Свет
Курц: На Европската Унија ѝ е потребна воена моќ
Секогаш уживав да се занимавам со политика и ми беше големо задоволство да ѝ служам на мојата земја. Сепак, по десет години во владата, мило ми е што сега работам нешто друго, коментира Себастијан Курц за претходните шпекулации дека би можел да се врати на чело на Австриската народна партија (ОВП).
„Политичкото чудо“, како што некогаш го нарекуваа откога стана министер за надворешни работи на 27 години, а канцелар на 31 година, во интервју за „Политика“ вели дека е презадоволен од својот сегашен живот и е благодарен за начинот на кој се развиваат неговите компании и дека не планира да се врати во политиката.
На прашањето дали е подобро Австрија како воено неутрална земја да го следи проевропскиот курс на западните соседи – Германија, или суверенистичкиот пристап на нејзините источни соседи, Унгарија – во пресрет на новите геополитички промени, Курц вели дека воената неутралност е многу важна за Австрија.
„Ние не сме членка на НАТО, но сме дел од Европската Унија. Во пресрет на новите геополитички случувања ЕУ мора да преземе посилна улога во глобалните работи. За ова, покрај економската сила, неопходна е и воена сила. Соединетите Американски Држави се најважниот трговски партнер на Европа и обратно, ни ние не сме безначајни за нив. Двете страни имаат силен интерес за економска соработка и Трамп многу добро го знае тоа. Разните позиции во врска со војната во Украина повторно предизвикаа тензии во последните недели. Сепак, за разлика од другите, ова не го гледам како прекин меѓу две глобални сили. Со Доналд Трамп како претседател, неизбежен прекин на огнот изгледа поверојатно отколку претходно со Бајден.
Со оглед на тоа што лично познавате многу од актуелните европски претседатели и премиери, како мислите дека тие ќе се однесуваат во новите геополитички околности?
Сè уште сум во редовен контакт со колегите од времето кога бев во политиката, како и со актуелните политичари. Мојот впечаток е дека постои широк консензус отиЕвропа мора да игра посилна улога во глобалните прашања. Ако има некој позитивен аспект од сегашната тешка геополитичка ситуација, тоа е дека Европската Унија стана пообединета.
Бевте најмладиот шеф на влада во историјата на ЕУ, но се повлековте од политиката на 35 години. Дали тој метеорски пораст сега ви изгледа како сон што се случил прерано?
Честопати не можете сами да го изберете времето на некои случувања. Факт е дека бев многу млад кога на 24 години станав државен секретар за интеграции. Првично, не ни сакав да ја прифатам улогата. Беше тежок период бидејќи медиумите ме критикуваа дека сум премногу млад. За среќа, по неколку месеци, тие критики исчезнаа бидејќи јас и мојот тим почнавме да постигнуваме успеси со напорна работа. Оттогаш сè стана полесно. На моето време поминато во политика гледам многу позитивно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британски полицајци го обезбедувале принцот Ендру на забавата на Епстин
Британски полицајци служеле како обезбедување за братот на британскиот крал Чарлс III, Ендру Маунтбатен-Виндзор, на забава организирана од американскиот осуден сексуален престапник Џефри Епстин во 2010 година, објавува денес „Тајмс“.
Документите неодамна објавени од Министерството за правда на САД како дел од досието на Епстин покажуваат дека двајца службеници за кралска заштита од Скотланд Јард ја чувале вратата на градска куќа во Менхетен, Њујорк, додека гостите, меѓу кои и американскиот режисер Вуди Ален, присуствувале на вечера организирана од Џефри Епстин во чест на Ендру Маунтбатен-Виндзор во 2010 година.
Тврдењата дека членови на Скотланд Јард всушност работеле како обезбедување за осуден педофил ќе бидат исклучително срамни за најголемата британска полициска сила, која со години не покренала обвиненија против никого во врска со скандалот со Епстин, оценува британскиот весник.
Откритието доаѓа по тврдењата дека телохранителите финансирани од даночните обврзници се приближиле премногу до 66-годишниот Ендру, на кого британскиот крал Чарлс III му ги одзеде сите титули минатата година поради неговите врски со Епстин, и можеби „замижале“ пред невниманието или потенцијалниот криминал.
Ендру беше уапсен во четвртокот во имотот Сандрингам во Норфолк под сомнение за злоупотреба на јавна функција и беше задржан на испрашување повеќе од 11 часа, а полицијата во долината Темза истражува тврдења дека му пренел чувствителни информации на Епстин додека бил британски трговски претставник.
Активностите на службениците за лично обезбедување на Ендру, за време на неговото патување во Њујорк во 2010 година, го привлекоа вниманието на јавноста пред две недели, кога „Сандеј тајмс“ откри дека двајца од телохранителите на Ендру престојувале со него во вилата на Епстин повеќе од една недела, и дека еден од полицајците, најверојатно добил безбедносни кодови за просториите за да можат тој и неговиот колега да влегуваат по своја волја.
Престојот на Ендрју во Њујорк потоа траел најмалку осум дена, а е-поштата објавена од Министерството за правда на Соединетите Американски Држави покажува дека Епстин лично понудил да смести членови на обезбедувањето на Ендрју на имотот на 71-ва улица.
Се верува дека оваа куќа, во која имало соба за масажа со слики од голи жени, била место каде што се извршувале сексуални злосторства во текот на годините.
Скотланд Јард пред три дена објави дека контактира со сите поранешни членови на обезбедувањето на Ендрју, со цел да утврди дали можеби биле сведоци на некое од неговите потенцијално нелегални однесувања.
Објавата на Скотланд Јард следеше по тврдењата на поранешен висок службеник за обезбедување дека телохранителите на таа служба го придружувале Ендрју до островот на Епстин, Литл Сент Џејмс, на Карибите, најмалку во два наврати, пренесува Танјуг.
Фото: ЕПА
Свет
Роб Јетен е најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија
Роб Јетен (38) денеска официјално стана најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија, откако кралот Вилем-Александар ја потврди неговата малцинска влада, јавува Хина.
Лидерот на прогресивната и проевропска партија Д66 ја однесе партијата до изненадувачка изборна победа во октомври, ветувајќи крај на политиката на поделби.
Владата ја сочинуваат Д66, демохристијаните (ЦДА) и десниот ВВД, но располага со само 66 од 150 пратеници во парламентот, што значи дека за секој закон ќе ѝ биде потребна поддршка од опозицијата.
Опозициските партии веќе ги критикуваа плановите за зголемување на одбранбениот буџет на 3,5 отсто од БДП до 2035 година, што треба да се финансира со кратења во социјалата и здравството и со нови даноци.
Владата најавува ограничување на надоместоците за невработеност, повисоки здравствени придонеси и побрзо зголемување на старосната граница за пензионирање. Најавен е и построг пристап кон азилот и миграцијата.
Јетен изјави дека има простор за подобрување на плановите пред усвојувањето на конечниот буџет.
Свет
Сикорски: Унгарија покажува шокантен недостаток на солидарност кон Украина
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денес ја обвини Унгарија дека покажува шокантен недостаток на солидарност кон Украина и дека верува оти унгарската влада создава клима на непријателство кон Киев за да ја искористи во изборната кампања.
„Очекував многу поголемо чувство на солидарност од Унгарија кон Украина. Но, наместо тоа, со помош на државната пропаганда, владејачката партија успеа да создаде клима на непријателство кон жртвата на агресија. А сега се обидува да ја искористи на општите избори. Тоа е доста шокантно“, изјави Сикорски пред новинарите во Брисел, пренесува Ројтерс.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави претходно денес, пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, дека континуираниот отпор на Унгарија јасно ставил до знаење дека на состанокот нема да се постигне консензус за предложениот нов пакет санкции против Русија.

