Свет
Милитанти и „Белитe шлемови“ изведуваат хемиски провокации во Сирија
Руското Министерство за одбрана соопшти дека има информации што укажуваат дека милитантите на Хајат Тахрир ал-Шам заедно со „Белите шлемови“ планирале провокации кои вклучуваат лажна употреба на хемиско оружје во зоната на деескалација во Идлиб во Сирија, пренесува ТАСС.
„Преку неколку канали добивме потврда за извештаи дека милитантите од групата на командант Абу Малек, која е дел од Хајат Тахрир ал-Шам, заедно со организацијата ‘Бели шлемови’, планираат да изведат провокации кои вклучуваат лажни воздушни напади и употреба на хемиско оружје во населените области во зоната за деескалација на Идлиб. Милитантите избирале локални жители кои би учествувале во снимањето сцени на кои се прикажани последиците од наводните воздушни напади и употребата на отровни агенси“, се вели во соопштението на Министерството.
Меѓу другите извори, Министерството цитира информации добиени од градот Сармада на 30-ина километри североисточно од Идлиб. Според нив, група неидентификувани лица, кои во три камиони превезувале разни контејнери со непознати хемикалии, пристигнале таму на почетокот на ноември.
„Едно од возилата носеше професионална видеоопрема и делови од воздушни и артилериски гранати со советски и руски идентификациски ознаки“, соопшти прес-службата.
Според информациите на Министерството за одбрана, фалсификувани снимки од цивилни објекти, наводно уништени во воздушни напади и артилериско гранатирање, како и за употреба на хемиско оружје во Идлиб, се планира да бидат објавени преку социјалните мрежи и да се претстават како доказ за сторени злосторства од страна на сириската влада и за акции на руските воздушни сили насочени против цивили.
На почетокот на ноември руското Министерство за надворешни работи објави дека „Белите шлемови“ заедно со терористите се подготвува да изведе нови провокации со употреба на хемиско оружје во Сирија. Според рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, провокациите со употреба на хемиско оружје во Идлиб во Сирија може да се случат во кое било време.
Ова не е прв случај „Белите шлемови“ да биде обвинета за местење ситуации во кои излегуваат како херои истовремено фрлајќи вина врз сириската влада. Такви местени видеоснимки се појавуваат речиси од почетокот на конфликтот во Сирија и речиси секогаш се поклопуваат или се претходница со некој важен настан или промена во политичката ситуација за Сирија, што не им оди во прилог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.