Свет
Не е прашање дали, туку кога Украина ќе влезе во НАТО – на самитот на алијансата потврдена поддршката за Киев
Членките на Северноатлантскиот сојуз го нарекоа влезот на Украина во НАТО неповратен и ја потврдија својата поддршка за Киев на патот на евро-атлантските интеграции, се вели во декларацијата на самитот на НАТО во Вашингтон, усвоена во средата.
„Додека Украина ги продолжува своите витални напори, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатлантска интеграција, вклучително и членство во НАТО“, се наведува во документот објавен на веб-страницата на НАТО.
Во исто време, се посочува дека Украина треба самата да избере, без надворешно мешање, како да ја обезбеди сопствената безбедност.
„Иднината на Украина е во НАТО. Украина станува сѐ покомпатибилна и политички интегрирана со алијансата“, се наведува во декларацијата.
Земјите на НАТО го поздравуваат конкретниот напредок што Украина го постигнала од самитот во Вилнус во неопходните демократски, економски и безбедносни реформи.
„Уште еднаш потврдуваме дека ќе можеме да ја поканиме Украина да влезе во алијансата кога земјите членки ќе се договорат и ќе ги исполнат условите“, се наведува во документот.
Оваа одлука, како и состанокот на советот Украина – НАТО, кој треба да се одржи денеска, во комбинација со досегашните напори на членките на алијансата, „е мост за членството на Украина во НАТО“.
Како што изјавија членките на алијансата, тие ќе продолжат да го поддржуваат напредокот на Украина во однос на интероперабилноста, како и во воведувањето реформи во сферата на демократијата и безбедносниот сектор.
Руската инвазија на Украина ги наруши мирот и стабилноста во евро-атлантскиот регион и сериозно ја поткопа глобалната безбедност, се наведува во документот истакнувајќи дека „Русија останува најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците“.
„Ја потврдуваме нашата непоколеблива солидарност со народот на Украина во херојската одбрана на нивната нација, нивната земја и нашите заеднички вредности. Силна, независна и демократска Украина е од витално значење за безбедноста и стабилноста на евро-атлантската област. Борбата на Украина за нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на нејзините меѓународно признати граници директно придонесува за евро-атлантската безбедност. Ги поздравуваме најавите на сојузниците да ѝ обезбедат на Украина клучни дополнителни системи за воздушна одбрана, како и други воени капацитети“, се вели во соопштението на НАТО.
Членките на НАТО го потврдија ветувањето за долгорочна помош за Украина за обезбедување воена опрема и градење сили способни да ја поразат руската агресија.
Преку пропорционалните придонеси сојузниците имаат намера да обезбедат минимално основно финансирање од 40 милијарди евра во наредната година и да обезбедат одржливо ниво на безбедносна помош за Украина.
Покрај воената поддршка опфатена со ова ветување, сојузниците имаат намера да продолжат да обезбедуваат политичка, економска, финансиска и хуманитарна поддршка за Украина.
„Тероризмот, во сите негови форми и манифестации, е најдиректната асиметрична закана за безбедноста на нашите граѓани и за меѓународниот мир и просперитет. Заканите со кои се соочуваме се глобални и меѓусебно поврзани“, се наведува во декларацијата.
Во документот се поздравува одлуката на генералниот секретар Јенс Столтенберг да назначи висок претставник на НАТО во Украина.
Исто така, се истакнува дека Русија сноси единствена одговорност за „војната за агресија против Украина“, што е јасно кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН.
„Не може да има неказнивост за воените злосторства и други прекршувања на меѓународното право. Русија е одговорна за смртта на илјадници цивили и предизвика голема штета на цивилната инфраструктура. Ние најостро ги осудуваме ужасните напади на Русија врз украинскиот народ, вклучително и нападот врз болниците во Киев на 8 јули. Русија мора веднаш да ја прекине оваа војна и целосно и безусловно да ги повлече сите свои трупи од Украина во согласност со резолуциите на Генералното собрание на ОН“, се предупредува во декларацијата на НАТО.
Членките на НАТО нагласуваат дека никогаш нема да ги признаат руските „незаконски анексии на украинска територија, вклучувајќи го и Крим“.
Исто така, ја повикуваат Русија да ги повлече сите свои сили од Република Молдавија и Грузија, кои се стационирани таму без нивна согласност, се вели во декларацијата.
Се додава дека НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија, а членките на алијансата сѐ уште се подготвени да одржуваат канали за комуникација со Москва, со цел, како што се наведува, да се ублажи ризикот и да се спречи ескалација.
НАТО ги повикува сите земји да не даваат никаква помош за руската агресија и со тоа да ја продолжат руската војна во Украина.
За Белорусија, Кина, Иран и за Северна Кореја
„Белорусија продолжува да ја овозможува оваа војна со ставање на располагање на својата територија и инфраструктурата. Продлабочувањето на руската политичка и воена интеграција со Белорусија, вклучително и распоредувањето на напредни руски воени капацитети и персонал, има негативни импликации за регионалната стабилност и одбраната на алијансата“, стои во декларацијата.
Забележано е дека Северна Кореја (КДРК) и Иран ја охрабруваат руската агресивна војна против Украина давајќи и директна воена поддршка на Русија, како што се муниција и беспилотни летала (UAV), што, како што се истакнува, сериозно влијае на евро-атлантската безбедност.
„Силно го осудуваме извозот на артилериски гранати и балистички ракети од КНДР, што е во спротивност со многуте резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации и со голема загриженост го забележуваме продлабочувањето на врските меѓу Северна Кореја и Русија. Секој трансфер на балистички ракети и поврзана технологија од страна на Иран кон Русија би претставувало значајна ескалација“, се наведува во декларацијата на НАТО.
Се додава дека Кина исто така стана одлучувачки двигател на руската војна против Украина преку нејзината голема поддршка за руската одбранбена индустриска база.
„Продлабоченото стратешко партнерство меѓу Русија и Народна Република Кина и нивните меѓусебно засилувачки обиди да го поткопаат и преобликуваат меѓународниот поредок заснован на правила се причина за длабока загриженост. Соочени сме со хибридни, сајбер, вселенски и други закани и злонамерни активности од државни и недржавни актери“, се истакнува во документот.
Борбата против тероризмот останува клучна за колективната одбрана на НАТО.
„Ние ќе продолжиме да се спротивставуваме, одвраќаме, браниме и одговараме на заканите и предизвиците што ги претставуваат терористите и терористичките организации врз основа на комбинација на мерки за превенција, заштита и негирање со одлучност, решителност и солидарност“, се вели во соопштението.
Се наведува и дека конфликтот и нестабилноста во Африка и на Блискиот Исток, како и дестабилизирачките дејства на Иран директно влијаат на безбедноста на членките на НАТО и нивните сојузници.
Во декларацијата се наведува дека, по повод 75-годишнината, НАТО ќе преземе натамошни чекори за зајакнување на одвраќањето и одбраната и ја потврдува постојаната посветеност за целосно спроведување на ветувањето за одбранбени инвестиции од најмалку два отсто од БДП годишно, како што е договорено во Вилнус.
Столтенберг: Прашање на време е кога Украина ќе влезе во НАТО
Прашањето за членството на Украина не е прашање дали тоа ќе се случи, туку кога, изјави синоќа на самитот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Додека Украина продолжува со клучните реформи, ние ќе продолжиме да ги поддржуваме на нивниот неповратен пат кон НАТО. Работата што ја работиме заедно ќе обезбеди дека, кога ќе биде вистинското време, Украина може да се приклучи, без одлагање. Значи, не е прашање дали, туку кога. Во овој опасен свет пријателите и партнерите се поважни од кога и да било“, изјави Столтенберг, пренесе „Гардијан“.
Тој оцени дека, според меѓународното право, Украина има право на самоодбрана од Русија.
„Им помагаме да го остварат своето право снабдувајќи ги со оружје, муниција, ракети. Правото на самоодбрана вклучува пукање кон легитимните воени цели на агресорот Русија“, нагласи Столтенберг.
Пелегрини: Словачка го поддржува членството на Украина во НАТО, но по завршувањето на војната
Словачка го поддржува членството на Украина во НАТО, но само по завршувањето на војната и под услов Киев да ги исполни потребните услови, изјави претседателот на Словачка, Петер Пелегрини.
„Словачка максимално ги поддржува интеграциските напори на Украина… и ќе го сподели сето свое знаење во реформите, но, од друга страна, инсистираме на текстот во кој се вели дека прашањето за идното членство во НАТО може да се отвори само кога ќе има мир во Украина и нема воен конфликт, кога ќе се исполнат сите услови… и кога на тоа ќе се согласат сите членки на алијансата“, изјави Пелегрини пред почетокот на состанокот на лидерите на НАТО во Вашингтон, пренесува „Укринформ“.
Пелегрини нагласи дека во овој момент е рано и невозможно да се зборува за членство на Киев во НАТО со оглед на ситуацијата бидејќи, според него, тоа е „сѐ уште многу далечна цел“.
Тој го нарече овој пристап многу прагматичен и реален.
Според него, ако Украина падне, тоа би било многу непријатна ситуација за целото источно крило на НАТО.
Дуда: НАТО ја поддржува Украина, но не сака да војува со Русија
Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави вчера во Вашингтон, пред почетокот на состанокот на Евро-атлантскиот совет, дека НАТО ја поддржува Украина, но дека не сака да војува со Русија.
Дуда рече дека Украина треба да стане членка на НАТО по завршувањето на војната бидејќи алијансата не сака да биде вовлечена во војна со Русија.
Дуда посочи дека се разговара само за моментот кога Украина ќе биде примена во НАТО, а не дали воопшто ќе биде примена, пренесе „Европска правда“.
„Денеска има само еден проблем на овој пат, а тоа е дека војната мора да заврши бидејќи Украина мора да биде примена во НАТО врз основа на полноправно членство“, рече Дуда.
Според него, тоа подразбира автоматска примена на членот 5 и вклучување на НАТО во војната доколку биде нападната една членка на алијансата.
Дуда изрази надеж дека Украина ќе биде официјално поканета во НАТО на следниот самит во Хаг.
За Западен Балкан
Членките на НАТО во заедничкото соопштение од самитот одржан во Вашингтон истакнаа дека регионите на Западен Балкан и Црното Море се од стратешко значење за алијансата и дека НАТО останува силно посветен на нивната безбедност и стабилност.
„Ќе продолжиме да ги унапредуваме нашиот политички дијалог и практичната соработка со Западен Балкан со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на злонамерното влијание, вклучително и дезинформации, хибридни и сајбер-закани, поставени од државни и недржавни актери“, се нагласува во декларацијата.
Како што се додава, демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евро-атлантските интеграции поради што НАТО очекува континуиран напредок на овој план.
„Остануваме посветени на континуираниот ангажман на НАТО на Западен Балкан. НАТО ги поддржува евро-атлантските аспирации на заинтересираните земји во овој регион“, се наведува во декларацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026
Свет
Ден на жалост во Сараево по трагичната трамвајска несреќа
Ден на жалост во Сараево по трамвајска несреќа е прогласен од Владата на Кантонот Сараево откако трамвај излета од шините во централното градско подрачје, при што едно лице го загуби животот, а повеќе лица беа повредени, соопштија надлежните институции по одржаната вонредна седница.
Одлуката следуваше по силните реакции во јавноста и барањата трагедијата да биде официјално одбележана. Во несреќата животот го загуби 23-годишен студент кој се наоѓал на трамвајска постојка во моментот на инцидентот. Дел од повредените се задржани на болничко лекување, а за една малолетна девојка се наведува дека се здобила со тешки телесни повреди.
Надлежните органи отворија истрага за да се утврдат причините и околностите под кои дошло до излетувањето на трамвајот. Институциите најавија дека по завршувањето на постапката ќе бидат соопштени дополнителни информации.
Со одлуката за Ден на жалост се предвидува знамињата да бидат спуштени на половина копје и да се откажат или одложат јавните настани на територијата на кантонот.
Свет
Поранешна тенисерка загина во тешка сообаќајка
Вчера нешто пред 21:00 часот во Србија се случила тешка сообраќајна несреќа во која се судриле патничко и товарно возило, а според информациите што ги пренесоа медиумите, животот го загубила поранешната српска тенисерка Татјана Јечменица.
Трагедијата се случила на обиколница, каде автомобилот во кој се наоѓала Јечменица се движел наназад, по што во него удрил камион. Таа починала на самото место, додека нејзиниот сопруг се здобил со тешки повреди и бил итно пренесен на лекување.
Пожарникарските екипи интервенирале веднаш по несреќата и успеале да ги извлечат сопружниците од уништеното возило.
Јечменица во најдобрите денови од својот ранкинг во кариерата беше на 72. позиција на ВТА-листата, а по завршувањето на професионалното играње беше ангажирана и како селекторка на женската репрезентација во рамки на ФЕД Купот, каде го пренесуваше своето искуство на новите генерации.

