Свет
Нетанјаху: Ќе продолжиме со нападите врз Газа со зголемен интензитет
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, одржа прес-конференција на која рече дека ќе ја продолжи копнената офанзива со сѐ поголема сила, сметајќи дека тоа е единствениот начин да се постигне целта на Израел да го елиминира Хамас и да ги ослободи заложниците.
Тој рече дека израелската армија и безбедносните сили продолжуваат со копнениот напад во согласност со меѓународното право – тврдење што некои набљудувачи за човекови права и светски лидери, го доведуваат во прашање.
Нетанјаху рече дека војниците се подготвувале за тековните борби со полна пареа за време на затишјето во борбите.
„Завчера им наредив на ИДФ, заедно со Воениот кабинет, да продолжат со борбите, со зголемена сила. Во последните 24 часа уништивме повеќе од 400 терористички цели на Хамас. Извршивме опсежни воздушни напади во Кан Јунис. Ги елиминиравме терористите и инфраструктурата во Беит Лахија. Продолжуваме да работиме во северниот дел на Појасот Газа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Урсула фон дер Лајен денеска телефонски ќе разговара со Зеленски
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска телефонски ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други европски лидери, изјави портпарол на ЕК.
Белата куќа претходно соопшти дека Трамп ќе се сретне со Зеленски утре во Палм Бич на Флорида.
Средбата е закажана за 15 часот по локално време и ќе биде посветена на напорите за прекин на војната во Украина.
Свет
Има повредени во рускиот напад врз Киев
Пет лица се повредени во рускиот напад врз Киев синоќа, објави градоначалникот на главниот град, Виталиј Кличко, на Телеграм, цитиран од Укринформ.
„Досега, четворица од повредените во непријателскиот напад добиле медицинска помош. Тројца се хоспитализирани, а еден е прегледан и се лекува надвор од болницата“, рече Кличко.
Според него, пожар избувнал во сервис за автомобили во југозападниот дел на Киев. Во северниот дел на главниот град, остатоци од беспилотни летала паднале во населба со викендици, а во североисточниот дел од градот има остатоци на отворен терен.
Градоначалникот додаде дека сите служби за итни случаи и спасување се на местото на нападот.
Свет
Стотици летови се откажани поради снежната бура што ги зафати Њујорк и Њу Џерси
Стотици летови се откажани поради снежната бура што ги зафати Њујорк и Њу Џерси и поголемиот дел од североисточните држави на САД.
Според FlightAware, кој го следи воздушниот сообраќај во американскиот воздушен простор, во земјата се откажани 1.659 летови – речиси десет пати повеќе од претходниот ден. Предупредувањето за зимска бура останува на сила за регионот, а на некои места има прогноза и за замрзнат дожд.
Националната метеоролошка служба на САД предвидува до 13 сантиметри снег во Њујорк и до 28 сантиметри во областите северно и североисточно од градот.
Локалните власти ги повикаа жителите да избегнуваат патувања и да останат дома доколку е можно.
Според медиумските извештаи, бурата би можела да ги донесе најголемите снежни наноси во градот во последните три години. Летовите се откажани и на аеродромите во Филаделфија и Балтимор, како и во Торонто, најголемиот деловен центар во Канада.

