Свет
Најмалку 13 лица загинаа во пожар во фабрика за пластика во Бангладеш

Во пожарот што избувна во фабрика за пластика во близина на Дака, главниот град на Бангладеш, загинаа најмалку 13 лица, а 21 се повредени, соопшти денеска полицијата.
Полицискиот претставник Мохамед Баху Миа изјави дека пожарот избувнал во средата.
Според него, едно лице загинало на самото место, а 12 им подлегнале на повредите во болницата.
Причината за пожарот е непозната, пренесува АП, истакнувајќи дека несреќи од ваков вид се вообичаени во Бангладеш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Орбан: Европа мора да ја зајакне одбраната, но моќта треба да остане во рацете на земјите-членки, а не на Брисел

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, на социјалните мрежи објави дека неговите состаноци во Франција потврдиле дека иако постојат различни мислења за тоа како да се постигне мир, постои согласност за потребата од зајакнување на одбранбените способности на европските земји.
„Овие напори треба да ги зајакнат земјите-членки, а не бирократите во Брисел“, нагласи Орбан.
Тој ја истакна исклучително блиската соработка со Франција и изрази очекување француските компании да бидат значајни инвеститори во Унгарија.
Во објавата тој сподели и фотографија со Марин Ле Пен со порака: „По средбата со поранешниот и сегашниот претседател на Франција, ми беше задоволство да се сретнам со идниот претседател. Ви благодариме за инспиративната дискусија, @MLP_officiel!“
My meetings in France confirmed that while we may disagree on the modalities of peace, we do agree that we must strengthen the defence capabilities of European nations, & these efforts should empower member states rather than Brussels bureaucrats. pic.twitter.com/FDdZTuOnb8
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) March 6, 2025
Свет
Важна е поддршката за Украина, но и одржувањето добри односи со САД, смета Шолц

Германскиот канцелар во заминување, Олаф Шолц, рече дека денешната средба е клучна за да се обезбеди континуирана поддршка за Украина, но ја истакна и важноста од одржување добри односи со САД.
Шолц исто така ги коментира плановите на идниот канцелар Фридрих Мерц за зголемување на трошоците за одбраната, вклучувајќи ги и уставните промени, додавајќи дека политичкиот консензус за ова прашање се чини дека расте во Германија.
Тој истакна дека ЕУ треба да ги приспособи своите правила на сличен начин за да одговори на новите безбедносни предизвици, а истовремено да внимава на долгорочните решенија.
Запрашан за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за нуклеарно одвраќање, Шолц рече дека Европа не смее да се откаже од вклученоста на САД. Неговата долгогодишна загриженост за ова прашање се однесува на стравот дека проширувањето на француската нуклеарна програма може дополнително да го поттикне американското повлекување од европската безбедносна архитектура.
Шолц повторно ја отфрли идејата за заедничките европски одбранбени обврзници.
Запрашан за можните мировни преговори, тој нагласи: „Многу е важно да се осигуриме дека Украина не мора да прифати наметнат мир, туку да добиеме фер и праведен мир, кој го гарантира суверенитетот и независноста на Украина“.
Свет
Трамп планира да депортира 240.000 Украинци

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да го отповика привремениот правен статус на 240.000 Украинци што избегаа во САД пред војната против Русија, изјави висок функционер на Трамп и тројца извори запознаени со ова прашање, што значи дека тие би можеле да бидат депортирани по забрзана постапка. Одлуката се очекува во април, а се работеше на тоа дури и пред Трамп јавно да се судри со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела.
Тоа е дел од пошироките напори на администрацијата на Трамп да го отповика правниот статус на повеќе од 1,8 милион мигранти што влегле во Соединетите Американски Држави според хуманитарните програми на администрацијата на Бајден за условно ослободување, велат изворите. Од американското Министерство за домашна безбедност немаа коментар, ниту Белата куќа или украинската амбасада.
Администрацијата на Трамп планира да ги прекине овие програми, кои се однесуваат и на 530.000 имигранти од Куба, Хаити, Никарагва и од Венецуела веќе овој месец, изјави функционер на Трамп и извор запознаен со ова прашање. Мигрантите би можеле да бидат депортирани по забрзана постапка, се вели во е-поштата на американската служба за имиграција и царина до која дојде „Ројтерс“.