Свет
Нетанјаху обелодени таен објект на Иран за развој на нуклеарно оружје
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот обелодени, како што тој тврди тој, претходно непознат ирански објект за нуклеарно оружје и го обвини Техеран за уништување на локацијата во обид да го негира нејзиното постоење, пренесува „Брејтбарт“.
„Само ова ќе им го кажам на тираните од Техеран. Израел знае што правите, Израел знае кога го правите тоа, и Израел знае каде го правите тоа“, рече Нетанјаху.
Тој го обвини Иран дека го користел објектот во близина на градот Абадех за спроведување експерименти за развој на нуклеарно оружје и предупреди дека треба што побрзо да се преземе глобална акција за да се спречи создавање какво било иранско нуклеарно оружје.
Обелоденувањето од Нетанјаху дојде откако телото за нуклеарен надзор на ОН одржа состанок во Виена каде што се надева дека агенцијата ќе преземе построги мерки против Иран.
Нетанјаху рече дека Израел го открил објектот со помош на информации собрани од серија документи што израелски агенти ги украле од ирански магацин и ја обелодениле на почетокот од минатата година.
„Иран спроведува експерименти за развој на нуклеарно оружје“, рече Нетанјаху.
Тој покажа две сателитски фотографии за да го поддржи своето тврдење. Првата, снимена во јуни, го покажува објектот непроменет. Втората, снимена во јули, покажува дека се уништени делови од зградата, за што Нетанјаху рече дека е иранско прикривање откако Израел го открил објектот.
Министерот за надворешни работи на Иран, Мохамед Џавад Зариф, му одговори на Нетанјаху на Твитер, нарекувајќи го сопственик на вистински нуклеарки кој вика „волк“ на наводно разурнато место во Иран.
Зариф не посочи за каква локација станува збор ниту зошто во презентацијата на Нетанјаху се чини дека е разрушена. Тој подоцна твитна фотографија од британски весник од 1986 г., во која е детално опишана нуклеарната програма на Израел, поставена покрај сателитските слики што Нетанјаху ги покажа во својата презентација, без да понуди никакво објаснување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Колапс во Австрија поради снегот: Аеродромот во Виена затворен, автобус затрупан од лавина
Силна зимска бура го погоди поголемиот дел од Австрија и предизвика хаос низ целата земја. Поради обилните снежни врнежи и силниот ветер, аеродромот во Виена привремено го прекина сообраќајот, додека на патиштата се случуваат несреќи и сообраќајни метежи. Во Тирол, лавина затрупа автобус со патници.
Застрашувачко сценарио се случи рано утрово во тиролската долина Лехтал. Во општината Бах, малку пред 5 часот, лавина затрупа автобус што превезуваше единаесет патници. Според полицијата, за среќа никој не е повреден.
Поради лошите временски услови, виенскиот аеродром Швехат привремено ги прекина сите операции утрово.
Околу 117 летови беа закажани да полетуваат до 9 часот наутро, од кои 19 беа откажани, а аеродромот не ја исклучува можноста за понатамошни откажувања. „Интензивно работиме на што е можно побрзо враќање на воздушниот сообраќај. Според моменталните прогнози, снегот треба да престане да паѓа во текот на утрото“, изјави портпаролот на аеродромот.
фото/ЕПА
Регион
Нови снежни врнежи ја парализираа Словенија: 35.000 корисници без струја, делови од Марибор и без вода
Поради обилните снежни врнежи, околу 35.000 потрошувачи на подрачјето на Марибор и повеќе од 6.000 на подрачјето на Цеље останаа без електрична енергија.
Мокри и лизгави патишта, завеани тротоари и соборени дрвја предизвикуваат проблеми од Словенске Коњице до Марибор, Птуј и Горња Радгона. Екипите на компанијата „Електро Марибор“ се на терен.
Патиштата се мокри и лизгави и во Штајерска, а возачите пријавуваат бројни делници каде што водата се задржува на коловозот. Сообраќајот се одвива побавно од вообичаено, а потребна е зголемена внимателност, пренесе „Б92“.
Надлежните ги предупредуваат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да го зголемат безбедносното растојание и да тргнуваат на пат само ако тоа е неопходно. Поради најавените ниски температури постои можност за појава на голомразица, особено на изложените делови од патиштата и мостовите.
Најголеми проблеми предизвикува прекинот на електричната енергија. На поширокото подрачје од Словенске Коњице кон Марибор, Птуј и Горња Радгона дел од дистрибутивната мрежа е во прекин. Според податоците на компанијата „Електро Марибор“, без напојување се околу 35.000 корисници.
Од компанијата соопштија дека сите расположливи екипи се на терен. Проблемите пред сè ги предизвикува тежината на влажниот снег, поради што се кршат гранки и паѓаат дрвја кои ги оштетуваат далекуводите. Интервенциите се сложени, бидејќи екипите мора да работат внимателно, а пристапот до одредени локации на дефекти е отежнат поради временските услови.
Корисниците се замолуваат за разбирање и трпение. Обновата на снабдувањето со електрична енергија ќе се одвива постепено, во зависност од сложеноста на поединечните интервенции.
Според информациите, дел од Марибор останал и без вода. Причината, наводно, е прекин на електричната енергија во Камница, поради што пумпната станица „Врбански плато“ не работи.
Свет
Иран со предупредување дека американските воени средства ќе бидат „легитимна цел“, доколку САД ги спроведат воените закани
Иран предупреди дека американските бази, објекти и воени средства ќе бидат „легитимни цели“ доколку САД ги спроведат своите воени закани и напади.
Амир Саид Иравани, амбасадорот на Иран во Обединетите нации, ги изрази овие закани во писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и претседателот на Советот за безбедност, според АФП.
Според написите, претседателот Доналд Трамп распореди воени бродови, борбени авиони и друга воена опрема на Блискиот Исток, додека се обидува да го спречи Иран да изгради нуклеарна бомба, нешто што Техеран го негира.
Во писмото, како што наведува медиумот, се цитира објавата на Трамп на социјалните мрежи кога тој рече дека САД можеби ќе мора да користат британски воени бази, вклучително и една на остров во Индискиот Океан, „доколку Иран одлучи да не склучи договор“.

