Свет
Можеме да ги приспособиме вакцините кон новата варијанта за околу 100 дена, велат од „Фајзер“
Производителите на вакцини изразија уверување дека ќе можат брзо да ги приспособат своите вакцини доколку се прошири варијантата Омикрон.
Новиот вид – познат како B.1.1.529 – има некои „загрижувачки“ мутации, а раните докази сугерираат дека носи зголемен ризик од реинфекција.
Исто така, постојат стравувања дека варијантата би можела да биде поотпорна на вакцините што сега се пуштени во употреба на милијарди луѓе ширум светот.
Доколку е така, Фајзер и Бионтек „очекуваат дека ќе можат да развијат и произведат прилагодена вакцина против таа варијанта за приближно 100 дена“.
Модерна соопшти дека има развиено стратегија за нови варијанти од почетокот на 2021 година – вклучувајќи три нивоа на одговор доколку опадне имунитетот што го нудат нејзините вакцини.
„Новавакс“ додаде дека веќе започнал да создава вакцина за Ковид-19 врз основа на познатата генетска секвенца на B.1.1.529.
„Вакцината ќе биде подготвена за тестирање и производство во следните неколку недели“, велат од „Новавакс“.
Советодавниот панел на Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше новиот вид на Ковид-19, откриен во Јужна Африка, како „загрижувачки“ и високо пренослив вирус и го нарече Омикрон. Тоа е првпат за неколку месеци СЗО да класифицира нов вид на вирус како таков. Во истата категорија е и делта сојот што стана најзастапен во светот.
„Сојот B.1.1.529 првпат беше пријавен до Светската здравствена организација од Јужна Африка на 24 ноември 2021 година. Тој сој има голем број мутации, од кои некои се загрижувачки“, изјавија група експерти задолжени од СЗО да следат развојот на К-19. Според Панелот раните податоци покажуваат дека овој вид има зголемен ризик од реинфекција.
Австралија денеска воведе ограничувања за лицата кои живеат во девет јужноафрикански земји поради загриженоста од новиот вид на коронавирус „омикрон“, при што владата бара 14-дневен карантин за австралиските граѓани кои се враќаат од тие земји, изјави министерот за здравство Грег Хант.
Досега не се откриени инфекции поврзани со варијантата Омикрон во Британија или САД, во Белгија има случај со невакцинирана личност која патувала во странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

