Свет
Над 100 затвореници побегнале од затвор за време на молитва

Околу 113 осуденици побегнале од затвор во западна Индонезија откако го совладале чуварот за време на молитва, соопшти полицијата.
Бегството на 113 лица се случило синоќа кога сите 720 затвореници биле пуштени од келиите за да учествуваат во вечерната молитва. Полицијата наведува дека бегалците, главно осудени за дела со наркотици, очигледно планирале бегство, пренесе АП.
Затворениците ја пробиле жичената ограда со тегови и метални шипки и избегале преку оризово поле. Во инцидентот е повреден чуварот, а фатени се најмалку 26 затвореници. Полицијата трага по другите.
Бегствата од затворите во Индонезија се чести. Минатата година повеќе од 440 осуденици побегнале од затоворот, исто така за време на молитва, додека во 2013 година за време на бунт побегнале околу 240 затвореници, меѓу кои биле и неколку осуденици за тероризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кина ѝ испраќа разузнавачки податоци на Русија за попрецизни напади врз Украина, вели украински разузнавач

Кина испраќа разузнавачки податоци до Русија за Москва да може да врши попрецизни ракетни напади врз цели во Украина, изјави Олех Александров, функционер на Службата за надворешно разузнавање на Украина, за новинската агенција „Укринформ“.
– Постојат докази за соработка меѓу Русија и Кина на високо ниво во спроведувањето сателитско набљудување на украинската територија со цел идентификување и понатамошно истражување на стратешки цели за гаѓање – изјави Александров.
Зеленски во април изјави дека Кина ја снабдува Русија со оружје и барут. Тој исто така изјави дека неговата влада има разузнавачки информации дека Кина произведува оружје на руска територија.
Свет
Групата Г7+ одржа итен состанок за помош на Украина по новите руски напади на енергетската инфраструктура

Групата Г7+, која беше формирана за координација и мобилизирање помош за Украина, одржа итен состанок по иницијатива на Министерството за енергетика на Украина. Причина за состанокот беа најновите масовни напади на Русија врз украинската енергетска инфраструктура, што дополнително ги влоши условите во земјата.
На состанокот присуствуваа повеќе од 100 претставници од земји и меѓународни организации, вклучувајќи ги САД, Канада, Германија, Франција, Холандија, Европската комисија, УНДП, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и Секретаријатот на Енергетската заедница, соопшти Министерството за енергетика на Украина, пренесува Перши канал на украинскиот јавен сервис.
Украинската страна ги информираше меѓународните партнери за последиците од најновите руски напади, кои целеле на критична инфраструктура, вклучувајќи објекти во нафтениот и гасниот сектор. Заменик-министерот за енергетика, Роман Андарак, истакна дека со интензивирањето на руските напади, потребата од мобилизирање меѓународна поддршка е уште поголема.
„Мора да продолжиме да користиме ефикасни механизми кои веќе се покажаа како успешни за брзо обезбедување помош“, изјави Андарак.
Во текот на состанокот, беше нагласено дека приоритетните потреби на Украина вклучуваат брзо обновување на оштетената инфраструктура, како и обезбедување на дополнителни количини гас, енергетска опрема за поправки и реконструкција, и унапредување на физичките и воздушните одбранбени системи на земјата.
Претставниците на Г7+ ја потврдија својата поддршка за Украина и се согласија да одржат дополнителен состанок во блиска иднина за понатамошна координација на заедничките активности.
Групата Г7+ за енергетика во Украина беше формирана во ноември 2022 година со цел координирање на меѓународната помош во обновата и заштитата на украинската енергетска инфраструктура. Нејзиниот состав вклучува земјите-членки на Г7, Европската унија, како и други меѓународни организации како Светската банка, ЕБОР и УНДП.
Свет
САД ќе им нудат на тинејџерите мигранти 2.500 долари за доброволно враќање дома

Владата на САД планира да понуди 2.500 долари парична помош за тинејџерите мигранти кои доброволно ќе одлучат да се вратат во своите матични земји, јавува Си-Би-Ес њуз.
Во известувањето испратено од Министерството за здравство и социјална заштита во петокот, се наведува дека Министерството за внатрешна безбедност на САД ќе обезбеди еднократна помош „заради реинтеграција“ на мигранти без придружба, постари од 14 години, кои ќе одлучат доброволно да се вратат во нивната земја на потекло.
Оваа понуда се однесува исклучиво на малолетници кои се под надлежност на Канцеларијата за бегалци при Министерството за здравство, која е законски обврзана да ги смести во прифатилишта, згрижувачки семејства и други институции додека не наполнат 18 години или не им се најде соодветен старател.
Децата од Мексико не се опфатени со оваа мерка.
Според американските власти, повеќето малолетници кои сами ја преминале границата доаѓаат од Централна Америка без родители или законски старатели.
Доброволното враќање е посебен правен процес што мора да го одобри судија за имиграција, а грантот од 2.500 долари се исплаќа дури откако апликацијата ќе биде одобрена и детето ќе пристигне во својата земја.
Службата за имиграција и царина (ICE) вели дека програмата првично ќе им биде понудена на 17-годишници.
Оваа мерка е дел од пошироката стратегија на администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, насочена кон намалување на бројот на мигранти во САД, и преку присилни и доброволни депортации.