Свет
На 27 октомври во Истанбул ќе се одржи самит за Сирија

Самит за сирискиот конфликт, на кој ќе присуствуваат лидерите на Турција, Русија, Германија и Франција, ќе се одржи во Истанбул на 27 октомври, изјави портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин.
Според Калин, последните случувања во сириската провинција Идлиб и политичкиот процес за решавање на конфликтот ќе бидат тема на самитот, објави турската агенција „Анадолија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија: Не ги исклучуваме разговорите со Американците

Руското Министерство за надворешни работи објави дека не исклучува контакти со американски претставници во наредните денови, што е прва официјална реакција на Москва по денешните американско-украински разговори во Саудиска Арабија.
Во текот на преговорите беше договорено Украина да се согласи на едномесечен прекин на огнот, а сега се чека дали Русија ќе го прифати.
Оваа изјава доаѓа откако американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно изјави дека очекува да разговара со Владимир Путин оваа недела, нагласувајќи дека се надева на целосен прекин на огнот во наредните денови.
Регион
Марк Руте: Ја поддржуваме нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, страните треба да направат компромиси

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, додавајќи дека страните мора да направат „соодветни компромиси“ во дијалогот што се води со посредство на Европската унија.
„НАТО ќе продолжи целосно да ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, предводени од ЕУ. Ова е единствениот начин да се решат отворените прашања и да се обезбеди стабилна иднина и да се заштитат сите заедници. За да продолжи овој дијалог, двете страни мора да покажат флексибилност, да направат соодветни компромиси и да се фокусираат на долгорочните придобивки“, рече Руте на заедничката прес-конференција со косовската претседателка, Вјоса Османи.
Руте додаде дека „целосно разбира дека ова бара тешки одлуки, но мора да се види поголемата слика“.
„Нормализацијата носи поголема стабилност, повеќе можности за инвестирање и следствено долгорочна безбедност за целиот регион во корист на сите. Ова е порака што ќе продолжам да ја повторувам“, рече Руте.
Тој додаде дека посветеноста на НАТО за стабилност и мир во Косово и во регионот останува непоколеблива.
„Нашите војници неуморно работат на обезбедување безбедна и сигурна средина во согласност со мандатот на КФОР. Побезбеден регион значи поголема безбедност за целата област на НАТО“, рече тој.
Тој додаде дека НАТО е подготвен да одговори на секој безбедносен развој.
„И во таа смисла, се надеваме дека ќе видиме уште подлабока соработка меѓу косовските институции и КФОР. НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога во својот мандат за безбедност на сите. Ова го правиме во тесна соработка со косовската полиција, ЕУЛЕКС и нашите соодветни улоги“, рече Руте.
Генералниот секретар на НАТО оцени и дека сите страни треба да ја изберат дипломатијата наместо насилството.
Руте рече и дека НАТО е во близок контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Ќе бидам многу директен, само заедно можеме да имаме мир во регионот. Мора да има политичко решение, кое бара лидерство од сите политичари. Треба да работиме заедно“, рече Руте, додавајќи дека мандатот на НАТО е да се погрижи Косовските безбедносни сили да бидат ефективни во својата хуманитарна улога.
Тој понатаму рече дека благодарение на американскиот претседател Доналд Трамп е направен „чекор напред“ во однос на започнување преговори за ставање крај на војната во Украина.
Свет
ЕУ по договорот на САД со Украина: „Ова е позитивен развој“

Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објавија заедничка изјава во која го поздравија договорот од Џеда за преговорите меѓу САД и Украина.
„Ова е позитивен развој што може да биде чекор кон сеопфатен, праведен и траен мир за Украина“, се вели во соопштението.
Тие додадоа дека „топката сега е на теренот на Русија“, нагласувајќи дека понатамошните чекори ќе зависат од Москва.
Европската унија е подготвена да даде целосен придонес во претстојните мировни преговори, заедно со своите партнери, соопшти Брисел.
Соединетите држави и Украина, претходно, издадоа заедничка изјава по состанокот во Џеда, Саудиска Арабија, потврдувајќи дека САД веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе продолжат со испраќање воена помош за Украина. Киев, исто така, изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.
Претседателите на Украина и на САД постигнале договор и што поскоро да склучат сеопфатен договор за развој на клучните минерални суровини на Украина. Целта на договорот, како што беше наведено, е да се прошири украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се обезбеди долгорочен просперитет и безбедност на Украина.