Свет
Меѓу американските заложници во Газа има и тригодишно дете, Бајден вели дека сите мора да бидат ослободени
Американскиот претседател Џо Бајден, вчера, разговара со катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани, за случувањата во Газа и за итните тековни напори да се обезбеди ослободување на заложниците што ги држи милитантната група, соопшти Белата куќа.
Бајден недвосмислено го осуди држењето заложници од страна на Хамас, вклучително и многу мали деца, меѓу кои има тригодишен американски државјанин, чии родители беа убиени од групата на 7 октомври, се вели во соопштението на Белата куќа.
„Двајцата лидери се согласија дека сите заложници мора да бидат ослободени без дополнително одлагање“, се вели во соопштението.
Борците на Хамас ја преминаа границата од Газа во Израел на 7 октомври убивајќи речиси 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 200 заложници, според израелските власти. До денес ослободени се само четворица заложници. Во израелското бомбардирање на Газа оттогаш загинаа повеќе од 11.000 Палестинци, од кои 40 отсто се деца, објавија здравствените власти на територијата под контрола на Хамас.
„Ројтерс“ минатата недела објави дека Катар, кој е дом на неколку политички лидери на Хамас, го предводел посредувањето меѓу Хамас и израелските претставници за заложниците.
Советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан, во неделата изјави за Си-ен-ен дека активни, интензивни преговори со Израел, Катар, Египет и со САД се во тек за ослободување уште заложници, но не е јасно дали сите се живи.
„Целта е да се направи она што е неопходно на преговарачката маса за да се обезбеди безбедно враќање на сите заложници, вклучително и Американците“, рече Саливан за Си-ен-ен истакнувајќи дека девет Американци се водат за исчезнати заедно со едно лице, кое е постојан жител на САД.
„Не го знаеме статусот, дали се живи или починале, но сакаме да обезбедиме безбедно закрепнување на сите тие луѓе“, рече тој.
Американскиот функционер изјави и дека Брет Мекгурк, високиот советник на Бајден за Блискиот Исток, утре ќе го посети Израел и ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а планирани се дополнителни посети на Брисел, Саудиска Арабија, Јордан и на Катар.
Катарската влада претходно соопшти дека Ал Тани во разговор со Бајден ја нагласил потребата од итен прекин на огнот во Газа и трајно отворање на преминот Рафа во Египет.
Вашингтон ги отфрли повиците на арапските лидери и други да инсистираат Израел да го прекине нападот врз Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас.
Во соопштението на Белата куќа не се споменува никаква дискусија за прекинот на огнот, но се вели дека лидерите разговарале за потребата „да се заштитат невините цивили и тековните напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа“.
Бајден исто така ја потврди својата визија за идна палестинска држава „каде што Израелците и Палестинците ќе може да живеат рамо до рамо со еднакви мерки на стабилност и достоинство“, соопшти Белата куќа додавајќи дека Хамас долго време е пречка за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.

