Свет
Навални, Грета Тунберг и Доналд Трамп меѓу предложените за Нобеловата награда за мир
Рускиот дисидент Алексеј Навални, Светската здравствена организација (СЗО) и младата активистка против климатските промени, Грета Тунберг, се дел од кандидатите номинирани од норвешките претставници за овогодинешната Нобелова награда за мир.
Според сознанијата на агенцијата „Ројтерс“, норвешките застапници ги предложиле Грета Тунберг, Навални и СЗО, како и нејзината програма „Ковакс“ која беше формирана за да се овозможи пристап до вакцините против Ковид-19 и на сиромашните земји каде што има ниски примања.
„Меѓу другите кандидати се Светлана Тихановскаја, Марија Колесникова и Вероника Цепкало, три Белорусинки истакнати во борбата за слободни избори преку мирен отпор“, рече норвешкиот предлагач Гејир Сигбјерн Тоскедал.
Меѓу останатите номинирани се и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, Северноатлантската алијанса (НАТО) и Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР).
Предлозите за номинација на истакнати поединци и организации можат да ги достават илјадници луѓе ширум светот, од парламентарни претставници до поранешни добитници, а овие номинации, кои завршуваат денеска (31 јануари), не значи дека ќе бидат поддржани од Нобеловиот комитет.
Норвешките застапници прогласуваат конечен победник секоја година од 2014, освен 2019, посочува Хенрик Урдал, директор на Институтот за мировни студии во Осло, и оценува дека тоа е навистина одлично.
Норвешкиот комитет за доделување на Нобелова награда, кој одлучува за добитникот, не ги коментира номинациите, чувајќи ги 50 години во тајност имињата на предлагачите и имињата на неуспешните кандидати.
Сепак, предлагачите имаат право да ги соопштат своите номинации пред јавноста. Добитниците на Нобеловата награда за 2021 година ќе бидат објавени во октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земав повисоки дози аспирин, затоа имам модринки
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека зема поголеми дози аспирин од оние што му ги препорачале лекарите, наведувајќи дека тоа е причината за видливите модринки на рацете, кои повторно покренаа прашања за неговото здравје во последните месеци.
„Велат дека аспиринот е добар за разредување на крвта, а јас не сакам густа крв да ми тече низ срцето. Сакам убава, ретка крв. Дали тоа има смисла?“, рече Трамп во интервју за „Волстрит Журнал“ (WSJ).
Американскиот претседател изјави и дека лекарите го советувале да зема помала доза, но дека тој зема поголема доза со години, истакнувајќи дека тоа може да предизвика модринки.
Во интервјуто, Трамп зборуваше и за медицинското снимање извршено во октомври, наведувајќи дека не станува збор за магнетна резонанца, туку за компјутеризирана томографија, која, според лекарите, е спроведена за да се исклучат кардиоваскуларни проблеми и дала добри резултати.
Претседателот, исто така, потврди дека има проблеми со оток на долниот дел од нозете, за што Белата куќа претходно објави дека е резултат на хронична венска инсуфициенција, како и дека не сака да носи компресивни чорапи или да се занимава со редовна физичка активност.
Кога беше прашан за ситуации кога изгледал поспан на јавни настани и за својот слух, Трамп одговори дека не заспива, но дека понекогаш ги затвора очите затоа што му е удобно, додека проблемите со слухот ги опиша како минимални.
Според CNN, интервјуто се смета за еден од најобемните разговори што Трамп ги имал со новинарите за неговото здравје, во време на зголемено внимание на јавноста поради неговата возраст, способноста за извршување на своите должности и транспарентноста во врска со медицинските податоци.
Модринки на неговата десна рака се забележани и претходно, но тие добија дополнително внимание откако се обиде да ги покрие со шминка и завои.
Личниот лекар на Трамп, Шон Барбабела, изјави за WSJ дека тој зема 325 милиграми аспирин дневно.
Медицинските експерти наведуваат дека аспиринот го намалува згрутчувањето на крвта, но го зголемува ризикот од крварење, поради што секојдневната употреба кај постарите лица се препорачува сè помалку во последните години.
Професорот по медицина од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Џонатан Рајнер, оцени дека презентираните информации покренуваат повеќе прашања отколку одговори, наведувајќи дека е невообичаено една таблета аспирин дневно да предизвика такви модринки, пренесува Танјуг. Барбабела, од друга страна, рече дека Трамп „останува во исклучителна здравствена состојба“, нагласувајќи дека медицинските наоди покажуваат одлично метаболичко и кардиоваскуларно здравје.
Свет
Словачкиот министер за одбрана: Украина никогаш нема да се приклучи на НАТО
Словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак изјави за словачката новинска агенција „TASR“ дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО и остро ги критикуваше постапките на групата земји што ѝ помагаат на Украина.
Според него, Европската Унија не треба да се меша во прашањата за колективна одбрана бидејќи оваа работа треба да остане во надлежност на НАТО. Тој верува дека постоењето на два командни системи не може да обезбеди ефикасна одбрана.
Калињак, исто така, предупреди дека евентуалната заедничка европска армија би претставувала важен чекор кон федерализација на Европа. „Или сме во НАТО и тогаш не ни треба, или сме во Европа“, рече тој.
Тој го повтори својот став дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО и додаде дека ќе има проблеми и со приклучувањето кон Европската Унија. Калињак рече дека коалицијата не направила ништо конкретно. „Дали испратила војници? Не. Секако дека не“, нагласи тој.
Свет
Швајцарскиот претседател за пожарот: Драма од невидени размери, животите особено на младите, беа брутално прекинати
Швајцарскиот претседател Гај Пармелен денес изјави дека пожарот што избувна во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ е една од најлошите трагедии што ја погодиле таа земја, а командантот на кантоналната полиција Фредерик Жизле рече дека околу четириесет лица загинале во пожарот, а 115 се повредени.
„Тоа е драма од невидени размери. Животите на многумина, особено на младите, беа брутално прекинати“, рече Пармелен, според швајцарскиот весник „Темп“.
Тој ги пофали швајцарските кантони за нивната мобилизација за помош и солидарност, а им се заблагодари и на соседните земји кои понудија помош, пред сè на Германија, Италија и Франција.
Тој оцени дека станува збор за „страшен контраст“, бидејќи трагедијата се случила во одморалиште посветено на забава.
Пармелен изјави дека знамињата во Федералната палата ќе бидат спуштени на половина копје во следните пет дена.
Претседателот на Државниот совет, Матија Ренар, изјави дека ќе биде потребно долго време за да се идентификуваат телата на жртвите.
Претседателот на Кран-Монтана, Никола Феро, им вети на семејствата на жртвите поддршка од таа општина.
Сите повредени беа згрижени, првенствено во Лозана и Цирих, со тешки изгореници.
„Темп“ објави дека веројатно ќе биде побарана помош од болниците во Италија и Франција.
Приоритет, како што беше наведено на денешната прес-конференција, ќе биде идентификацијата на мртвите.
Властите веруваат дека меѓу загинатите има луѓе од различни националности, но официјалните лица велат дека ќе бидат потребни недели за да се идентификуваат.
Голем број странски туристи беа меѓу повредените во пожарот.
Медиумите известуваат дека повеќето од присутните гости биле на возраст меѓу 15 и 20 години.
Полицијата потврди дека не станува збор за терористички напад, а засега властите не ги коментираат наводите за можните причини за пожарот.

