Свет
Момче кое пред седум години исчезнало успеало да им побегне на киднаперите
Четиринаесетгодишно момче дошло во полицијата во Кентаки и рекло дека е исчезнатото момче Тимоти Пиџен, за кое се трага веќе седум години и дека конечно успеал да им побегне на киднаперите, пренесуваат американските медиуми.
Рекол дека бил чуван во еден од мотелите на синџирот „Ред руф ин“, каде што наводно живеел со двајцата киднапери, мажи. Тинејџерот сам дошол до полицијата и дал таков исказ, пренесе Си-ен-ен.
Не знаел да ја каже точната локација на мотелот во кој бил сместен, но рекол дека за време на бегството трчал сè додека не го претрчал мостот и од Охајо не влегол во сојузната држава Кентаки.
Локалната полициска станица Шеровил во Охајо ги испратила сите расположливи полицајци да ги пребараат сите мотели на „Ред руф ин“ на тоа подрачје, но не успеале да пронајдат ништо значајно за истрагата.
На Тимоти, кој во моментот на неговото исчезнување имал 6 години, му се губи секаква трага во мај 2011 година, откако неговата мајка го изнела од училиштето поради наводно итна семејна ситуација, а всушност го однела на тридневно патување по околните зоолошки градини и водени паркови. Последен пат детето било видено во воден парк во Висконсин Делс.
Полицијата соопштила дека тинејџерот ги опишал киднаперите како двајца бели мажи, градени како билдери, од кои едниот имал тетоважа од пајакова мрежа на вратот, а другиот тетоважа од змии на двете раце.
Исто така рекло дека тие возеле „форд СУВ“ со регистарски ознаки од државата Висконсин.
Како што се наведува, Тимоти со својата мајка во само два дена поминал 800 километри. Биле расположени за време на патувањето, што се гледало и на снимките од безбедносните камери од хотелот и местата што ги посетиле. Се слушале неколкупати и со блиски членови од семејството да ги информираат дека се безбедни.
Подоцна мајката, Ејми Фрај-Пиџен, била најдена мртва во мотел во Рокфорд во Илиноис. Се убила, пресекувајќи си ги вените и оставила проштално писмо во кое пишувало дека Тимоти е на сигурно и дека е згрижен од луѓе кои го сакаат. „Никогаш нема да го најдете“ пишувало во писмото.
Таткото на Тимоти и други членови на семејството сиве овие години не престанале да го бараат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

