Свет
Најголемата австралиска сојузна држава пријави рекорден број на новозаразени
Австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс пријави најголем дневен број луѓе заразени со коронавирус, само еден ден откако карантинот во главниот град Сиднеј беше продолжен до 28 август.
Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Береџиклијан, рече дека во последните 24 часа до средата вечерта, биле регистрирани 239 локални случаи на 111.000 тестови.
Само 81 заразен бил во изолација за време на заразниот период, посочија локалните власти, а најмалку 66 заразени се движеле низ заедницата.
„Врз основа на тие бројки, можеме само да претпоставиме дека најверојатно работите ќе се влошат пред да се подобрат, со оглед на бројот на заразени луѓе во заедницата“, рече Береџиклијан во нејзиниот секојдневен брифинг за Ковид-19.
Главната здравствена службеничка во Нов Јужен Велс, Кери Чант, исто така потврди уште два смртни случаја поврзани со Ковид-19 и рече дека вкупно 13 луѓе починале од појавата на кластер кон средината на јуни во областа Бонди во источното предградие на Сиднеј.
Само еден ден порано, карантинот за Сиднеј и околината беше продолжен за четири недели, до крајот на август.
Австралија практично го елиминираше Ковид-19 минатата година благодарение на екстремно строгите правила, но сега ситуацијата е отежната поради бавната програма за вакцинирање во земјата.
Кампањата за вакцинација беше попречена од лошото снабдување со вакцнини од „Фајзер“ и спротивставените мислења за тоа кој треба да добие од вакцината на „Астразенека“.
Во Нов Јужен Велс, каде што од почетокот на пандемијата има пријавено 8.342 случаја на коронавирус, досега се нанесени околу 3,6 милиони дози вакцини.
Во земјата со 25 милиони жители, околу 33.400 случаи се потврдени на национално ниво, а повеќе од 920 лица починаа од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас: Израел ги враќа преговорите на почеток со измени на предлогот за прекин на огнот
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека Израел практично го отфрлил предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, откако на посредниците во преговорите им доставил амандмани на предлогот, со што преговорите се вратиле на самиот почеток.
Хамас соопшти дека ќе одржи консултации со палестинските фракции за да ја разгледа преговарачката стратегија, објави Ројтерс.
Индиректните разговори меѓу Израел и Хамас за договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците се чини дека се заглавени без очигледен напредок, бидејќи Хамас рече дека нема намера да се откаже од предлогот веќе отфрлен од Израел.
Свет
Најмалку 60 лица се повредени во судир на воз и локомотива во Буенос Аирес
Најмалку 60 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, соопштија локалните власти.
Пожарникарите, полицијата и брзата помош се на терен и помагаат да се префрлат повредените патници во болниците, објави Ројтерс.
Во судирот првиот вагон од патничкиот воз излета од шините и беше оштетен.
Свет
Најмалку 50 луѓе загинаа во поплавите во Авганистан
Најмалку 50 лица загинаа во Авганистан во поплави по обилните дождови во северната провинција Баглан, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Абдул Матен Кание.
Тој посочи дека бројот на жртви може да се зголеми, пренесе Ројтерс.
Кание рече дека има поплави во повеќе од пет области во Баглан по обилните дождови и на некои домаќинства им е потребна итна помош.
Тој додаде дека за вечерва се предвидуваат две силни невремиња.
„Министерството за внатрешни работи испрати екипи и хеликоптери во областа, но поради недостиг на светла за ноќно гледање во хеликоптерите, операцијата можеби нема да биде успешна“, рече тој.
Најмалку 33 лица загинаа, а 27 се повредени во силните поплави предизвикани од сезонските дождови во средината на април во Авганистан.
Поплави во април го погодија главниот град Кабул и неколку провинции низ земјата.