Европа
На 34-годишнината од катастрофата се гаснат пожари околу Чернобил
Украина денеска ја одбележува 34-годишнината од катастрофата во Чернобил, најтешката нуклеарна несреќа во историјата, која погоди голем дел од Европа, а особено Украина, Белорусија и Русија, тогашни делови од советската република.
На 26 април 1986 година, во 1.23 часот, нуклеарниот реактор бр. 4 во централата во Чернобил, на 100-ина километри северно од Киев, експлодирал за време на испитувања за безбедност.
Нуклеарното гориво горело десетина дена испуштајќи радиоактивни честички во атмосферата, кои, според некои процени, се рашириле на повеќе од три четвртини од површината на Европа.
„На овој ден со мислите сме со хероите што ја спасија иднината од опасно зрачење“, се вели во изјавата на претседателот Володимир Зеленски.
Тој изрази и длабока почит кон пожарникарите и другите служби што се обидуваат да ја заштитат областа од нови природни непогоди.
Повеќе од илјада пожарникари беа распоредени за гаснење на пожарите во забранетата област околу Чернобил во неделата, на 34-годишнина од нуклеарната катастрофа.
Пожарите главно во ненаселената зона и во други делови на Украина беснеат во последните неколку недели поради силниот ветер и невообичаената суша по зимата, која мина речиси без снег.
Службите се таму три недели со цел да држат под контрола два пожара, кои зафатија дрвја и грмушки, соопшти цивилната заштита.
Инаку, Москва првин сакала да ја скрие нуклеарната несреќата. Иако Шведска на 28 април издала предупредување за зголемување на радиоактивноста, советскиот претседател Михаил Горбачов решил да излезе во јавноста дури на 14 мај.
Речиси 350.000 луѓе биле евакуирани во радиус од 30 километри од центалата во текот на наредните неколку години.
Во четири години од несреќата околу 600.000 советски експерти биле испратени на терен со мала или без никаква заштита со цел да се изгради бетонска обвивка околу реакторот и да се исчисти околината.
Сè уште има расправа за човечките жртви како резултат на несреќата, а процените се движат од 30.000 до 100.000 мртви.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

