Свет
Му се суди на синот на американскиот претседател, Хантер Бајден: „Се дрогирал на секои 20 минути“
Хантер Бајден, син на американскиот претседател, одговара на обвинувањата дека лажел оти не е зависник од дрога кога го пополнувал формуларот за купување оружје од 2108 година.
Поранешната девојка на Хантер Бајден пред поротата изјави дека тој злоупотребувал крек-кокаин на секои 20 минути кога тие првпат се сретнале.
На синот на американскиот претседател му се суди во Вилмингтон, Делавер, под обвинение дека поседувал огнено оружје додека наводно користел наркотици.
Зои Кестан, која го запознала Бајден (54) додека „танцувала во џентлменски клуб“ во Њујорк, пред судот изјавила дека често вадел готовина за зделки со дрога.
Ова е прво кривично судење на синот на актуелниот американски претседател, Џозеф Бајден.
Тој е обвинет дека свесно ги лажел федералните истражители на 12 октомври 2018 година кога рекол дека не бил зависник од дрога за да купи револвер и муниција во продавница за оружје во Вилмингтон, како и дека нелегално поседувал пиштол 11 дена.
Доколку биде прогласен за виновен по сите три точки од обвинението во овој случај, Хантер Бајден може да се соочи со затворска казна до 25 години.
Тој се изјасни за невин, а неговиот адвокатски тим вели дека закрепнувал во моментот кога го купил пиштолот.
Обвинителството повика повеќе сведоци, меѓу кои Хали Бајден, поранешната партнерка на Бајден, и вдовицата на неговиот брат, полицајци од Делавер, агенти на американската Администрација за борба против дрога (ДЕА) и форензичар.
Обвинителството се обидува да докаже дека Хантер Бајден, кој напишал мемоари за зависноста од дрога, злоупотребувал крек-кокаин во времето кога го купил пиштолот.
Во средата, маќеата на обвинетиот, првата дама на САД, Џил Бајден, повторно беше на суд.
Во пресрет на судењето Џозеф Бајден му даде целосна поддршка на својот син.
„Јас сум претседател, но сум и татко“, рече претседателот Џо Бајден.
„Како претседател нема да коментирам за овој случај, но како татко имам безгранична љубов кон мојот син, доверба во него и почит кон неговата сила“.
Кестан детаљно опиша како Хантер Бајден редовно се дрогирал за време на нивната врска.
Првиот ден кога се сретнаа во џентлменскиот клуб во декември 2017 година, таа рече дека тој почнал да пуши крек „во рок од 10-ина минути“.
Ова се повторило за време на нивната забава во луксузните хотелски апартмани во Њујорк, Њу Џерси и Калифорнија.
Таа рече дека Бајден „сакал да зема крек веднаш штом ќе се разбуди“.
Кестан исто така рече дека го видела како пуши крек во Малибу, Калифорнија, еден месец пред да го купи пиштолот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рејтингот на Трамп достигна ново најниско ниво
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува нова анкета.
Според анкета спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 проценти од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Истражувачите велат дека рејтингот на неодобрување од 60 проценти е највисок од нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Како што истакнуваат, ова е најниското ниво на поддршка во тековниот дел од неговиот втор мандат.
Рејтингот на претседателот би можел да игра клучна улога на претстојните среднорочни избори, на кои ќе се изберат претставници и сенатори во клучните федерални држави. Исходот би можел да го промени балансот на моќта во Вашингтон, бидејќи Републиканската партија се стреми да одржи тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Иако Трамп нема да биде директно на гласачкото ливче, изборите се сметаат за еден вид референдум за неговите перформанси.
Анкетата беше спроведена од 12 до 17 февруари меѓу 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од ±2 процентни поени.
Статистичарот и политички аналитичар Нејт Силвер минатата недела објави на својот блог „Силвер билтен“ дека рејтингот на одобрување на Трамп паднал на нето минус 15 поени, со 40,5 проценти одобрување и 55,5 проценти неодобрување, што исто така го означува најниското ниво од неговиот втор мандат. До недела, тој резултат малку се подобри на минус 13,6 поени.
Во исто време, анкетата од 5 до 8 февруари спроведена од Асошиејтед Прес и NORC на Универзитетот во Чикаго покажа дека Трамп има 36 проценти одобрување и 62 проценти неодобрување, нето минус 26 поени, што е изедначување на неговиот најнизок резултат во ноември со истиот анкетар.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешен шеф на ДЕА: За фаќањето на Ел Менчо заслужно е Мексико, а не Трамп и Америка
Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја преземат заслугата за вчерашната операција предводена од мексиканските сили, изјави поранешниот шеф на Агенцијата за борба против дрога на САД.
Синоќа насилството се прошири низ Мексико откако еден од најбараните мексикански нарко-босови, Ел Менчо, беше убиен во акција.
Во разговор за канадската CBC News, поранешниот висок функционер на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), Мајк Вигил, рече дека операцијата е спроведена со поддршка на американското разузнавање, но дека тоа не е победа што Вашингтон би можел да ја прогласи.
„Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да ја преземе заслугата за оваа операција, која е 100 проценти дело на Мексико… и тие ја заслужуваат целата заслуга“, рече Вигил.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Мексико мора „да ги зголеми напорите против картелите и дрогата“.
Вигил, исто така, оцени дека ликвидацијата на водачот на картелот Немесио Осегуеро Сервантес, познат како „Ел Менчо“, ќе предизвика психолошки превирања во неговата организација, бидејќи членовите го сметале за „непобедлив“.
фото/ЕПА
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА

