Свет
Најголемиот кран за отстранување на остатоците од урнатиот мост пристигна во Балтимор
Најголемиот оперативен кран на источниот брег на САД беше распореден во пристаништето Балтимор и е подготвен да започне со расчистување на остатоците од мостот Френсис Скот Ки, кој се урна во вторникот кога товарен брод удри во потпорен столб.
Кранот, кој може да подигне до 1.000 тони товар, најверојатно ќе почне да ги извлекува остатоците од структурата на мостот од реката Патапско во сабота наутро, изјави портпаролката на американската крајбрежна стража Кармен Карвер, пренесува Ројтерс.
Втор, сличен кран е на пат за Балтимор и се очекува да пристигне наскоро за да се приклучи на операцијата за отстранување на делови од срушената конструкција на мостот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Русија продолжува да ја разгледува изводливоста на нуклеарните тестирања
Се работи на утврдување на целесообразноста за спроведување нуклеарни тестови во Русија, но засега нема нови информации, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Засега, работата по ова прашање е во тек, во согласност со упатствата на рускиот претседател (Владимир Путин). Засега нема информации“, изјави Песков пред новинарите, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека Русија досега не добила никакви објаснувања од американските партнери во врска со спроведувањето нуклеарни тестови во таа земја.
„Немаше барање за разговори. Уште еднаш повторувам дека постои можност за организирање на вакви разговори што е можно пооперативно. Работата во оваа смисла продолжува, засега нема нови информации. Досега не пристигнале никакви објаснувања од американските партнери“, рече Песков, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан: Брисел сака да ја продолжи војната и санкциите
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека, иако Унгарија обезбеди ослободување од американските санкции, Брисел продолжува да го забранува увозот на руски енергетски производи од 2027 година.
„Тие сакаат да ја продолжат војната и санкциите“, рече Орбан во објава на Фејсбук, пренесува MTI.
Тој оцени дека „луѓето во Брисел презедоа брзи мерки“. „Тие изјавија дека Унгарија е ослободена од американските санкции, но сепак ќе го забранат увозот на руски енергетски производи во Европа од 2027 година“, рече Орбан.
Тој додаде дека е јасно дека договорите на Унгарија со американскиот претседател Доналд Трамп за ослободување од американските санкции за увоз на руски енергетски производи „им користат на сите Унгарци“.
„Го заштитивме намалувањето на сметките за комунални услуги, не дозволивме цените на гасот да растат и отворивме нови перспективи за унгарската економија“, заклучи Орбан, кој го посети Вашингтон на крајот од минатата недела.
Фото: принтскрин
Свет
Автобус полн со туристи удри во камион: тешка несреќа во близина на Хургада, има загинати и повредени
Во судир меѓу туристички автобус и камион во близина на египетскиот град Рас Гариб, во близина на Хургада, рано утрово загинаа две лица, а 39 се повредени, соопштија египетските власти.
Во соопштението за медиумите се наведува дека загинале возачот на автобус на локална туристичка компанија и уште едно лице, како и дека меѓу тешко повредените има странски државјани, пренесува „Мирор“.
Повредените се пренесени со брза помош во болниците во Хургада и околните области.
Генералниот конзулат на Русија во Хургада потврди за агенцијата ТАСС дека една Русинка загинала во судирот на туристички автобус во Египет, а дека се повредени уште 27 руски државјани.
Според прелиминарните информации од конзулатот, автобусот патувал од Хургада до Каиро, а во несреќата се повредени вкупно 39 лица.
Пет руски државјани се хоспитализирани поради повреди, според медиумот.
Фото: принтскрин

