Свет
„Наместо да снимаат, можеле да ја спасат“: потресни зборови на мајката на девојчето што се удави со својата другарка
Во неделата од надојдената река кај Удине во Италија беа извлечени телата на две девојчиња од Балканот, кои во петокот ги однесе поројот.
Потрагата трае веќе четврти ден, а италијанските медиуми ги пренесоа шокантните зборови на мајката на една од жртвите.
Мајката на Патриша Кормос (20), чие тело беше пронајдено на речиси километар од местото на кое последен пат беше видена како се гушка со својата пријателка Бјанка и со Кристијан, е неутешна по смртта на ќерка си.
Таа им се обрати и на луѓето што ја гледаа драматичната сцена од мостот и пријателките што се гушкаат, чии снимки го расплакаа регионот.
„Наместо да снимаат, можеле да ја спасат“, рекла неутешната мајка.
Таа истакнала дека ќерка ѝ неколкупати повикала помош.
„Ги оставила своето име, адресата, им рекла: Јавете ѝ се на мама“, рекла неутешната мајка.
„Најмногу ме боли тоа што сите ги фотографираа и снимаа и никој не ги спаси. Никој. Можеби можеа да ги спасат. Не е најважно да се направи видео“, рекла мајката на Патриша.
Првпат по петочната драма, мајката на Патриша излезе со соопштение.
„Таа беше ангел, учеше и работеше. По испитот на факултет во петокот наутро, ми кажа дека е многу добро, дека знае сè“, рекла мајката.
Медиумите потсетуваат дека тројцата млади луѓе исчезнаа во петокот околу 14 часот. Наводно се фотографирале покрај реката кога нивото на водата наеднаш почнало да расте. Кога водата стигнала до нивните глуждови и колена, тие се прегрнале и чекале помош надевајќи се дека ќе може да се справат со силата на реката.
Спасувачите не успеале да ги извлечат, а младите исчезнале во поројот. Видеото од нивната последна прегратка го обиколи регионот.
Во меѓувреме била пронајдена чантата на Патриша, а внатре ѝ бил телефонот.
Во близина е пронајден автомобил со романски регистарски таблички, а медиумите објавија дека исчезнале млади луѓе од Романија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Центарот за кожни заболувања во Лозана работи со полн капацитет за да им помогне на пациентите од пожарот во Кран-Монтана
По смртоносниот пожар во ноќен клуб во Кран-Монтана, во кој голем број луѓе претрпеа тешки изгореници, Центарот за производство на клетки на кожата на Универзитетската болница во Лозана (CHUV), единствен од ваков обем во Европа, работи со полн капацитет за да им помогне на повредените, објавија денес швајцарските медиуми.
Седум пациенти со тешки изгореници од Кран-Монтана моментално се лекуваат во оваа болница.
„Приоритет е да им се помогне на овие пациенти колку што е можно повеќе“, рече експертот на центарот Лоран Карез, пренесува Svis info.
Според него, од несреќата во Кран-Монтана, во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, од кои десетици се уште се хоспитализирани, центарот работи седум дена во неделата.
Овој центар, единствен способен да произведува такви количини на кожно ткиво, почитувајќи го швајцарското и европското законодавство, работи со парчиња здрава кожа земени од повредените во Кран-Монтана за да се избегне ризикот од отфрлање.
„Од 10 квадратни сантиметри здрава кожа, можеме да произведеме помеѓу една и три серии од по 2.600 квадратни сантиметри, што претставува приближно површината на грбот“, објасни Карез, истакнувајќи дека ова телесно ткиво, произведено со репродукција на клетки, дури и не содржи мали потни жлезди.
До денес, центарот примил 15 барања за трансплантација на кожа поврзана со пожарот во Кран-Монтана, додека нормално произведува трансплантати за околу 20 пациенти годишно.
Специјалистот за тешки изгореници, Оливие Панте, рече дека овој центар игра многу важна улога затоа што „кога 50 до 60 проценти од површината на телото е изгорена, кожата мора да се одгледува во лаборатории, бидејќи тоа едноставно не може да се направи со користење на преостанатата здрава кожа“.
Како што изјави, успехот на трансплантираната кожа не е секогаш загарантиран.
„Ако трансплантираната кожа се добие во 80 проценти од случаите, ние сме многу задоволни, бидејќи тоа е одличен резултат“, рече Панте.
Свет
Захарова: Заканите на САД кон Куба се неприфатливи, киднапирањето на Мадуро е нелегално
Москва е загрижена за ескалацијата на ситуацијата околу Куба и го смета јазикот на уцена од страна на САД против таа земја за неприфатлив, изјави денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Секако, внимателно ја следиме ситуацијата во Латинска Америка и Карипскиот регион и секако ја изразуваме нашата загриженост за растечките тензии, ескалацијата и агресивната реторика, вклучително и онаа против нашата пријателска република Куба“, рече таа на брифинг за медиумите, пренесува Интерфакс.
Според неа, Русија е посветена на решавање на сите меѓудржавни конфликти со политички и дипломатски средства.
„Убедени сме дека јазикот на уцени и закани е едноставно неприфатлив.
Особено кога се применува на Островот на слободата, неговиот народ и неговата влада, кои со децении страдаа од сите ужаси на нелегитимни и нелегални санкции, кои навистина се запишаа во историјата како „блокада“.
Се надеваме дека прагматизмот и здравиот разум на крајот ќе победат“, рече Захарова, коментирајќи ги изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Куба.
Захарова, исто така, нагласи дека сите одлуки на американскиот суд против венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој беше заробен од американските сили и изнесен од земјата претходно овој месец, ќе бидат нелегални, бидејќи, како што изјави таа, тој „ужива апсолутен имунитет од јурисдикцијата на САД, исто како и секоја друга земја“.
„Самиот факт за киднапирањето и притворањето на Николас Мадуро грубо ги крши меѓународните правни обврски на Соединетите Американски Држави. И евентуалните шпекулации дека Николас Мадуро наводно престанал да ги извршува своите претседателски овластувања и затоа го изгубил имунитетот не можат да се земат предвид“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, пренесува Танјуг.
Таа истакна дека Мадуро е отстранет од функцијата „како резултат на нелегална воена операција“ од страна на Соединетите Американски Држави.
Свет
(Видео) „Не знаеме дали има луѓе под урнатините“: голем пожар по експлозија во зграда во Холандија, има повредени
Неколку лица се повредени откако голема експлозија предизвика пожар во зграда во центарот на Утрехт, еден од најголемите градови во Холандија.
„Неколку згради се урнаа по експлозијата. Четири лица се повредени и се однесени во болница на лекување“, објавија локалните власти на нивната веб-страница.
„Не сме сигурни дали сè уште има луѓе заробени под урнатините. Полицијата работи напорно на истрагата“, рече градоначалничката Шерон Дијксма.
NOW: Explosion in Utrecht, Netherlands, caused widespread destruction. pic.twitter.com/w9OvurJKmo
— OSINT Spectator (@osint1117) January 15, 2026
Локалните власти соопштија дека имало голема штета во овој густо населен дел од градот, додавајќи дека причината за експлозијата сè уште е непозната.
Жителите кои морале да ги напуштат своите домови од безбедносни причини биле сместени во хотел во близина.
Фото: ЕПА

