Свет
Неколку можни одмазднички сценарија на Израел: „Сега сме во нова, многу опасна фаза“
Воениот кабинет на Израел не успеа да се договори по две жестоки седници за тоа како да одговори на иранскиот напад за време на викендот во кој беа лансирани повеќе од 300 беспилотни летала и проектили на израелска територија во првиот директен воен конфликт меѓу Исламската Република и еврејската држава.
Израел, всушност, мора да го балансира меѓународниот притисок за да покаже воздржаност, од една страна, а во исто време да даде соодветен одговор на нападот без преседан. Премиерот Бенјамин Нетанјаху сега мора да го измери повикот на неговата десничарска коалиција за силен одговор наспроти ризикот од понатамошна меѓународна изолација на Израел преку проширување на војната без меѓународна поддршка.
Што се случи вчера во воениот кабинет?
Воениот кабинет на Израел, кој исто така се состана вчера, е решен да одговори на историскиот ирански напад, изведен поради, како што Иран вели, израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април. И покрај притисокот од сојузниците да не ескалира, владата сега дебатира за времето и опсегот на одговорот, изјавија за Си-ен-ен двајца израелски официјални лица запознаени со размислувањата.
Аналитичарите велат дека Израел има неколку опции, од кои секоја има цена за еврејската држава, особено затоа што веќе е вовлечена во брутална шестмесечна војна со Хамас во Појасот Газа и се соочува со разни милитанти поддржани од Иран.
Директен напад врз Иран би бил нов преседан
Директен напад врз Иран би поставил уште еден преседан. Иако се верува дека Израел спроведувал тајни операции во Иран во текот на годините, вообичаено насочени кон поединци или објекти што се сметаат за закана за Израел, тој никогаш не извршил директен воен напад на иранска територија.
„Дефинитивно сме во нова и многу опасна фаза од израелско-иранскиот конфликт“, рече Раз Зимт, експерт за Иран, во Институтот за национални безбедносни студии (ИНСС) во Тел Авив.
„Иран секако се обиде да ги промени правилата на игра со Израел… Можеме да очекуваме повеќе рунди на директни напади во иднина“, додаде тој.
Иако можеби е тешко за Израел да се воздржи од одговор, рече тој, можно е да не изврши непосреден голем воен напад врз цели во Иран бидејќи Техеран вети дека ќе возврати со уште посилен одговор од нападот започнат викендот.
„Мораме да ги постигнеме главните цели во Газа, а не да отвораме нови фронтови“
„Преференцијата во Израел е да се концентрираме на постигнување на нашите главни цели во Газа наместо на отворање нови фронтови“, рече Зимт за Си-ен-ен.
Алон Пинкас, поранешен израелски дипломат, рече дека Израел веројатно нема да возврати со директен удар против Иран. Но, ако тоа се случи, рече тој, последиците ќе зависат од целите. Целите може да вклучуваат воени средства или нуклеарна програма на Исламската Република, рече тој. „Секое претставува поинакво ниво на ескалација“.
Израелски функционер за Си-ен-ен вчера изјави дека меѓу воените опции што се разгледуваат е напад врз ирански објект што ќе испрати порака до Техеран, но ќе избегне да предизвика жртви. Израелските власти признаваат дека ова е полесно да се каже отколку да се направи, додаде официјалниот претставник.
Ограничувања на сојузниците
Сепак, одговорот на Израел може да биде ограничен со фактот дека тој дејствуваше како дел од неформална коалиција кога се бранеше од ирански ракети и беспилотни летала, рече Тамир Хејман, поранешен шеф на израелското воено разузнавање.
Нападите беа спречени со помош на сојузниците, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Франција, како и Јордан.
„Тоа е ефективно и важно, но ќе ја ограничи слободата на дејствување како одговор“, рече Хејман, кој сега го води Институтот за национални безбедносни студии (ИНСС) во Тел Авив. Западните и арапските сојузници го одвраќаат Израел да одговори на иранскиот напад.
Американскиот претседател Џо Бајден и високи членови на неговиот тим за национална безбедност им кажале на своите израелски колеги дека САД нема да учествуваат во каква било офанзивна акција против Иран, потврдија американски официјални лица запознаени со ова прашање. Бајден се обиде да го опише успешното пресретнување на иранскиот напад од страна на Израел како голема победа, истовремено сугерирајќи дека понатамошната израелска реакција е непотребна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026

