Европа
Неуспех на неформалниот самит за брегзит
Првиот ден од неформалниот самит на лидерите на ЕУ во Салцбург заврши без некој значаен чекор кога станува збор за можностите за договор меѓу Велика Британија и Унијата, во врска со брегзит.
„Во оваа фаза уште сме на мртва точка. Не постои напредок“, рекла претседателката на Литванија, Далија Грибаускајте, за „Ројтерс“ по синоќешната вечера, со која почна дводневниот неформален самит. Ова беше потврдено од страна на словачкиот премиер, Петер Пелегрини, кој рече дека по прашањето за границите нема напредок.
Британската премиерка, Тереза Меј, синоќа директно ги повика лидерите на ЕУ да се воздржат од неприфатливи барања во врска со повлекувањето на земјата од блокот, кои, како што наведе, би можеле да доведат до распад на Велика Британија.
Таа ја повика Унијата соодветно да одговори на нејзината сериозна и изводлива агенда. Лидерите на ЕУ учтиво ја слушаа, но потоа изјавија дека ќор-сокакот во врска со ирската граница сè уште е тука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Папата го критикува планот на Трамп: „Срамота“
Папата Франциско ја критикува најавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе почне построго спроведување на антиимиграциските мерки, вклучително и депортации, по преземањето на функцијата.
Во интервју за италијанската телевизија „Канал 9“, папата рече дека би било срамота доколку Трамп продолжи со најавениот план, објави „Ројтерс“ во понеделникот додавајќи дека користењето остри зборови е невообичаен начин на комуникација за поглаварот на Католичката црква.
Франциско, духовниот водач на 1,4 милијарда католици, обично внимателно ги избира зборовите кога зборува за политички прашања.
Тој смета дека со овој план „мигрантите, кои немаат ништо, ќе ја платат неплатената сметка“.
„Тоа не функционира. Така не го решавате проблемот“, рече папата.
Европа
Се судрија два брода на реката Елба, 11 повредени
Единаесет лица се повредени кога транспортен брод се судри со траект на реката Елба во северниот германски пристаништен град Хамбург, соопштија денеска пожарникарите.
Едно лице добило повреди опасни за животот, изјави портпаролот во близина на местото на несреќата. Бродовите се судрија рано утрото во близина на мостот „Колбранд“ во југозападниот дел на Хамбург.
Причините за несреќата сè уште не се познати.
Европа
Украински командант: Русите загубија најмногу војници во 2024 година од почетокот на војната
Руските сили ги претрпеа најтешките загуби во 2024 година од почетокот на војната. Вкупните воени загуби достигнаа 434.000 војници, вклучително и приближно 150.000 загинати во борбите во текот на изминатата година, изјави врховниот командант Олександр Сирски во вчерашното интервју за украинскиот медиум ТСН, пренесува Гардијан.
„Путин загуби повеќе во 2024 година отколку во претходните две години војна заедно“, рече Сирски.
До вчерашниот ден Русија загубила вкупно 818.740 војници од почетокот на инвазијата, се наведува во извештајот на украинскиот Генералштаб. Проценката се совпаѓа со проценките на западните разузнавачки агенции и веројатно ги вклучува убиените, заробените, ранетите и исчезнатите. Русија постигна напредок во источна Украина и во регионот Курск во текот на изминатата година, но со големи загуби.
Руските загуби достигнаа рекордни нивоа во ноември и декември, со дневен максимум од 2.030 изгубени војници во ноември, што е највисока дневна загуба од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Москва не го открива бројот на своите жртви, иако официјален претставник на Министерството за одбрана неодамна откри дека одделот примил 48.000 барања за идентификација на исчезнатите војници.
Според заедничката истрага на руско Би-би-си и „Медиазоне“, новинарите ги идентификувале имињата на 88.726 руски војници кои загинале за време на инвазијата на Украина. Според овие извори, 2024 година би можела да биде најсмртоносната година на војната, со во моментов повеќе од 20.000 потврдени смртни случаи во изминатите 12 месеци, иако конечните бројки сè уште се собираат.
Во декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски откри дека Украина изгубила 43.000 војници на бојното поле од почетокот на инвазијата, тема за која често не разговара. Олександр Сирски на прашањето за украинските загуби генерално одговори, само рече дека тие се многу помали од руските. Доколку продолжи ваквото темпо на руски загуби, се очекува во следните шест месеци да бидат изгубени над еден милион војници.