Свет
Меѓу убиените и студенти – детали за нападот во Нотингем каде што маж газеше луѓе со комбе
Универзитетот во Нотингем соопшти дека двајца од тројцата убиени во нападите биле нивни студенти.
„Со голема тага ја потврдуваме ненадејната и неочекувана смрт на двајца наши студенти по големиот инцидент во центарот на Нотингем во текот на ноќта. Шокирани сме и уништени од веста и нашите мисли се со погодените, нивните семејства и пријатели. Знаеме дека ова веројатно ќе предизвика проблеми за персоналот и студентите во нашата заедница“ се вели во соопштението на универзитетот.
Британската полиција соопшти дека се’ уште го утврдува мотивот за нападот во кој маж во вторникот прегази со камион неколку лица во англискиот град Нотингем, при што уби тројца, а рани уште толку. Детективите рекоа дека се обидуваат да откријат што го мотивирало напаѓачот да тргне во смртоносен напад што започнал малку пред 4 часот наутро.
Од таму додаваат дека на случајот работи и антитерористичката служба и појаснија дека тоа е нормална процедура.
Триесет и едногодишен маж е уапсен под сомнение дека го извршил убиството, а детективите нагласиле дека не бараат никој друг.
Полицијата соопшти дека две лица биле пронајдени мртви на пат во центарот на градот нешто по 4 часот наутро, пред полицајците да бидат известени за друг инцидент веднаш надвор од градот кога комбе се обидело да прегази три лица. Тие се префрлени на лекување во болница.
Уште еден маж бил пронајден мртов на пат.
– Ова е страшен и трагичен инцидент кој ги однесе животите на три лица – изјави претходно началникот на полицијата Кејт Мајнел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Американските ѕвезди на Греми наградите му испратија порака на Трамп: „Ние не сме животни, ICE надвор“
Музичарот од Порторико, Бед Бани, повика на „исфрлање“ на американската Служба за имиграција и царина (ICE) додека ја примаше наградата за најдобра латино урбана музика на доделувањето на наградите Греми во Лос Анџелес.
Бед Бани, кој ќе биде главен изведувач на полувремето на Супербоул следната недела, се осврна на мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата во страсниот говор на доделувањето на наградите Греми.
„Пред да му се заблагодарам на Бога, ќе кажам „ICE надвор!““, рече тој, осврнувајќи се на американските службеници за имиграција, по неколку недели тензии во Минеаполис каде беа убиени двајца цивили.
„Ние не сме дивјаци, ние не сме животни, ние не сме вонземјани, ние сме луѓе и ние сме Американци“, продолжи тој, додека ја примаше наградата.
Многу членови на публиката стоеја додека тој зборуваше. Порториканскиот уметник се смета и за фаворит за главната награда на вечерта, албум на годината. Неговиот говор беше најочигледно политичкиот момент на церемонијата, каде што многу уметници, вклучувајќи ја и Р&Б ѕвездата Кехлани, носеа значки „ICE out“ на црвениот тепих.
Свет
Премиерката Такаичи би можела да оствари убедлива победа на изборите во Јапонија
Партијата на јапонската премиерка Санае Такаичи веројатно ќе обезбеди убедлива победа на изборите за долниот дом на парламентот следната недела, покажа анкета на весникот „Асахи“.
Силниот настап на изборите би го зацврстило влијанието на Такаичи врз партијата и би ѝ ги ослободил рацете за експанзивна фискална политика, што би можело да ги зголеми загриженостите за финансиите на Јапонија и да ги зголеми приносите од обврзниците.
Либерално-демократската партија на премиерката Такаичи веројатно ќе освои повеќе од 233 од 465 места во долниот дом, според анкетата на „Асахи“ објавена вчера.
Тоа би било зголемување во однос на сегашните 198 места. Заедно со коалицискиот партнер на ЛДП, Јапонската партија за иновации, или Ишино, владејачката алијанса веројатно ќе достигне 300 места, покажа анкетата.
Најголемата опозициска партија, Центристичкиот реформски сојуз, е во проблеми и би можела да изгуби половина од своите 167 места, објави „Асахи“. Владејачката коалиција на Такаичи моментално има тесно мнозинство во моќниот долен дом и малцинство во горниот дом.
Премиерката ги распиша новите избори со надеж дека ќе ја консолидира власта откако ја презеде функцијата од сопартиецот Шигеру Ишиба, кој поднесе оставка по лошите изборни резултати.
Свет
Иранскиот демонстрант Ерфан Солтани ослободен со кауција
Иранскиот демонстрант Ерфан Солтани, кој беше уапсен за време на антивладините протести и се стравуваше дека ќе биде осуден на смрт, е ослободен со кауција, објавија групите за човекови права и иранските државни медиуми. 26-годишниот Солтани беше уапсен минатиот месец додека земјата беше потресена од протести што предизвикаа насилна владина репресија, објави Си-Ен-Ен.
Тој беше приведен на 10 јануари во неговиот дом во Фардис, град на околу 40 километри западно од Техеран. Според државната телевизија IRIB, тој беше обвинет за „собирање и договарање против внатрешната безбедност на земјата“ и „пропагандни активности“ против режимот.
По неговото апсење, американскиот Стејт департмент и роднина на Солтани изјавија дека иранските власти имаат намера да го погубат. Иранското судство ги отфрли тврдењата како „измислени вести“, објави IRIB. Семејството на Солтани подоцна изјави дека неговата егзекуција е одложена. Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека добил уверенија од „доверливи извори“ дека Иран не планира егзекуции и го предупреди Техеран да не го прави тоа, велејќи дека САД ќе „преземат силни мерки“.
Во саботата, Солтани беше ослободен со кауција, потврди норвешката организација за човекови права „Хенгау“. Неговото ослободување го потврди и иранскиот државен медиум „Прес ТВ“ во објава на Телеграм.
Неизвесната судбина на Ерфан Солтани стана еден од најмеѓународно следените случаи за време на масовните антивладини протести што го зафатија Иран минатиот месец. Иранските безбедносни сили одговорија со брутална репресија и продолжено исклучување на интернетот низ целата земја.

