Свет
Нападнат ирански товарен брод закотвен крај Јемен
Иран потврди дека неговиот товарен брод МВ Савиз, закотвен на крајбрежјето на Јемен во Црвеното Море, бил нападнат и претрпел мала штета. Според Техеран, пловниот објект се користел како логистички центар за операции против пиратството, пренесува РТ.
Техеран го потврди нападот на МВ Савиз во вторникот, а Министерството за надворешни работи на земјата изјави дека претрпел само „мала штета“ за време на инцидентот.
„Експлозијата се случи во вторникот наутро во близина на брегот на Џибути и предизвика мала штета без жртви. Бродот беше цивилен и е стациониран таму за да го обезбеди регионот против пиратите“, рече портпаролот на иранското МНР, Саид Хатибзаде.
Портпаролот рече дека бродот бил користен како логистички центар за операции против пиратерија во Црвеното Море и Аденскиот Залив. Регионот е жариште на поморското пиратство, а пиратите од Сомалија постојано напаѓаат трговски пловни објекти и ги заробуваат за откуп.
Нападот во моментов е под истрага, рече Хатибзаде. Досега, Иран се воздржуваше од префрлање вина за нападот врз кој било ентитет или земја.
Инцидентот прво беше пријавен од медиумите во вторникот, а повеќе медиуми посочија кон Израел и го опишаа чинот како одмазда за претходните напади врз израелските пловни објекти за кои беше обвинуван Техеран.
Израел и Саудиска Арабија долго време тврдат дека МВ Савиз е „шпионски брод“ што го користат елитните сили на ИРГЦ како напредна база во регионот. Не беше веднаш јасно што точно удрило во бродот, а повеќето извештаи кои укажуваат на тоа дека станува збор за магнетна мина, а некои тврдат дека бројот бил торпедиран.
Инцидентот е последен во низата мистериозни напади врз товарни бродови и танкери што го мачат регионот со месеци и се интензивираа на почетокот на годинава. Кон крајот на февруари израелскиот брод „Хелиос Реј“ беше нападнат во Оманскиот Залив.
Во средината на март иранскиот товарен брод „Шахр-е Корд“ доживеа мала експлозија додека беше во Средоземното Море. Подоцна истиот месец, товарниот брод „Лори“ во сопственост на Израел, наводно, бил оштетен во сомнителен ракетен напад додека пловел во Арапското Море.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Погоден е аеродромот во Кувајт, гори хотел во Дубаи
САД и Израел го нападнаа Иран утрово. Најмалку три експлозии се слушнаа во Техеран, главниот град на Иран, а беа погодени и голем број други ирански градови.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, тврди дека нападот ќе ја прекине безбедносната закана за САД и ќе им понуди на Иранците можност да ги соборат своите владетели. Израелската влада прогласи вонредна состојба поради очекуваната иранска одмазда со беспилотни летала и балистички ракети.
Иран одговори со испукување ракети кон Израел, соопшти израелската војска. Иран, исто така, изврши напади врз американски воени објекти во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Катар…
Се очекува говор на ајатолахот Али Хамнеи, објави Би-Би-Си, наведувајќи дека неговиот говор наскоро ќе биде емитуван. Не е јасно дали тоа ќе биде снимена порака или иранскиот врховен лидер ќе зборува во живо. Неговото моментално место на живеење е непознато. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, тврди дека, доколку тој знае, ајатолахот е жив, а Ројтерс претходно објави дека е префрлен од Техеран на „безбедна локација“.
Израелската војска во саботата попладне објави дека изведува нови напади врз ирански ракетни лансери, како дел од заедничкиот напад со САД врз Иран, додека Техеран, исто така, објави дека изведува нов бран напади врз американски цели во регионот.
Израелските воздухопловни сили „започнаа со прелети и моментално напаѓаат ракетни лансери во Иран за да спречат закана за Државата Израел“, се вели во краткото воено соопштение.
Пожар избувна пред луксузниот хотел „Фермонт Палм“ во Дубаи. Пожарот наводно бил предизвикан од остатоци што паднале од небото за време на ирански ракетен напад, а автентичноста на снимката ја потврди „Скај њуз“.
Fairmont Dubai Palm on fire. Heard loud explosion, stay safe pic.twitter.com/HLo8oS6dSc
— Alex | The Modern Freelancer (@alex_tfmg) February 28, 2026
Свет
Нов бран напади против иранските ракетни фрлачи почнаа израелските воздухопловни сили
Израелските воздухопловни сили спроведуваат нов бран воздушни напади против иранските балистички ракетни фрлачи, соопшти ИДФ.
– Воздухопловните сили почнаа операција и во моментов ги напаѓаат ракетните фрлачи во Иран за да ги отстранат заканите за државата Израел – се вели во соопштението на војската што го пренесе Тајмс оф Израел.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.

