Свет
НАТО цели кон зголемување на бригдите за околу 50 отсто, тврди воен претствник
НАТО ќе побара од Германија да обезбеди уште седум бригади, односно околу 40.000 војници, за одбрана на Алијансата, во рамките на новите цели за вооружување и бројот на војници за кои министрите за одбрана на земјите-членки ќе се договорат следната недела, пренесува Ројтерс повикувајќи се на извори.
Неименуван висок воен претставник рече дека целта на земјите-членки на НАТО во иднина ќе биде да обезбедат меѓу 120 и 130 бригади.
Тоа би значело зголемување за околу 50 отсто во однос на сегашната цел од околу 80 бригади, вели изворот.
Портпаролот на Министерството за одбрана во Берлин рече дека не може да потврди какви одлуки ќе донесат министрите за одбрана на НАТО следната недела, како и лидерите на НАТО на самитот во Холандија на крајот на јуни.
„Покрај тоа, целите на планирањето и капацитетот на силите на НАТО се доверливи од безбедносни причини“, додаде портпаролот.
НАТО не одговори веднаш на барањата за коментар. Во 2021 година, Германија се согласи да обезбеди десет бригади единици, кои обично броjат околу 5.000 војници, за НАТО до 2030 година, а моментално има осум бригади и гради деветта во Литванија, која ќе биде готова од 2027 година.
Се проценува дека обезбедувањето дополнителни 40.000 активни војници ќе биде голем предизвик за Берлин, бидејќи германските вооружени сили, Бундесверот, сè уште не ја исполниле целта од 203.000 војници поставена во 2018 година, а според податоците на германското Министерство за одбрана, моментално имаат недостиг од околу 20.000 редовни војници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон ја повика ЕУ да продолжи со усвојување нови санкции против Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денес ја повика Европската Унија да продолжи со усвојување нови санкции против Русија, кои Унгарија ги блокираше, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија. Мора да продолжиме со усвојување на 20-тиот пакет санкции на ЕУ“, рече Макрон во Париз на заедничка прес-конференција со неговиот фински колега Александар Стaб.
Финскиот претседател рече дека руската офанзива е стратешки, воен и економски неуспех на рускиот претседател Владимир Путин.
„Лидерот на Кремљ не сакаше НАТО да се прошири, а Финска и Шведска се приклучија на тој сојуз“, рече Стаб, додавајќи дека тоа е и воен неуспех за Путин бидејќи губи многу војници.
Шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, денес, по пристигнувањето на состанокот во Брисел, изјави дека е убеден дека 20-тиот пакет санкции ќе биде усвоен.
„Прашањето не е дали ќе биде усвоен. Ќе биде, тоа е сигурно. Но, кога ќе биде усвоен, секој мора да ги почитува своите обврски“, изјави Баро пред новинарите пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Свет
Путин: Русија се бори за својата иднина, вистина и независност
Русија се бори за својата иднина и независност, за вистина и правда, изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на доделувањето на државните награди на Хероите на Русија во Кремљ.
„Денес во Кремљ не се собираат само професионалци со огромно искуство и беспрекорна обука. Тоа се команданти кои од самиот почеток на воената операција се бореле заедно со своите војници, споделувајќи ги сите искушенија со своите другари. Тоа се луѓе со цврсти морални принципи и идеали, вистински патриоти на Русија“, рече Путин на церемонијата во Кремљ, пренесува РИА Новости.
Рускиот лидер истакна дека нивната храброст и решителност им помогнале успешно да извршуваат операции во најсложените области и насоки.
Денес, Русија го слави Денот на бранителите на татковината, а Путин им го честиташе празникот на војниците, заблагодарувајќи им се за нивната служба, лојалноста кон нивните заклетви и наследството на многу генерации предци.
Свет
Сибиха: Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник
Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, повикувајќи ги лидерите на тие земји да се вклучат во конструктивна соработка и да покажат „одговорно однесување“.
„Денес, на Советот за надворешни работи на ЕУ, повторив дека унгарските и словачките ултиматуми треба да бидат упатени само до Кремљ“, напиша Сибиха на својот профил на мрежата Икс.
Тој им се заблагодари на ЕУ и европските партнери за нивната поддршка на Украина, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин погрешно ја проценил состојбата во Европа.
„Путин целосно погрешно ја процени ситуацијата во врска со Украина. Русија се обиде да ја заплаши и подели Европа, но наместо тоа се соочи со невидено единство и нова европска сила која се вооружува и се шири. Ја нагласив подготвеноста на Украина да промовира мир и се залагав за поголемо европско учество во мировниот процес, истовремено истакнувајќи го лидерството на Соединетите Американски Држави“, рече Сибиха, пренесува Танјуг.
Според него, подготвеноста на Русија да ја заврши војната или да преземе сериозни чекори кон мир сè уште не е видлива.
„Повикуваме на зголемен притисок врз Москва. Потребна е целосна забрана за влез на учесници во руската агресија и нивните роднини“, рече Сибиха, додавајќи дека ЕУ треба да инвестира во украинската одбранбена индустрија.
Тој, исто така, повика на воведување на 20-тиот пакет европски санкции против Русија. „Исто така, треба да ја направиме 2026 година, година на успешно спроведување на програмата SAFE за заеднички одбранбени иницијативи и континуиран придонес кон иницијативата PURL на НАТО за критично американско оружје“, смета Сибиха.
Тој додаде дека Украина е подготвена да ги исполни сите услови за полноправно членство во ЕУ. „Пристапувањето на Украина, Молдавија и Западен Балкан претставува геополитичка, безбедносна и економска неопходност“, заклучи Сибиха.

