Свет
Мораме да им забраниме на Палестинците да берат маслинки во близина на нашите населби, вели израелски министер
Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, повика на Палестинците да им се забрани да берат маслинки во близина на израелските населби на Западниот Брег. Тој исто така предложи формирање области во кои ќе биде забрането присуството на Палестинците. На овој начин тој сака да го оневозможи престојот на Палестинците во близина на израелските населби и главните патишта што водат до нив.
Во писмото до премиерот што го сподели со медиумите, Смотрич наведува дека Израел не успева да одржи прифатливо ниво на безбедност на Западниот Брег. Се бара да се создадат стерилни безбедносни зони околу (еврејските) заедници и патишта и да се спречат Арапите да влезат во нив, вклучително и за берба на маслинки.
Откако „Тајмс оф Израел“ побара објаснување, портпаролот на Смотрич појасни дека министерот мислел на Палестинците, а не на сите Арапи – иако тој го употребил вториот термин неколкупати во своето писмо. Смотрич во минатото се соочуваше со обвинувања за расизам.
Екстремно десничарскиот министер тврди дека таквите мерки се неопходни за да се спречат терористички напади врз имигрантите, како и за „да се обезбеди чувство на сигурност поради високата чувствителност и мобилизација на многу мажи во резервната служба“.
Акциите што ќе ги спречат палестинските земјоделци да берат маслинки, најверојатно, ќе се соочат со интензивна меѓународна осуда и би можеле да ги разгорат тензиите на Западниот Брег. Смотрич тврди дека сегашната политика е апсурдна и луда и вели дека нема повеќе да ја прифаќа. „Некој залутал“, заклучил тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски напад врз пазар во Украина за време на утринската гужва, најмалку 7 убиени
Во руски напад врз градот Дружкивка во Донецката област што се случи утринава загинаа најмалку седум лица, а осум беа повредени, според првичните информации. Руските сили го нападнаа градот со касетна муниција и воздушни бомби, а пазарот беше директно погоден за време на утринската гужва, пишува „Украинска правда“.
Вадим Филашкин, началник на воената администрација на Донецката област, објави на социјалните мрежи дека руските сили го бомбардираа градот со касетна муниција. Градскиот пазар, каде што имаше голем број луѓе во утринските часови, беше директно погоден.
Филашкин истакна дека конечниот број на жртви во нападот сè уште не е потврден и најави дека ќе даде дополнителни информации за развојот на настаните. Според него, сите надлежни служби се на терен, им помагаат на повредените и работат на отстранување на последиците од нападот.
Градоначалникот додаде дека Русите фрлиле и две воздушни бомби врз Дружкивка. Нападите оштетиле индустриска зона, како и три станбени згради и три семејни куќи. Филашкин повторно го повика локалното население да се евакуира во побезбедни региони.
Свет
Француската агенција за храна: Електронските цигари носат ризици по здравјето
Француската агенција за храна, животна средина и здравје при работа (ANSES) денеска соопшти дека електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, иако го признава нивниот потенцијал како привремена алатка за откажување од пушење.
По анализа на околу 3.000 научни студии и извештаи, ANSES заклучува дека ризиците по здравјето се поврзани со вдишување на токсични супстанции, присутни во течностите за е-цигари или создадени при нивното вдишување.
Според агенцијата, електронските цигари со никотин можат да предизвикаат кардиоваскуларни ефекти, како што е покачен крвен притисок, додека ризикот од респираторни и канцерогени ефекти постои и кај производите без никотин.
ANSES истакнува дека корисниците мора да бидат подобро информирани за здравствените ризици, а истовремено е потребно да се обесхрабрат непушачите и младите лица да почнуваат со употреба на електронски цигари.
Агенцијата заклучува дека овие производи можат да се сметаат за преодна опција во рамки на програми за откажување од пушење, но тој период треба да биде краток.
Според Барометарот за јавно здравје на Франција за 2024 година, околу три милиони луѓе во земјата користат електронски цигари.
Свет
Украина и Русија почнаа втор круг мировни преговори во Абу Даби
Украински и руски преговарачи денеска во Абу Даби почнаа втор круг преговори за завршување на војната, со посредство на САД.
Дводневните трилатерални средби следат по изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Русија го искористила минатонеделниот „енергетски“ прекин на огнот — договорен со помош на САД — за да натрупа муниција, при што во вторникот нападнала со рекорден број балистички проектили.
„Во Абу Даби започна уште еден круг преговори. Преговарачкиот процес започна во трилатерален формат — Украина, САД и Русија“, соопшти на Телеграм главниот украински преговарач Рустем Умеров.
Тој додаде дека тимовите ќе се среќаваат и во одвоени групи за да разговараат за специфични теми, по што ќе следи заедничка средба за усогласување на ставовите.
Изминатата година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги охрабруваше и Киев и Москва да најдат компромис за ставање крај на четиригодишниот конфликт, кој започна со руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Но, двете страни остануваат на различни позиции околу клучните точки и покрај неколкуте рунди разговори со американски претставници.
Најчувствителни теми се: Барањето на Москва Киев да се откаже од територии кои сѐ уште ги контролира, судбината на нуклеарната централа Запорожје — најголемата во Европа — која се наоѓа на територија под руска окупација. Русија бара повлекување на украинските сили од целата источна област Доњецк, вклучително и утврдените градови кои претставуваат силни упоришта на украинската одбрана. Украина, пак, предлага конфликтот да се замрзне долж сегашната линија на фронтот и одбива какво било еднострано повлекување.

