Свет
Мрачно Божиќно бдение во Витлеем поради војната во Газа
Палестинските христијани денеска одржаа мрачно божиќно бдение во Витлеем, пеејќи песни на свеќи и молејќи се за мир во Газа наместо вообичаените прослави на местото каде што веруваат дека е роден Исус Христос.
Витлеем има централно место во христијанската традиција за животот на Исус, според која тој е роден во штала бидејќи во гостилницата немало место за неговите родители.
И 2.000 години подоцна, верниците се собираат на локацијата на таа традиционална штала во базиликата Рождество на Исус од византиската ера во Витлеем, каде што обично има радосни божиќни прикази и осветлени дрвја на плоштадот Рождество.
Но, не и оваа година поради војната во Газа. Во жалост е и мнозинското палестинско население во Витлеем на окупираниот Западен Брег.
Годинава решија да слават без големиот бор, вообичаениот центар на божиќната прослава во Витлеем, бидејќи на само 50 километри се случува масакрот.
Црквите во Витлеем годинава поставија макети на згради во урнатини и бодликава жица во знак на солидарност со жителите на Газа.
“Витлеем е порака. Тој не е град, тоа е порака за мир до целиот свет. Од ова свето место пренесуваме порака за мир… Стоп за војната, прекинете го крвопролевањето, убиствата и одмаздата”, о. – рече Ибрахим Фалтас на бдението.
Христијаните сочинуваат околу 2 отсто од населението низ Израел и окупираните палестински територии, според здружението Христијани за заштита на Светата земја, кое е основано од поглаварите на црквите во Ерусалим, а има помал дел од христијаните во Газа исто така.
Војната предизвикана од нападите на Хамас врз израелските градови на 7 октомври, во кои Израел вели дека загинаа 1.200 луѓе, главно цивили, ги одврати повеќето од очекуваните странски туристи кои се надеваа да го прослават Божиќ во Витлеем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мажот кој се обиде да влезе во имотот на Трамп дигнал пушка во позиција за пукање пред агентите да го убијат
Маж на околу 20-годишна возраст бил убиен откако се обидел нелегално да влезе на имотот на Доналд Трамп во Флорида.
Обезбедувањето го забележало кај северната порта, носејќи пушка и канистер со бензин.
Агентите на тајните служби му наредиле да ги спушти предметите. Мажот го спуштил канистерот, но ја подигнал пушката во положба за пукање.
„Тогаш заменик-шерифот и двајцата агенти го застрелале и ја неутрализирале заканата. Мажот починал на лице место“, кажа Рик Бредшо, шериф на округот Палм Бич.
Сè уште не е јасно колку куршуми биле испукани, а шерифот рече дека тоа е дел од истрагата.
Во моментот, Доналд Трамп бил во Белата куќа, а неговата сопруга Меланија била со него.
Допрва ќе бидат објавени повеќе детали за идентитетот на осомничениот поврзан со инцидентот.
Портпаролот на Тајната служба, Ентони Гуглиелми, изјави дека осомничениот е од Северна Каролина. Неговото семејство го пријавило како исчезнат пред неколку дена.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.

