Свет
Нетанјаху: Ќе го почитувам планот на Трамп за Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека го почитува планот на Доналд Трамп да го испразни разурнатиот Појас Газа од неговите жители, а планот го бранеше и шефот на американската дипломатија при посетата на Ријад.
Саудиска Арабија ќе биде домаќин на самитот на неколку арапски земји во петок, првично планиран за ден претходно, за да се претстави заеднички одговор на проектот што предизвика меѓународeн револт.
За време на посетата на Израел во неделата, државниот секретар Марко Рубио покажа солидарност со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Предвидено е тој да се сретне и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Нетанјаху рече дека е должен да го „почитува“ планот на американскиот претседател Доналд Трамп за САД да ја преземат контролата врз палестинската територија и да протераат 2,4 милиони луѓе во Египет и Јордан.
„Како што се обврзав да гарантирам дека по војната во Газа нема повеќе да има Хамас или палестинска управа, морам да го почитувам планот на Доналд Трамп да создаде друга Газа“, рече тој.
Планот беше отфрлен од Палестинците и сите арапски земји, што дополнително ги зголеми тензиите околу и онака кревкиот прекин на огнот во Газа од 19 јануари.
Израелскиот безбедносен кабинет треба да разговара за втората фаза од договорот за прекин на огнот, кој треба да овозможи ослободување на сите заложници во Газа и дефинитивен крај на војната.
Првата фаза од договорот завршува на 1 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Ќе му кажам на Трамп дека не може да си дозволи да биде слаб пред Путин

Емануел Макрон вели дека планира следната недела да му каже на Доналд Трамп дека не може да си дозволи да биде слаб во лицето на Владимир Путин.
Францускиот претседател следниот понеделник треба да го посети Вашингтон, каде што вели дека ќе се обиде да го убеди Трамп дека неговиот интерес е „ист како и нивниот“.
„Ќе му кажам: „Не можете да бидете слаби со претседателот Путин. Тоа не сте вие, тоа не е ваш заштитен знак, тоа не е во ваш интерес“.
Говорејќи за време на прашања и одговори на „Х“ за Украина и европската безбедност, Макрон рече дека Трамп „создава несигурност бидејќи сака брзо да склучи договор“.
Тој додаде дека оваа неизвесност влијае на Путин, кој не знае што би можел да направи потоа американскиот претседател.
Во врска со Володимир Зеленски, кого Трамп оваа недела го нарече диктатор, Макрон рече дека украинскиот претседател е легитимен.
Тој рече дека Зеленски е избран на слободни избори, што не е случај со Путин.
Свет
Украински политичар тврди дека Америка ја прекинала испораката на оружје за Украина

Според претседателот на комисијата за одбрана на украинскиот парламент, Роман Костенко, САД престанале да испорачуваат оружје на украинската армија.
Причините за прекинот на испораката на американско оружје се непознати, а освен Роман Костенко, ниту еден друг украински функционер не се огласил по ова прашање.
„Според моите информации, оружјето што требаше да се продаде веќе не се доставува. Тие компании што требаше да го пренесат тоа оружје сега чекаат, бидејќи нема одлука“, рече Костенко.
„И сите чекаат да видат дали ќе се донесе одлука, барем да се набави оружје за пари“, додаде Костенко.
Американско-украинските односи беа значително нарушени во изминатиот период поради мировните преговори меѓу САД и Русија.
Свет
Руте: Европа има важна улога во обезбедувањето траен мир во Украина

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека Европа има важна улога во обезбедувањето траен мир во Украина.
„Треба да продолжиме да ја зајакнуваме Украина за да дојде на преговарачка маса“, рече Руте на заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини во Братислава.
Тој рече дека Украина ќе бара „цврсти безбедносни гаранции“ за да се постигне траен мир, додавајќи дека земјите од НАТО веќе разговараат „што би можело да значи тоа“.