Свет
Не залажувајте се дека Москва ќе се врати во договорот за оружје, вели Рјабков
Оние што очекуваат дека Москва ќе се врати во договорот за конвенционални вооружени сили во Европа (ЦФЕ) треба да се разбудат од своите илузии, а Западот ќе мора да признае дека документот е спротивен на безбедносните интереси на Русија, истакна рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.
Во интервју за „Парламентскаја газета“, денеска, Рјабков истакна дека формалното повлекување на Русија од ЦФЕ нема да влијае на регионалната безбедност, која веќе е нарушена од дејствата на земјите поврзани со НАТО.
Првично потпишан во 1990 година и адаптиран во 1999 година договорот се обидуваше да го спречи НАТО и сега веќе непостојниот Варшавски пакт да акумулираат трупи за блицкриг-офанзива и да воспостави воена рамнотежа меѓу двата блока.
Рјабков укажа на парадоксалната ситуација во врска со ЦФЕ, кој го ограничува бројот на тенкови, оклопни возила, артилерија, хеликоптери и авиони стационирани во Европа.
Москва го потпиша адаптираниот договор, кој не беше ратификуван од мнозинството европски држави, но во 2007 година делумно го суспендира наведувајќи го како причина фактот дека новите членки на НАТО не ги почитуваат ограничувањата на своите армии во согласност со ЦФЕ, а во 2015 година целосно се повлече од механизмите на договорот.
„Стариот договор одамна престана да кореспондира со реалноста“, истакна Рјабков додавајќи дека обидите за ажурирање на договорот никогаш навистина не вродиле со плод „поради САД и другите членки од НАТО, кои бараа одредени отстапки од нас“.
НАТО, во меѓувреме се прошири заобиколувајќи ги ограничувањата наметнати со ЦФЕ, посочи рускиот дипломат, додавајќи дека со суспендирање, но неизлегување од ЦФЕ во 2007 година, Москва ја остави отворена вратата за враќање на неговата одржливост.
„Западните земји имаа повеќе од доволно време да покажат здрав разум. Но, тие претпочитаа да го следат патот на понатамошно проширување на НАТО и на конфронтација со Русија“, посочи Рјабков.
Прашан дали повлекувањето на Русија од ЦФЕ негативно ќе влијае на безбедноста во Европа, Рјабков ја отфрли идејата.
„Таа (безбедноста) веќе е кородирана од непријателските дејства на земјите на НАТО и нивните клиенти кон нас. Тој со години не функционира како што треба, така што нашето повлекување не може дополнително да ја влоши ситуацијата“, инсистира Рјабков.
Покрај тоа, притисокот врз Шведска и Финска да се приклучат на НАТО во услови на конфликт во Украина, кој овозможи распоредување на американските војници на руската граница, ја лиши Москва од можноста да остане дел од договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

