Свет
Нереди во Ерусалим: палестински верници се забарикадираа во џамијата „Ал Акса“, израелската полиција насилно ги растера
Насилството во Ерусалим продолжи во текот на ноќта, втора по ред, кога палестинските верници се забарикадираа во џамијата „Ал Акса“, во комплексот „Стар град“, а израелската полиција употреби сила за да ги растера.
Немирите биле помалку интензивни од претходната ноќ, пренесе АП.
Муслиманите го слават светиот месец рамазан, а Евреите го почнуваат неделниот празник Пасха.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека најмалку шест лица се повредени во последното насилство. Властите на исламскиот вакаф, кои управуваат со комплексот, рекоа дека полицијата испукала шок-бомби и гумени куршуми за да ги растера верниците.
Израелската полиција соопшти дека десетици малолетници предизвикале хаос фрлајќи камења и други предмети врз полицајците и принудувајќи ја полицијата да интервенира за да ги врати, како што велат, редот и законот.
Повеќе Палестинци се собраа во џамијата одговарајќи на повиците на вакафот да се молат во текот на ноќта.
АП потсетува дека израелската полиција упаднала во џамијата „Ал Акса“ во средата рано наутро пукајќи со шок-бомби кон Палестинците, кои фрлале камења кон полицијата.
Како што е соопштено, уапсени се 350 Палестинци, а еден полицаец е повреден. Лекарите на палестинската Црвена полумесечина соопштија дека најмалку 50 лица се повредени.
Повеќето од уапсените Палестинци биле ослободени од притвор до раните попладневни часови, рече нивниот адвокат, додавајќи дека 50-ина Палестинци, многумина од окупираниот Западен Брег, сè уште се во притвор и ќе бидат сослушани пред воениот суд в петок.
Според него, вкупниот број на уапсени е 450.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.