Свет
„Народот во Газа нема каде да оди“: aлармантна ситуација на Блискиот Исток, Израел спроведува операции и на југот на енклавата

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека жителите на Појасот Газа на кои им е наредено да се евакуираат немаат каде безбедно да одат и ја повтори потребата од непречена и континуирана испорака на хуманитарна помош.
Генералниот секретар ги повикува сите страни да ги почитуваат своите обврски од меѓународното хуманитарно право, се вели во изјавата на Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
ОН продолжуваат да апелираат до израелските сили да избегнат понатамошни дејствија кои би ја влошиле и онака катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа и да ги поштедат цивилите од дополнително страдање.
Цивилите, вклучително и здравствените работници, новинарите и персоналот на ОН, како и цивилната инфраструктура мора да бидат заштитени во секое време, се нагласува во соопштението.
Се додава дека генералниот секретар е исто така сериозно загрижен за ескалацијата на насилството на Западниот Брег, вклучително и интензивирањето на израелската операција, големиот број смртни случаи и апсења, зголемувањето на насилството меѓу доселениците и нападите на Палестинците врз Израелците.
Генералниот секретар го повтори повикот за одржлив хуманитарен прекин на огнот во Газа и безусловно и итно ослободување на сите преостанати заложници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бројот на загинати во Газа надмина 50.200

Најмалку 25 Палестинци загинаа во израелските воздушни напади врз Појасот Газа, со што вкупниот број на жртви од израелската офанзива од октомври 2023 година се искачи на 50.208, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Во соопштението се наведува дека во последните 24 часа во болниците биле примени уште 82 ранети лица, со што бројот на повредени во израелските напади достигна 113.910.
„Многу загинати сè уште се заробени под урнатините и на улиците, бидејќи спасувачките екипи не можат да им пристапат“, се додава во извештајот на Министерството.
Израелската војска на 18 март изврши изненаден воздушен напад врз Појасот Газа, во кој загинаа 855 лица, а речиси 1.900 се повредени, и покрај прекинот на огнот и договорот за размена на затвореници што беше постигнат во јануари.
Регион
Додик се сретна со Нетанјаху

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска во Ерусалим се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Додик го поздрави и разговараше со израелскиот премиер Нетанјаху, кој е говорник на Меѓународната конференција за борба против антисемитизмот, на која присуствува и претседателот на Република Српска, пренесува РТРС.
Претходно на конференцијата Додик зборуваше за пораките за поддршка од Република Српска за Израел и рече дека високиот претставник за Босна и Херцеговина Кристијан Шмит се обидел да го спречи неговото доаѓање на конференцијата.
Свет
Ватикан: Папата Франциско продолжува да ја води црквата, но можеби не како пред болеста

Папата Франциско ќе продолжи да ја води Католичката црква, но можеби не на ист начин како пред здравствената криза поради која беше во болница 38 дена, изјави денеска државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин.
Тој рече дека постојано добива пораки од верниците кои се молат за здравјето на папата и способноста да продолжи со својата работа, пренесува Анса.
„Можеби не како порано, ќе треба да најдеме различни начини, но начин на кој тој сепак ќе може да го направи тоа“, рече Паролин.