Свет
На Зимбабве, кој прогласи национална катастрофа поради суша, му се заканува глад

Претседателот на Зимбабве, Емерсон Мнангагва, денеска ја прогласи сушата во земјата за национална катастрофа и рече дека и се потребни повеќе од 2 милијарди долари помош за да се прехранат милиони луѓе кои се соочуваат со глад.
Објавата на Мнангагва уследи по слични најави на Зимбабве кон крајот на февруари и во март, бидејќи сушата предизвикана од Ел Нињо води до хуманитарна криза во јужна Африка, објави Ројтерс.
Повеќе од 2,7 милиони луѓе во Зимбабве ќе се соочат со глад оваа година, изјави Мнангагва за новинарите, додавајќи дека 80 отсто од земјата е погодена од суша.
„Прелиминарните проценки покажуваат дека на Зимбабве му се потребни повеќе од две милијарди долари за различните интервенции што ги предвидуваме во националниот одговор (на кризата)“, рече Мнангагва.
Посочи дека Владата ќе даде приоритет на зимските култури за зголемување на резервите и ќе работи со приватниот сектор за увоз на жито.
Во повеќето провинции во Зимбабве, ноемврискиот род не успеа, а во потоплите области пченката воопшто не роди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Приведени 77 лица по протестите, 48 полицајци повредени, Вучиќ вети дека нема помилување за насилство

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска порача дека нема да потпише никакво помилување или аболиција за оние кои учествувале во насилствата по студентските протести во Белград. Тој најави дека ќе следуваат нови апсења, бидејќи, како што рече, сѐ уште се врши идентификација на осомничените.
„Ова не е крај, лицата се идентификуваат, на тоа работи БИА“, изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија не може да се победи со насилство: „Неа не можете да ја победите со насилства, таа не запре и нема да застане“.
Тој оцени дека повиците на крајот од протестот, особено изјавата „имате зелено светло“, претставуваат директен повик за граѓански конфликти и напади врз полицијата.
„Ги повикувам надлежните обвинителства да си ја работат својата работа, да не се преправаат дека се неспособни и наивни. Доаѓа време на одговорност, почитувани граѓани“, додаде Вучиќ.
На заедничката прес-конференција, министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ информираше дека по протестот се приведени 77 лица, од кои 38 се задржани, а меѓу нив има и едно малолетно лице.
„Против 35 лица ќе бидат поднесени кривични пријави, а против 26 лица ќе се води прекршочна постапка“, изјави Дачиќ, додавајќи дека се повредени 48 полицајци, од кои еден со тешки повреди на главата, а уништена е и значителна количина заштитна опрема.
Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, остро го осуди насилството и побара сите страни да се воздржат од дополнително разгорување на тензиите.
„Србија е демократско општество во кое мислењата мора да се изразуваат на мирен и цивилизиран начин, без загрозување на безбедноста на граѓаните и јавниот ред и мир“, изјави Мацут.
Тој им се заблагодари на припадниците на полицијата и безбедносните служби за брзата и професионална интервенција.
Своја реакција имаше и претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, која обвини дека студентите на протестот упатиле повик за граѓанска војна.
„Блокаторите не го завршија својот митинг на Видовден со зборовите ‘Да живее Србија’, туку со морничав повик за убивање на Србија – монструозен и отворен повик за граѓанска војна. Памти Србијо“, напиша таа на мрежата Икс.
Блокадери свој скуп на Видовдан нису завршили речима – Живела Србија. Завршили су језивим позивом на убиство Србије, монструозним и отвореним позивом на грађански рат. Памти Србијо. pic.twitter.com/IiOiU3A0Kl
— Ana Brnabic (@anabrnabic) June 28, 2025
Свет
Италијанец снимал деца на Истра со камери скриени во пенкала

Истарската полиција заврши кривична истрага против 67-годишен италијански државјанин, осомничен за сериозно кривично дело поврзано со злоупотреба на техничка опрема и нарушување на приватноста на малолетни лица.
Според соопштението на Полициската управа на Истра, инцидентот се случил на 26 јуни, околу 15 часот, кога гостин во туристички објект забележал лице како недозволено снима малолетници. Лицето било задржано до пристигнување на полициски службеници, кои веднаш постапиле согласно законските надлежности.
По судска наредба, биле извршени претреси на неколку уреди со скриени камери, вклучувајќи техничка опрема со интегрирани снимачки механизми, мемориски уреди, мобилен телефон и возилото на осомничениот. Полициската управа информира дека се пронајдени материјали кои ќе бидат предмет на понатамошна истрага.
Осомничениот е уапсен и вечерта на 27 јуни предаден во притворската единица на Полициската управа на Истра со поднесена кривична пријава.
Свет
Лавров: Западот повторно се обидува да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија, нема да успее

Западот никогаш не успеал и никогаш нема да успее да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на средбата со министерот за надворешни работи на Киргистан, Јенбек Кулубаев.
„Сведоци сме на невидена конфронтација меѓу нашата земја и колективниот Запад, кој повторно одлучи да војува против нас и да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија, користејќи го нацистичкиот режим во Киев како овен за удар. Западот никогаш не успеал во ова, а нема да успее ниту овој пат“, порача Лавров, пренесе рускиот весник „Известија“.
Тој ја потенцираше важноста на стратешките и блиски врски со Киргистан, наведувајќи дека Русија ги цени односите со оваа пријателска земја во сите сфери.
Лавров додаде дека, и покрај санкциите и, како што рече, нелегитимниот притисок од Западот, трговијата меѓу Русија и Киргистан бележи раст, а се продлабочува и соработката во хуманитарната, образовната и меѓународната сфера.