Свет
Минхен: Убиениот напаѓач бил австриски државјанин по потекло од Босна и Херцеговина
Осомничениот за пукањето во близина на израелскиот конзулат во Минхен е убиен во размена на оган со полицијата, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман, а станува збор за исламист што од претходно ѝ бил познат на полицијата.
„Мораме да претпоставиме дека нападот врз израелскиот генерален конзулат можеби бил планиран утрово“, рече Херман.
Како што пренесува „Билд“, станува збор за Емрах И. (18), роден во Австрија, по потекло од Босна и Херцеговина.
Во 2023 година беше пријавено дека е член на терористичка организација и дека ја шири пропагандата на Исламската држава.
Австриските власти на неговиот мобилен телефон пронашле исламистичка пропаганда, а при нападот, освен огнено оружје, имал и бајонет.
Херман додаде дека напаѓачот испукал низа истрели по што припадниците на безбедносните сили возвратиле и го убиле.
Според него, осомничениот со автомобил се упатил кон Центарот за документација на националсоцијализмот, отворен во 2015 година, носел пиштол, а потоа пукал во блиската полициска станица.
Во акцијата учествувале пет полицајци, изјави портпаролот на безбедносните сили. Над местото на настанот кружи хеликоптер.
Полицијата апелира до граѓаните да го избегнуваат тој дел од градот додека трае операцијата.
Инцидентот се случи на годишнината од нападот за време на Олимпијадата во 1972 година кога палестинските терористи убија 11 израелски спортисти во Минхен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

