според него, клучно е Европејците да вложат најголеми можни напори за да се уверат дека се способни барем сами да го бранат европскиот континент. Во последните денови се чини дека Трамп сѐ повеќе се согласува со рускиот претседател Владимир Путин обвинувајќи ја Украина, а не Кремљ, за почетокот на војната, која почна со рускиот напад во 2022 година, вели „Политико“.
Тие коментари следуваа по појавувањето на американскиот потпретседател Џеј ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, каде што тој ги прикажа главните европски партии, а не Русија, како најголема закана за безбедноста на Европа.
Европските лидери оттогаш станаа сè позагрижени дека повеќе не може да се потпрат на клаузулата за колективна одбрана, која ја обезбеди основата за безбедноста на Европа од Студената војна. Лидерот на централнодесничарската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и на врвот на анкетите пред гласањето во недела рече дека Европа треба колективно да се подготви за можноста администрацијата на Трамп да не го поддржи членот 5 од НАТО, кој ги обврзува членките на алијансата на колективна одбрана.
На прашањето дали верува оти Трамп ќе ја поддржи клаузулата, Мерц рече дека не би се обложувал сѐ што има на кое било прашање што ќе му биде поставено, а секако не на тоа, пренесува „Танјуг“.
На прашањето дали Германија треба да бара заштита под францускиот нуклеарен чадор, Мерц призна дека францускиот претседател Емануел Макрон постојано му давал таква понуда на Берлин, но дека претходните германски влади го оставиле прашањето неодговорено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска: ЕУ треба да ги разгледа сите опции поради царинските закани на Трамп
Европската унија треба да ги разгледа сите достапни опции како одговор на обновената закана за царини од американскиот претседател Доналд Трамп кон европските сојузници, изјави данската министерка за економија Стефани Лосе.
Лосе разговараше со новинарите пред состанокот на министрите за финансии и економија на ЕУ, пренесува Ројтерс.
Таа ја нагласи потребата блокот да ги разгледа реакциите на потенцијалните американски мерки што би можеле да влијаат на трговските односи со членките на Унијата, пренесува Танјуг.
Свет
„Престанете да го смирувате тиранинот од Вашингтон“: Kаламар порача Европа да се спротивстави на Трамп
Европа мора да престане да се обидува да го „смири“ американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да му се спротивстави нему, како и на другите „тирани“ кои се решени да го уништат редот заснован на правила воспоставен по Втората светска војна, изјави денес генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламар.
„Ни треба многу посилен отпор“, рече Каламар во интервју за АФП на маргините на Светскиот економски форум во Давос, предупредувајќи дека „кредибилитетот на Европа е во прашање“.
Каламар ги повика европските влади да покажат поголема „храброст“ и да знаат како да „кажат не“.
„Тие мора да престанат да веруваат дека можат да преговараат со тирани, мора да престанат да мислат дека можат да ги прифатат правилата на предаторите без да станат нивни жртви. Ова мора да престане“, рече Каламар, пренесува Хина.
Каламар оцени дека европските лидери минатата година воделе политика на смирување.
„Се обидовме да го смириме тиранинот, предаторот кој живее во Вашингтон и тоа нè доведе кон сè повеќе напади и сè повеќе закани“, рече таа.
Таа потсети дека европскиот проект не е само економски, туку се темели и на вредности и владеење на правото, и изрази надеж дека европските лидери ќе ги искористат сегашните предизвици како можност за повторно потврдување на европскиот проект.
„Ова бара напуштање на политиката на смирување“, заклучи таа, и рече дека „едноставно не функционира“, повикувајќи ја Европа да „се спротивстави“.
Свет
Политико: Трамп го избегнува Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп избегнува контакти со Володимир Зеленски на маргините на форумот во Давос, пишува Политико, повикувајќи се на извори.
„Според експертите за надворешна политика од Републиканската партија, Зеленски многу сака лична средба, додека неподготвеноста да се одржи доаѓа од Белата куќа“, се наведува во статијата.
Шефот на режимот во Киев, верува дека придобивките од комуникацијата со Трамп ги надминуваат можните ризици. Ако тој не комуницира со американскиот лидер, други ќе се справат со тоа, се нагласува во текстот.
По последната средба со американскиот претседател на крајот на декември, Зеленски тврдеше дека страните се согласиле за безбедносни гаранции за Украина.
Во исто време, Трамп пред неколку дена изјави дека Русија е подготвена да склучи мировен договор, додека шефот на режимот во Киев го одложува процесот.
На почетокот на декември, Владимир Путин ја прими американската делегација во Кремљ. Страните ја разгледаа суштината на иницијативата предложена од САД, но не успеаја да најдат компромисно решение. Како што изјави претседателот, Вашингтон ги подели 27-те точки од оригиналниот план во четири пакети и предложи тие да се разгледаат одделно.
Неколку дена подоцна, во Берлин се одржа состанок на претставници на САД и Украина, чија содржина беше пренесена на Русија преку шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев.
На крајот на декември, Трамп одржа преговори со Зеленски во Флорида. Шефот на Белата куќа објави дека страните постигнале разбирање за 95 проценти од прашањата. После тоа, тој разговараше по телефон со Путин, кој го информираше за обидот на вооружените сили на Украина да ја нападнат неговата резиденција. После тоа, во Москва беше објавено дека преговарачката позиција е ревидирана, анализира медиумот.

