Свет
Можни знаци на живот пронајдени на далечна планета: „Ова можеби е момент на пресврт“
Научниците од британскиот универзитет „Кембриџ“ открија нови, иако сè уште неизвесни докази, кои би можеле да укажат на постоење живот на егзопланетата К2-18б, свет оддалечен дури 1,1 трилион километри од Земјата.
Со помош на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (JWST) на НАСА истражувачите открија траги од молекули во атмосферата на планетата, кои се произведуваат исклучиво по биолошки пат на Земјата. Поточно, на нашата планета тие се произведуваат исклучиво од едноставни микроорганизми.
Ова е второ и досега најперспективно откривање супстанции поврзани со животот на К2-18б. Но, научниците предупредуваат дека се потребни повеќе податоци за конечна потврда.
Атмосфера полна со молекули поврзани со животот
Тим од Универзитетот „Кембриџ“ ја анализира светлината што минува низ атмосферата на планетата додека орбитира околу нејзината мала црвена ѕвезда. Во оваа анализа откриени се хемиски траги од најмалку една од двете молекули поврзани со животот: диметил сулфид (DMS) и диметил дисулфид (DMDS). На Земјата овие гасови се произведени од морски фитопланктон и од бактерии.
„Количината на овој гас што го проценуваме во атмосферата на планетата е илјадници пати поголема отколку на Земјата“, рече шефот на истражувањето, проф. Нику Мадусудан. „Ако оваа врска со животот е реална, тогаш оваа планета би можела да биде преполна со живот“.
Според него, детекцијата на овие размери за време на едно набљудување било изненадувачко. „Ова е досега најсилниот показател дека можеби не сме сами. Реално, би можеле да го потврдиме сигналот во рок од една до две години“.
Има уште многу непознати
И покрај возбудата, Мадхусудан и колегите признаваат дека ова е само почеток. Сегашната веродостојност на податоците е речиси 99,7 %, што научниците го нарекуваат три сигма, но за да се тврди откритие, потребна е прецизност од пет сигма (99,99999 %).
Пред 18 месеци сигналот беше уште послаб, само една сигма (68 %), а потоа резултатите беа дочекани со скептицизам. Но, дури и ако достигнат пет сигма, тоа не значи дека навистина го пронашле животот.
„Дури и со таква сигурност, прашањето за потеклото на овој гас сè уште останува“, предупредува проф. Кетрин Хејманс, шкотски астроном и независен експерт. „На Земјата го произведуваат микроорганизми, но во вселената може да се случат многу чудни геолошки процеси, кои не ги разбираме целосно“.
Тимот од „Кембриџ“ сега соработува со други лаборатории за да тестира дали DMS и DMDS може да се произведуваат на начин што не вклучува живот.
Научни контроверзии за природата на планетите
Освен за молекулите, научниците дебатираат и за самиот состав на К2-18б. Некои веруваат дека планетата има огромен течен океан, што би ја поддржало хипотезата за живот, особено поради отсуството на амонијак во атмосферата, кој водата може да го апсорбира.
Но, други, како проф. Оливер Шортл од „Кембриџ“, тврдат дека тоа може да биде и океан од стопена карпа, што ја исклучува можноста за живот.
Има и толкувања што ја опишуваат планетата K2-18б како мини гасен џин, без цврста површина, како моделот на д-р Николас Воган од центарот „Ејмс“ на НАСА. Но, дури и таа теорија не е универзално прифатена бидејќи не ги објаснува сите податоци собрани од телескопот „Џејмс Веб“.
„Живиот универзум ни е на дофат“
И покрај сите непознати, Мадхусудан останува оптимист.
„Можеби за неколку децении ќе погледнеме наназад на овој момент и ќе го препознаеме како пресвртница, кога живиот универзум стана на дофат“, рече тој додавајќи: „Ова може да биде моментот кога одеднаш ќе станеме способни да одговориме на основното прашање: дали сме сами во универзумот?“
Истражувањето е објавено во научното списание The Astrophysical Journal Letters.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Зеленски е главната пречка за постигнување договор
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека лидерот на иранската опозиција Реза Пахлави „изгледа многу пристојно“, но изрази неизвесност дали Пахлави ќе може да добие поддршка во Иран за на крајот да ја преземе власта. Во ексклузивно интервју за Ројтерс во Овалната соба, Трамп рече дека постои можност иранската влада да падне.
Тој исто така го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за застојот во разговорите со Русија околу војната во Украина.
На прашањето која е главната пречка, тој едноставно одговори: Зеленски. „Мора да го натераме претседателот Зеленски да се согласи“, рече тој.
Трамп повеќе пати се закани дека ќе интервенира во поддршка на демонстрантите во Иран, каде што, според извештаите, илјадници се убиени во антирежимските немири.
Свет
Данска по средбата со САД: Не се согласуваме за иднината на Гренланд
Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд ни по денешниот состанок во Вашингтон не се приближија до договор за иднината на Гренланд. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека и понатаму постои, како што рече, фундаментално несогласување со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се залага за американска контрола врз овој автономен територијален дел од Кралството Данска.
Состанокот бил одржан со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и со американскиот државен секретар Марко Рубио, по изјавата на Трамп дека „сè помалку од американска контрола врз Гренланд е неприфатливо“.
Расмусен по разговорите изјави дека тој и претставниците на Гренланд воделе „искрена, но конструктивна дискусија“ со Венс и Рубио, но дека ставовите остануваат суштински различни.
„Претседателот јасно го изнесе својот став, а ние имаме поинаква позиција“, рече Расмусен на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека Данска смета оти долгорочната безбедност на Гренланд може да се обезбеди во рамки на постојниот политички и уставен поредок.
„Идеите што не би го почитувале територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на народот на Гренланд на самоопределување се целосно неприфатливи“, истакна тој.
Расмусен додаде дека е договорено формирање работна група на високо ниво, која треба да се обиде да најде заеднички пат напред, иако, како што рече, „фундаменталното несогласување останува“. Првиот состанок на оваа група се очекува во наредните недели.
Паралелно со дипломатските разговори, Данска и нејзините сојузници ја зајакнуваат воената присутност на Гренланд поради, како што наведуваат, влошената безбедносна состојба на Арктикот.
Шведска денеска, на барање на Данска, испрати неопределен број војници на Гренланд. Шведскиот премиер Улф Кристерсон објави дека шведските офицери ќе бидат дел од поширока група сојузнички сили кои ќе учествуваат во подготовките за претстојната воена вежба „Operation Arctic Endurance“.
Германското министерство за одбрана соопшти дека Германија во четврток испраќа извиднички тим од 13 припадници на Бундесверот во Нуук. Станува збор за тридневна мисија, од 15 до 17 јануари, чија цел е проценка на условите за можни идни воени придонеси за безбедноста на регионот, вклучително и надзор на поморскиот простор. Германските војници доаѓаат на покана на Данска и во соработка со други европски земји.
Данското министерство за одбрана претходно потврди дека ја зголемува воената присутност на Гренланд поради „безбедносни тензии“, додека разговорите со САД за иднината на територијата продолжуваат без приближување на ставовите.
Расмусен заклучи дека, и покрај длабокото несогласување, дијалогот со САД ќе продолжи.
„Се согласуваме дека не се согласуваме, но ќе продолжиме да разговараме“, рече тој, нагласувајќи дека Данска нема да отстапи од црвените линии, кои вклучуваат почитување на територијалниот интегритет и правото на народот на Гренланд на самоопределување.
Фото: depositphotos
Свет
Ројтерс: Можно американско воено интервенирање во Иран во наредните 24 часа
Американска воена интервенција во Иран станува сè поизвесна и би можела да се случи во наредните 24 часа, изјавиле европски претставници за „Ројтерс“.
Според еден европски функционер, можноста за американска воена акција значително се зголемила и временската рамка сега се мери во часови, а не во денови. Друг европски извор оценил дека интервенцијата изгледа веројатна.
Израелски функционер изјавил за Ројтерс дека се чини оти американскиот претседател Доналд Трамп веќе донел одлука за интервенција, иако сè уште не е јасно кога би започнала и колкав би бил нејзиниот обем.
Според Ројтерс, САД и Обединетото Кралство повлекле дел од персоналот од воздушна база во Катар, по заканите на Иран за одмазда врз американските бази во регионот. Истовремено, Иран ги предупредил соседните земји дека евентуален американски или израелски напад би имал регионални последици.
Напнатоста дополнително се зголемила по изјавите на Трамп, кој ги повикал демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, наведувајќи дека помошта е на пат без дополнително објаснување.

