Свет
На жените кои не носат хиџаб, ќе им биде забранет влез во метро во Иран
Жените кои не носат хиџаб нема да можат да влезат во метрото во Техеран, објави денеска иранската државна телевизија.
Во метрото во главниот град на Иран ќе се формираат специјални групи кои ќе го следат спроведувањето на новото правило.
Многу Иранки, особено оние во големите градови, одбија да ги почитуваат правилата за носење хиџаб и ќе продолжат да протестираат под слоганот „жени, живот, слобода“, но во поиндивидуална форма, пишува „Гардијан“.
Воведувањето на новата регулатива од иранските власти доаѓа откако девојчињата во средните училишта во Техеран, Карај и други градови продолжуваат да пријавуваат напади со отрови, пишува британскиот весник, додавајќи дека најмалку девет училишта биле нападнати во неделата.
Иранската влада во саботата објави дека ќе инсталира улични камери, како и дека ќе користи постојни сообраќајни камери, за откривање на жени кои не се придржуваат до кодексот на облекување, а прекршителите ќе бидат казнети.
Од локалната полиција најавија дека ќе добијат СМС пораки со предупредување за последиците. Претходно иранските власти изјавија дека жените кои ќе бидат приведени поради неносење хиџаб ќе бидат казнети со 19 фунти.
Истовремено, автомобилите во кои ќе има жени без хиџаб ќе бидат одземени 20 дена доколку возачот претходно го сторил истиот прекршок. Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи претходно изјави дека неносењето хиџаб е поврзано со работата на непријателите и шпионите.
Според иранскиот шеријатски закон, кој беше донесен по револуцијата во 1979 година, жените се обврзани да ја покриваат косата и да носат долга, широка облека за да ја сокријат својата фигура. Оние кои не го почитуваат законот се предмет на јавна опомена, парична казна или апсење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас предаде тела, Израел порачува: „Борбата за нашите заложници не запира“
Израел ги презеде телата на двајца заложници кои ги држел Хамас во Газа, пренесе ЦНН. Посмртните останки биле предадени преку Црвениот крст и пренесени на идентификација во израелскиот форензички институт.
Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека „напорите за враќање на сите заложници продолжуваат и нема да престанат додека не се вратат сите“.
Примопредавањето се случува два дена по израелските воздушни напади во Газа, во кои, според палестинското министерство за здравство, загинале повеќе од 100 лица. И покрај ескалацијата, и Израел и Хамас изјавиле дека остануваат посветени на прекинот на огнот посредуван од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „ништо нема да го загрози примирјето“ и се закани дека ќе го „елиминира Хамас“.
Последното примопредавање, според медиумите, поминало без компликации, за разлика од претходните случаи кога Хамас ја повлекуваше одлуката за предавање поради израелски напади.
Свет
Медведев го нарече белгискиот министер „имбецил“, Франкен му возврати со песна на Селена Гомез
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен влезе во вербален судир со поранешниот руски претседател и сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Се започнало кога Франкен изјавил дека, доколку Русија ја нападне Белгија, „НАТО би ја израмнил Москва со земја“. На тоа, Медведев остро реагирал, нарекувајќи го „имбецил“ и потсетувајќи дека оваа недела Русија го тестирала нуклеарното суперторпедо „Посејдон“, кое го опишал како „вистинско оружје на судниот ден“.
Франкен утрово возвратил преку Инстаграм: „Главниот руски насилник не престанува да се заканува и навредува. НАТО не е во војна со Русија, но принципот на одмазда е неприкосновен веќе 76 години. Не повлекувам ниту збор.“
На крајот, министерот ја споделил песната „Calm Down“ од Селена Гомез со порака до Медведев – да се „смири“.
Свет
Зеленски: Новите санкции ќе ѝ донесат на Русија загуби од најмалку 50 милијарди долари годишно
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека новите санкции против Русија ќе ѝ предизвикаат годишни загуби од најмалку 50 милијарди долари, пренесе „Укринформ“.
Тој се повика на извештај на шефот на украинската надворешна разузнавачка служба Олег Ивашченко и рече дека санкциите против нафтените компании веќе создаваат сериозни финансиски последици за Москва.
Зеленски изрази надеж дека ќе следат и нови санкциски мерки, нагласувајќи дека арапските земји со своите испораки нафта можат да спречат какви било потреси на светскиот пазар.
Тој додаде дека Украина сојузниците редовно ги информира за лица и структури што заслужуваат санкции и дека „голем дел од нашите предлози се земаат предвид“.
На 23 октомври високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас објави дека е одобрен 19-от пакет санкции против Русија, а американското министерство за финансии веќе воведе мерки против „Росњефт“ и „Лукоил“. Зеленски претходно изјави дека американските санкции би можеле да ги намалат руските приходи за околу 5 милијарди долари месечно.

