Свет
Неизвесно е дали ќе има нови преговори меѓу Украина и Русија

Нова рунда преговори меѓу делегациите на Украина и Русија се очекува денеска на територијата на Белорусија, во нејзината западна област на шумата Бјаловиеза, дознава ТАСС.
Сепак, сè уште ништо не е сигурно за овој настан, како што беше случајот со преговорите на 28 февруари во регионот Гомел во Белорусија.
Од кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа соопштија дека ќе биде тешко на преговорите планирани за денеска да се сретнат украинската и руската делегација.
„Веројатно нема да се сретнат в среда. Можно е да се одложи за неколку дена, во контакт сме со преговарачките тимови“, изјави портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, за Си-ен-ен.
Првата рунда преговори се одржа во понеделникот. Од самиот почеток на специјалната воена операција во Украина многубројни земји понудија да обезбедат место за преговори, а Белорусија беше меѓу првите што го стори тоа.
Руската делегација пристигна на разговори во белорускиот град Гомел, но украинските дипломати одбија да се сретнат во Белорусија и инсистираа на друга држава.
Прашањето беше решено по телефонскиот разговор меѓу претседателите на Белорусија и Украина, Александар Лукашенко и Володомир Зеленски.
Сепак, местото практично беше преместено на украинско-белоруската граница, до реката Припјат. Почетокот на преговорите неколкупати се одложуваше.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Фајненшл тајмс“: Зеленски можно е оваа недела да го посети Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп може да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела, објави новинарот на „Фајненшл тајмс“, Кристофер Милер, повикувајќи се на три извори.
Според Милер, средбата би можела да се одржи во петок, на 17 октомври, но други детали засега не се познати.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во септември за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а во последните денови имале два телефонски разговора, меѓу другото и за можната испорака на американски крстосувачки ракети „Томахок“ на Украина.
Паралелно, украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко започнува недела на преговори со американските претставници во Вашингтон.
Свет
Скандал во Индија: Талибански министер не ги повикал новинарките на прес-конференција

Талибанскиот министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, предизвика бурни реакции во Индија откако на својата прва прес-конференција во Делхи не ги повикал жените новинарки.
Настанот, на кој присуствувале околу 16 новинари, но ниту една жена, предизвика остри реакции од индиските медиумски организации и опозициски политичари. Тие го оценија инцидентот како „отворена родова дискриминација“.
Под притисок на јавноста, Мутаки следниот ден одржа нова, „инклузивна“ прес-конференција, каде изјави дека исклучувањето на жените било „техничка грешка“.
„Настанот беше организиран во краток рок и поканите беа испратени на ограничен список новинари, без никаква друга намера“, рече тој.
Мутаки моментално престојува во Индија на разговори со претставници од Русија и индиската влада, со цел јакнење на дипломатските врски.
Иако се обиде да ги оправда ограничувањата на жените во Авганистан, индиските новинари остро го прашаа зошто девојчињата таму веќе четири години немаат пристап до образование.
Свет
Лавров ги демантира гласините за труење на Башар ал-Асад

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги отфрли наводите дека Москва наводно се обидела да го отруе поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој доби политички азил во Русија.
Како што објави руското издание Info24, Лавров на средба со претставници на арапските медиуми изјавил дека поранешниот сириски лидер и неговото семејство се наоѓаат во Москва „исклучиво од хуманитарни причини“.
„Тие беа изложени на закани со физичко насилство, па руските власти им овозможија азил. Асад нема никакви здравствени проблеми во нашата престолнина. Труење не се случило, а сите што ги шират тие гласини – нека останат со својата совест,“ изјавил Лавров.
Башар ал-Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, а земјата ја напушти откако минатиот декември сириските бунтовнички сили влегоа во главниот град Дамаск.