Свет
Најмалку 14 загинати во поплави и свлечишта во Јужна Кореја, илјадници евакуирани
Најмалку 14 лица загинаа, а уште 12 се водат како исчезнати во Јужна Кореја поради поплави и свлечишта предизвикани од неколкудневни обилни врнежи, соопштија властите за управување со катастрофи.
Спасувачките екипи и денес продолжуваат со потрагата по исчезнатите, додека населението во погодените подрачја се евакуира во импровизирани засолништа. На видеоснимки од туристичкото место Гапјеонг се гледаат луѓе како газат низ кал и се обидуваат да преминат оштетен мост за да стигнат до безбедно место.
Во регионот Чунгчон, на југ од земјата, цело село било затрупано од свлечиште. Слична ситуација е регистрирана и во Санчеонг, каде што загинаа шест лица, а седум се водат за исчезнати.
Илјадници патишта, згради и земјоделски површини се оштетени или под вода. Според локалните медиуми, речиси 10.000 луѓе биле евакуирани, а околу 41.000 домаќинства привремено останале без електрична енергија.

Во северниот округ Гапјеонг, две лица загинале кога неколку куќи биле затрупани со земја, објави агенцијата AFP повикувајќи се на државни претставници.
Иако врнежите во најпогодените делови од јужна и централна Кореја се намалени, нови обилни дождови се очекуваат во главниот град Сеул и северниот дел од земјата.
Претседателот Ли Џе-мјунг денес нареди погодените области да бидат прогласени за зони на посебна катастрофа и најави координирана државна акција за обновување. Министерот за внатрешни работи Јун Хо-џунг ги повика локалните власти да ги мобилизираат „сите расположливи ресурси“.
Според прогнозите, дождот треба да престане доцна вечерва, но по него се очекува силен топлотен бран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Црна Гора се поблиску до Европската Унија: познат е можниот датум за влез
Црна Гора го доби својот најповолен извештај за напредокот во европската интеграција откако ги започна преговорите за пристапување со Европската Унија. Европската комисија, во документ презентиран во Брисел во вторник, изјави дека земјата постигнала значителен напредок и дека би можела да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година ако го задржи сегашното темпо на реформи, објави ДВ.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, изјави дека Црна Гора е „најподготвена за членство во ЕУ од сите земји-кандидатки“, нагласувајќи дека проширувањето на Унијата е реална можност во наредните години.
Комесарот за проширување, Марта Кос, додаде дека се приближува времето кога Брисел ќе започне со подготовките за склучување на Договор за пристапување со Црна Гора.
Црна Гора минатата година затвори четири преговарачки поглавја, а планира да затвори уште до крајот на годината. Европската комисија нагласува дека е клучно да се одржи стабилен напредок во реформите и политичкиот консензус, за да може процесот на преговори да се заврши до крајот на 2026 година.
Амбасадорот на Европската Унија во Црна Гора, Јохан Сатлер, го нарече ова „најдобриот извештај на Европската комисија за Црна Гора досега“, но предупреди дека следните 14 месеци ќе бидат клучни, особено во зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Премиерот Милојко Спајиќ рече дека ова е најпозитивниот извештај досега, нагласувајќи дека Црна Гора постигнала напредок во 18 од 33 преговарачки поглавја. „Ги гледам препораките од Брисел како патоказ за Владата и Парламентот“, рече тој.
Германскиот амбасадор Петер Фелтен оцени дека Црна Гора „постигнала значителен напредок во сите поглавја“ и дека препораките се силен водич кон исполнување на преостанатите услови за членство.
фото: принтскрин
Свет
Словачка ја разгледува Полска како нова рута за увоз на гас
Словачкиот претседател, Петер Пелегрини, ја поздрави можноста земјата да увезува гас преку Полска, како алтернатива на рускиот природен гас.
По средбата со полскиот колега Карол Навроцки, Пелегрини истакна дека поврзувањето на гасните мрежи би овозможило диверзификација на енергетскиот увоз, доколку цените и транзитните такси бидат разумни.
Навроцки најави дека Полска има план да стане регионален центар за снабдување со американски течен гас. Двајцата лидери ја истакнаа важноста од инфраструктурното поврзување и имаат усогласени ставови за миграцијата и безбедноста во рамките на НАТО.
Свет
Мексико: Сопругата на убиениот градоначалник ја презема неговата функција
Сопругата на градоначалникот кој беше брутално убиен за време на прославите на Денот на мртвите во мексиканската држава Мичоакан, која е погодена од насилство, ја презеде функцијата на својот сопруг, ветувајќи дека ќе продолжи со неговата борба против организираниот криминал, објави Ројтерс, цитиран од БТА.
Гресија Кирос положи заклетва како градоначалник на Уруапан, познат како престолнина на авокадото во Мексико, откако државниот конгрес едногласно го одобри потегот.
„Денес доаѓам со скршено срце затоа што ми го одзедоа партнерот во животот, таткото на моите деца, но и со храброста со која тој се спротивстави да се бори“, рече Кирос за време на положувањето заклетва.
„Тие нема да ме замолчат… Ќе ги следам неговите стапки“, додаде таа, држејќи ја шапката на нејзиниот покоен сопруг како симбол на нивното движење.
Вооружен човек со качулка го застрела и уби 40-годишниот Мансо додека присуствуваше на фестивал со свеќи, во напад што предизвика национален бес, делумно поради неговите отворени критики кон федералната влада дека не презема доволно мерки за борба против организираниот криминал.

