Свет
Напаѓачот што беше ранет пред Белата куќа е обвинет за напад врз полицаец

Педесет и едногодишниот жител на Мериленд, кој во понеделникот вечерта беше застрелан од Тајната служба во близина на Белата куќа, е обвинет за напад врз полицаец, пренесува „Њујорк пост“.
Мајрон Беримен го принуди американскиот претседател, Доналд Трамп, да ја прекине прес-конференција кога нападна агент на Тајната служба пред Белата куќа тврдејќи дека има оружје, се вели во соопштението на Тајната служба.
Беримен е хоспитализиран со критични повреди кога беше застрелан еднаш во торзото кога клекнал во позиција на стрелец како да се подготвува да извади оружје, објаснува федералната агенција.
„Осомничениот му пријде на агентот и му рече дека има оружје. Осомничениот потоа се сврте, истрча агресивно кон полицискиот службеник и извлече предмет под облеката“, се вели во полицискиот извештај.
Но, на местото на настанот не е откриено оружје.
Полицијата се обидува да процени дали Беримен има историја на ментално заболување бидејќи се обидуваат да го откријат мотивот за нападот. Беримен пред пукањето извикувал дека ќе убие луѓе.
За време на пукањето, агентите на Тајната служба го повлекоа Трамп од салата за брифинг, каде што новинарите кусо време беа затворени додека повеќе агенти го опколија Западното крило. Трамп набргу се врати на брифингот потврдувајќи дека, за жал, имало пукање и ги пофали своите агенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Захарова: Русија и Кина се борат да го зачуваат историското сеќавање на Втората светска војна

Русија и Кина се борат да го зачуваат историското сеќавање на херојските дела на своите народи во Втората светска војна, додека Западот се стреми да ја преработи историјата за целосно да го промени светот.
Ова го изјави официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во интервју за руско-кинескиот културен центар.
Дипломатот истакна дека од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, само Руската Федерација и Кина се борат за зачувување на историската вистина за Втората светска војна, додека другите земји, дури и оние што беа дел од антихитлеровската коалиција, „или самите заборавиле сè или сакаат Русија и Кина да заборават сè“.
„Кој од овие петмина воопшто се бори за историско сеќавање? Само две од нашите земји – Русија и Кина. Тоа е вистина. Бидејќи три земји – САД, Франција и Велика Британија – се борат за токму спротивното, за препишување на оваа историја“, забележа Захарова.
Таа истакна дека секоја година има сè помалку ветерани, преживеани од опсадата и сведоци на ужасните настани од Втората светска војна, па затоа „западот сака да го искористат овој момент“ за да ги предадат резултатите од војната на заборав.
„И после ова, кога нема да остане ниту еден жив сведок, ниту еден, тие имаат намера целосно да ја преработат историјата, целосно да ги урнат спомениците на територијата на своите земји, целосно да го преработат светот“, нагласи Захарова.
Според неа, резултатот од ваквите акции ќе биде враќање „во времето на империјализмот, колонијализмот, но едноставно на ново ниво“.
„И ова, за жал, не е нов врв, туку ново дно“, заклучи Захарова.
Свет
Трамп: На корумпираните демократи им пречи бесплатниот авион

Владата на американскиот претседател Доналд Трамп има намера да прифати авион „Боинг 747-8“ како подарок од катарското кралско семејство, кој би послужил како претседателски авион „Ер Форс Уан“, изјави за „Ројтерс“ извор запознаен со прашањето.
Тој луксузен авион би бил еден од највредните подароци што владата на САД некогаш ги добила. Новиот комерцијален 747-8 чини приближно 400 милиони долари.
Трамп се чини дека е подготвен да го прифати подарокот од Катар. Во неделата, тој објави на социјалните мрежи: „Значи, фактот што на Министерството за одбрана му се подарува, бесплатно, авион 747 за привремена замена на 40-годишниот „Ер Форс Уан“, во многу јавна и транспарентна трансакција, толку многу ги вознемирува корумпираните демократи што инсистираат да платиме најмногу долари за авионот. Демократите се губитници од светска класа!!!“.
Демократите и многу експерти велат дека е неетички и веројатно неуставно да се прифати таков подарок.
„Не е само поткуп, туку е и врвно странско влијание…“ рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, на социјалните мрежи.
Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа, изјави дека секој подарок од странски влади секогаш е прифатен во целосна согласност со сите важечки закони и дека администрацијата на Трамп е посветена на целосна транспарентност.
Портпаролот на Катар, Али Ал-Ансари, сепак изјави дека евентуалното донирање на авионот сè уште се разгледува и дека не е донесена никаква одлука.
Трамп оваа недела патува на турнеја низ арапските земји, што ќе вклучува и посети на Катар.
Свет
Зеленски согласен в четврток во Истанбул да се сретне со Путин за крај на војната

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, е согласен в четврток во Истанбул да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговараат за крај на војната.
Американските медиуми јавија дека согласноста на Зеленски доаѓа по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп тој да ја прифати понудата од Путин за директни преговори.
Путин и Зеленски немаат направено директна комуникација од почетокто на војната во февруари 2022 година.
Пред да се согласи на директна средба, Зеленски кажа дека Украина е подготвена за преговори со Русија, но под услов Путин да прифати 30-дневно примирје.
„Чекаме целосен и траен прекин на огнот, почнувајќи од утре, за да се обезбеди потребната основа за дипломатија. Нема смисла да се продолжува со убивањето. И ќе го чекам Путин во Турција в четврток. Лично. Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат изговори“, рече Зеленски.
По оваа изјава на Зеленски, американскиот претседател Трамп му се обрати преку социјалните мрежи му порача дека средбата мора да се одржи оти Путин не сака да преговара за прекин на огнот со Украина туку сака средба во четврток во Истанбул на која ќе преговараат за крај на крвопролевањето.
Путин пак, по ултиматумот, одговори дека Украина ги кршела досегашните примирја, но и покрај тоа предложи да се сретнат на разговори во Истанбул, овој четврток. Тој кажа дека се подготвени на разговорите да ги решат основните причини за конфликтот со Украина.