Свет
Најмалку пет лица загинаа во железничка несреќа во Индија

Најмалку пет лица загинаа, а повеќе од 45 се повредени кога патнички воз излета од шините во индиската држава Западен Бенгал, соопштија денеска официјални лица.
Според агенцијата АП, 12 вагони од патничкиот воз излетале од шините, а три се превртеле.
На фотографиите од местото на несреќата се гледаат патници заглавени во искривен метал додека спасувачите итно се обидуваат да ги извлечат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски ја предупреди Европа: „Ако Украина падне, овие земји се следните цели на Москва“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, честитајќи ѝ го Денот на независноста на Естонија, предупреди дека земјите со поголемо население од руско потекло би можеле да станат следна цел на Москва.
Како што наведува, најопасниот момент се случува кога источноевропските земји имаат население со „руски корени“ – не затоа што тие луѓе претставуваат закана, туку затоа што Кремљ би можел да ја искористи нивната безбедност како изговор за инвазија.
Тој ги наведе Полска, Словачка, Латвија, Молдавија и Естонија меѓу потенцијално загрозените земји, потсетувајќи на слично сценарио од 2014 година кога Русија го анектираше Крим и започна инвазија на Донбас, пишува „Скај Њуз“.
„На почетокот тврдеа дека не ги окупираат нашите територии, туку го бранат рускиот народ“, рече Зеленски, нагласувајќи дека во случај на пораз на Украина, сите горенаведени земји би можеле да бидат изложени на ризик поради руската политика и концептот на „рускиот свет“.
Зборувајќи за иднината по три години војна, украинскиот претседател изрази надеж дека конфликтот ќе заврши оваа година, а не за три. Тој ја истакна важноста на безбедносните гаранции за да се спречи враќањето на руските сили.
„Ако ги притискаме, ги вратиме на нивната територија и ако Украина стане членка на ЕУ и НАТО, тоа многу ќе ни помогне. Мислам дека тогаш нема да се вратат – ќе имаме силна армија, силни сојузници и силно единство“, заклучи Зеленски.
Свет
СЗО: Непозната болест уби повеќе од 50 луѓе во Конго

Непозната болест во северозападниот дел на Конго уби повеќе од 50 луѓе, соопштија лекарите на терен и Светската здравствена организација (СЗО).
Интервалот помеѓу појавата на симптомите и смртта во повеќето случаи е 48 часа, што е сериозна загриженост, рече Серж Нгалебато, директор на болницата Бикоро, регионален центар за следење на болести, пренесе АП.
Избувнувањето на болеста во Конго започна на 21 јануари, а пријавени се 419 случаи, вклучувајќи 53 смртни случаи.
Според информациите од африканскиот оддел на СЗО, првиот случај во населбата Болоко започнал откако три деца изеле лилјак и починале 48 часа по појавата на симптомите на треска.
Постои долгогодишен страв од пренос на болести од животните на луѓето во регионите каде дивечот е популарен извор на храна. СЗО соопшти дека бројот на вакви епидемии во Африка е зголемен за повеќе од 60 отсто во последната деценија.
По втората појава на болеста во населбата Бомате на 9 февруари, примероци од 13 случаи беа испратени на тестирање во Националниот институт за биомедицински истражувања во Киншаса.
Сите примероци беа негативни за ебола и други вообичаени хеморагични трески како Марбург.
Некои примероци биле позитивни на маларија. Минатата година, беше регистрирана мистериозна болест слична на грип, која уби десетици луѓе во друг дел на Конго, која најверојатно била маларија, јави Танјуг.
Свет
Маск на петицијата да му се одземе канадското државјанство: Канада не е вистинска земја

Шефот на американското Министерство за владина ефикасност (DOGE), Илон Маск, одговори на петицијата со илјадници потписи од Канаѓани кои бараа да му се одземе канадското државјанство, објавувајќи на X дека Канада не е „вистинска земја“.
Претходно, повеќе од 160.000 Канаѓани потпишаа онлајн петиција со која бараат на Маск, кој е канадски државјанин од 1989 година, да му се одземе државјанството поради наводно мешање во канадските избори и дејствување против интересите на земјата. Петиција за одземање на канадското државјанство на Маск, поради неговите блиски врски со американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано јавно ја изразуваше својата желба Канада да стане дел од Соединетите Американски Држави, во Долниот дом беше покрената од Квалија Рид од Британска Колумбија.
Петициите, како оние што се започнати за одземање на државјанството на Маск, бараат 500 или повеќе потписи, да бидат одобрени за презентација во Долниот дом на Канада и потенцијално да добијат официјален одговор од владата.
Маск, кој е роден во Јужноафриканската Република и е на чело на американски компании, вклучувајќи ги Тесла, Спејс Икс и Платформа Х, има канадско државјанство преку неговата мајка Маја Маск и го предводи Одделот за владина ефикасност во администрацијата на Трамп.
Петицијата за одземање на државјанството на Маск, поднесена на 20 февруари, го обвинува дека тој како сојузник на Трамп, „е вклучен во активности кои се спротивни на националниот интерес на Канада“.
Во петицијата се тврди дека застанувањето на страната на Трамп го прави Маск „член на странска влада која се обидува да го избрише канадскиот суверенитет“ и го повикува канадскиот премиер Џастин Трудо веднаш да му ги одземе канадскиот пасош и државјанството, пренесува Танјуг.