Свет
Нетанјаху побара од својот син да ја одложи венчавката поради безбедносни причини

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара од својот син Авнер да ја одложи венчавката закажана за 26 ноември наведувајќи ги безбедносните причини како клучен фактор во одлуката.
Церемонијата требаше да се одржи на фармата „Ронит“ во регионот Шарон, недалеку од Тел Авив, место познато по организирање семејни прослави.
Како што пишува „Тајмс оф Израел“, Нетанјаху разговарал со своите соработници за можните безбедносни предизвици што би можеле да произлезат од собирањето на ваков јавен настан, особено поради неодамнешните инциденти со беспилотни летала во регионот. Еден таков инцидент се случи пред неколку недели кога дрон лансиран од позиција на Хезболах го оштети прозорецот на резиденцијата на премиерот. Овој настан дополнително ги истакна можните ризици поврзани со големите собири, пренесуваат медиумите во регионот.
Медиумите неколкупати се обидоа да добијат официјален коментар од кабинетот на Нетанјаху во врска со ова барање, но премиерот сè уште не одговорил на овие прашања.
Оваа одлука за одложување на венчавката доаѓа во време кога Израел е соочен со зголемени тензии и потреба од дополнителни безбедносни мерки, што е тема од особен интерес на јавноста и домашната политичка сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иранската војска им се заканува на САД: Ќе одговориме решително

Командантот на иранските вооружени сили им се закани на САД со решителен одговор, објавија локалните медиуми.
„Секогаш кога Американците извршиле злосторства, тие добивале решителен и цврст одговор – и така ќе биде и овој пат“, рече генералот Хатами, според извештајот на државната новинска агенција Фарс.
„Акциите што ги презедовте во последните денови имаат голема вредност. Тие го спречија израелскиот непријател да успее во своите операции. Денес, тие беа принудени да го поканат директниот сторител на овие злосторства – Соединетите Американски Држави – и да ги вовлечат во директен конфликт со Исламската Република Иран“, им рече тој на собраните воени лидери.
„Ќе ја браниме независноста на оваа земја со сите наши сили. Сметаме дека мачеништвото е голема чест, но денес се бориме за победа и до победа“, додаде тој.
Заменик-командантот на операциите и заменик-командантот за координација на иранската армија седеа до генералот Хатами додека тој зборуваше. На видеото се гледа и командантот на воздушната одбрана, како и командантите на морнарицата и воздухопловните сили, а наводно и висок офицер на копнените сили.
Свет
Советот за безбедност на ОН заседава поради Иран

Советот за безбедност на Обединетите нации се состанува денеска за да разговара за нападите на САД врз иранските нуклеарни постројки додека Русија, Кина и Пакистан предлагаат 15-членото тело да усвои резолуција со која се повикува на итен и безусловен прекин на огнот на Блискиот Исток.
Засега не е јасно кога треба да се гласа. Трите земји ја споделија нацрт-резолуцијата, велат дипломатите, и побараа од земјите-членки да го изнесат својот став до утре вечер. За усвојување на резолуцијата потребни се најмалку девет гласа „за“ без вето од петте постојани членки: САД, Франција, Велика Британија, Русија или Кина.
САД најверојатно ќе се спротивстават на нацрт-резолуцијата, која исто така ги осудува нападите врз иранските нуклеарни постројки. Нацртот не ги именува САД или Израел како напаѓачи.
Светот го очекува одговорот на Иран откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ги „уништил“ клучните нуклеарни постројки во Иран, придружувајќи му се на Израел во најголемата западна воена акција против земјата од исламската револуција во 1979 година.
Иран побара состанок на Советот за безбедност на ОН, повикувајќи ја организацијата „да се пожали за очигледниот и незаконски чин на агресија со цел да го осуди на најсилно можно изразување“.
Пратеникот на Израел во ОН, Дени Данон, вчера изјави дека САД и Израел „не заслужуваат осуда, туку израз на благодарност што го направиле светот побезбедно место“. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги нарече американските напади врз Иран опасна ескалација во регионот кој веќе е на работ и директна закана за меѓународниот мир и безбедност.
„Во овој опасен момент, од клучно значење е да се избегне втурнување во хаос. Нема воено решение. Единствениот начин е дипломатијата. Единствената надеж е мирот“, објави Гутереш.
Свет
Напад на бомбаш самоубиец во црква во Дамаск

Сириските медиуми јавуваат за напад на бомбаш-самоубиец во црквата Мар Елиас во главниот град Дамаск. Напаѓачот активирал експлозивна направа во самата црква.
Според безбедносните извори загинале најмалку 15 лица, додека медиумите првично јавија за 30. Од она што досега е познато има многу повредени лица во нападот.
Сведок, кој се претстави како Равад, изјави за Асошиејтед прес дека го видел напаѓачот, кој бил придружуван од уште две лица кои побегнале додека тој возел во близина на црквата.
„Пукаше пред црквата…потоа влезе во црквата и се разнесе“, рече тој.
Сирискиот министер за информации Хамза Мостафа го осуди нападот.
„Овој кукавички чин е во спротивност со граѓанските вредности кои не обединуваат“, напиша тој на социјалната мрежа Х
„Ние нема да отстапиме од нашата заложба за еднакво граѓанство… го потврдуваме и ветувањето на државата дека ќе вложи максимални напори за борба против криминалните организации и за заштита на општеството од сите напади кои ја загрозуваат неговата безбедност“, додаде тој.
Локалните извори јавуваат дека безбедносните сили брзо ја затвориле областа, ги евакуирале ранетите и поставиле безбедносен кордон околу местото на нападот.
Ниту една група веднаш не презеде одговорност за нападот, но сириското Министерство за внатрешни работи извести дека екстремист од Исламската држава влегол во црквата, пукал во присутните, а потоа се разнел со експлозивен елек, што било потврдено и со сведоштва.
Ова е прв терористички напад на Исламската држава во Сирија по падот на режимот на Асад.