Свет
Најмалку 67 загинати на Хаваи: Немало пораки за предупредување, главно сами се евакуирале
Претставниците на Хаваи сè уште се обидуваат да утврдат што го предизвика смртоносниот шумски пожар што со застрашувачка брзина го зафати градот Лахаина на островот Мауи, убивајќи најмалку 67 луѓе и десеткувајќи го историското одморалиште без никакво предупредување до жителите.
Билансот на жртвите се очекува да се зголеми бидејќи тимовите за пребарување ги пребаруваат јагленосаните урнатини на градот со помош на кучиња, откако пожарот изгоре 1.000 згради и остави илјадници без покрив над главата во, како што велат официјалните лица, најголемата природна катастрофа во историјата на државата.
„Додека продолжуваат напорите за гаснење пожари, до денес во 13 часот се потврдени уште 12 смртни случаи поради активниот шумски пожар во Лахаина, со што бројот на загинати достигна 67“, се вели во соопштението на округот Мауи.
„Без сомнение, ќе има уште смртни случаи. На крајот, не знаеме колку ќе има“, изјави гувернерот Џош Грин за Си-ен-ен кога бројот на загинати изнесуваше 59. Три дена по катастрофата, останува нејасно дали некој од жителите има добиено какво било претходно предупредување, пред пожарот да ги зафати нивните домови.
На островот има сирени за аларм наменети да предупредуваат за природни катастрофи и други закани, но се чини дека тие не се огласиле за време на пожарот. Официјалните лица не понудија детална слика за тоа кои точно известувања се испратени и дали се испратени преку СМС пораки, е-пошта или телефонски повици.
Началникот на противпожарната служба на округот Мауи, Бредфорд Вентура, на прес-конференција во четвртокот рече дека брзината на пожарот го прави „речиси невозможно“ персоналот на првата линија да комуницира со службениците за управување со итни случаи, кои издаваат наредби за евакуација во реално време. Тој изјави и дека е прекината услугата на мобилната телефонија.
„Тие главно се самоевакуираа со прилично мало известување“, рече тој, мислејќи на жителите на населбата каде што првично избувна пожарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
ЕУ: Веќе нема ризик од кршење на владеењето на правото во Полска
Европската комисија денеска објави дека планира да ја затвори постапката против Полска до крајот на мај, бидејќи веќе не постои ризик од сериозно кршење на владеењето на правото.
Потпретседателката на Комисијата за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, изјави дека полските власти покажале решителност да ги исправат неправилностите во областа на правдата, дека признале дека има проблем во таа област, дека се подготвени да го елиминираат, дека европското законодавство има приоритет пред националното законодавство и дека се обврзале дека ќе ги спроведуваат одлуките на Судот на правдата на Европската унија и Европскиот суд за човекови права поврзани со владеењето на правото, вклучително и независноста на судството.
„Мислам дека во случајот со Полска веќе нема очигледен ризик од сериозно кршење на владеењето на правото“, рече Јоурова и најави дека по дискусијата на состанокот на министрите за европски прашања во вторник овој месец, ќе предложи до Комисијата да ја затвори постапката.
Таа додаде дека приговор на ваквата оценка има само унгарскиот министер за правда Јанош Бока, кој обвинува дека Комисијата во овој случај се води од политички причини, а не од реални промени во полското правосудство.
Во текот на осумте години на власт, претходната полска влада предводена од националистичката партија Право и Правда спроведе низа реформи во судството, со што се доведе во прашање поделбата на власта и независноста на судството, како и слободата на медиумите. Поради ова, Полска беше блокирана од милијарди евра кои и беа наменети во европскиот буџет.
Новата полска влада предводена од премиерот Доналд Туск, која ја презеде функцијата во декември минатата година, најави дека ќе обезбеди повторно воспоставување на независноста на судството и ќе го поништи она што претходната влада го направи во таа област.
Слична постапка се води и против Унгарија, чија влада со години е во конфликт со европските институции и другите членки на ЕУ за почитување на владеењето на правото во таа земја.
Свет
Поддршката за Бајден на најниско ниво во последните две години
Поддршката за американскиот претседател Џо Бајден падна на најниско ниво во речиси две години овој месец, што одговара на најнискиот процент од неговиот мандат, покажа денеска објавената анкета на Ројтерс и Ипсос.
Истражувањето покажа дека само 36 отсто од Американците го одобруваат настапот на Бајден, што е намалување од 38 отсто во април.
Ова е враќање на најниското ниво на поддршка за демократски претседател во јули 2022 година, половина година пред Бајден да се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп на изборите на 5 ноември.
Поранешниот претседател Трамп има мала предност пред актуелниот претседател во клучните држави за кои се верува дека ќе го одредат победникот.
Друга анкета на Ројтерс и Ипсос, исто така, покажа дека многу демократи не се согласуваат со одговорот на Бајден на израелската офанзива на Појасот Газа, што дополнително ги загрозува неговите изгледи на ноемвриските избори.
Европа
Илјадници бегаат од руската офанзива во регионот Харков
Во борбите за вториот по големина град во Украина досега се раселени околу 14.000 луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Би-би-си.
Руските сили неодамна започнаа летна офанзива, заземајќи неколку села на североисточната граница на Украина во близина на градот Харков додека се обидуваат да ја пробијат ослабената линија на фронтот на Украина.
Регионалниот лидер на Харков изјави дека седум лица се повредени во ноќните напади на руски беспилотни летала врз градот. Во меѓувреме, најмалку едно лице загина во напад на украинско беспилотно летало над границата со Белгород, јавуваат руските медиуми.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Јарно Хабихт од СЗО рече дека 14.000 луѓе избегале од борбите во областа, но 189.000 луѓе кои останале во близина на границата со Русија се соочиле со „значителни ризици поради борбите“.
Украина сè уште контролира околу 60 отсто од Вовчанск, пограничниот град во центарот на неодамнешните борби, изјави заменик-гувернерот Роман Семенука за националната телевизија во понеделникот.
Друг украински воен функционер изјави за АФП дека борбите во Харков „остануваат тешки и динамично се менуваат“.