Свет
„Не можам да дишам“ – Си-ен-ен објави транскрипт од последните зборови на Кашоги во конзулатот
„Не можам да дишам”, се последните зборови што ги кажал саудискиот новинар Џемал Кашоги пред да биде убиен, објави Си-ен-ен. Американскиот медиум се повикува на извор близок до истрагата за убиството на саудискиот новинар.
Изворот кој го читал преведениот транскрипт од аудиоснимката вели дека е сосема јасно дека убиството што се случило на 2 октомври било планирано.
За време на вознемирувачките и мачни моменти во саудискиот конзулат во Истанбул, Кашоги, вели изворот, се борел за живот.
„Не можам да дишам”, рекол тој. „Не можам да дишам”, повторил тој. „Не можам да дишам”, рекол Кашоги по третпат и, според зборовите на изворот на Си-ен-ен, тоа било и последен пат.
Во транскриптот исто така е забележан звукот на пилата, како и музиката што ја пуштиле убијците за да го прикријат звукот додека го сечеле телото на убиениот новинар, пишува Си-ен-ен.
Исто така, во транскриптот се вели дека веднаш по убиството биле направени неколку телефонски повици, со кои другата страна била информирана дека работата е завршена. Турската разузнавачка служба се сомнева дека станува збор за разговори со луѓе од влада во Ријад.
На 2 октомври Кашоги влегол во саудискиот конзулат во Истанбул со цел да побара документи за свадбата со својата девојка од Турција. И оттогаш почнува транскриптот што го објави Си-ен-ен.
Штом влегол, како што може да се забележи и на видеото, Кашоги сфатил дека нешто не е во ред.
Тој препознал еден од луѓето кои биле внатре и го прашал што прави таму. Според изворот на Си-ен-ен, тоа е Махер Абдулазиз Мутреб, поранешен саудиски дипломат и разузнавач кој работи за Бин Салман. Кашоги го познавал уште од времето кога живеел во Лондон, а тие двајца и заедно работеле во саудиската амбасада.
„Се враќаш“, вели човекот. „Не можете да го направите тоа. Луѓето чекаат надвор”, враќа Кашоги. Имено, свршеницата на Кашоги чекала пред конзулатот.
Набрзо почнува бучава. Очигледно, тие брзо го нападнале новинарот, објави Си-ен-ен.
Во една од првите верзии, кога призна дека новинарот е убиен, Саудиска Арабија изјави дека било ненамерно. Но според транскриптот, може да се забележи дека Кашоги неколкупати вели дека нема воздух.
„Не можам да дишам”, тоа беа неговите последни збори, додава Си-ен-ен.
Еден од гласовите кои истражувачите го препознале од видеото е идентификуван како гласот на д-р Салах Мухамад ал-Тубаики, шеф на форензичката медицина во Министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија.
Со Кашоги и Мутреб, тој е единствената личност чиј глас засега е идентификуван.
Како што продолжува транскриптот, се открива дека Кашоги сè уште не е мртов. На видетото подоцна, според зборовите на изворот на Си-ен-ен, се слушаат бучава и вресоци, но без дијалог. Потоа се слуша моторна пила, како и Ал-Тубаики, кој им наредува нешто на своите соработници.
„Ставете ги слушалките или слушајте музика како мене”, вели тој. Во транскриптот, исто така, евидентирано е дека Мутреб направил три телефонски повици.
„Кажи им на своите дека е завршено“.
„Кажете им на своите луѓе дека тоа е направено, тоа е направено”, повторува Мутреб, се наведува во транскриптот.
Извор близок до истрагата на Си-ен-ен тврди дека Мутреб и Тубаики исто така рекле дека не направиле никакви повици. 18 саудијци беа уапсени под сомнение за поврзаност со убиството на Кашоги. Саудиска Арабија негира дека е вмешана во убиството, додека Турција уште првиот ден по исчезнувањето на новинарот прстот го впери во Ријад.
Кашоги работеше како дописник на „Вашингтон пост“, тој беше критичар на саудиската власт. На 2 октомври влезе во саудискиот конзулат во Истанбул по документи за неговата свадба, но никогаш не излезе оттаму. И по речиси два месеца, истрагата сè уште е во тек, а телото на новинарот не е пронајдено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.
Свет
Им го украл автомобилот, па добиле казна оти крадецот возел без појас
Брачниот пар Лејла и Хамид од Голд Кост, Австралија, прво станале жртви на кражба во нивниот дом, а потоа добиле и казна од околу 3.750 евра. Казната ја добиле затоа што крадецот кој им го украл автомобилот, Lexus SUV, не бил врзан со безбедносен појас.
Како што пренесува 9 Now Australia’s Today, маскирана група крадци влегла ноќе во нивниот дом додека брачниот пар спиел. Хамид се разбудил од бучавата, успеал да ги истера крадците и да повика полиција. Тврди дека полицијата не дошла, а крадците наскоро се вратиле и овој пат го украле нивниот Lexus SUV.
Хамид вели дека полицијата ја повикал и вторпат, но ни тогаш никој не дошол на адресата. Три недели по инцидентот, тврди тој, полицијата сè уште не го посетила нивниот дом. Наместо помош, парот добил – казна. Сообраќајна камера го снимила крадецот зад воланот на нивниот SUV без безбедносен појас, а паричната казна автоматски им била издадена на сопствениците на возилото. Ако не го платат износот до 3 март, им се закануваат дополнителни трошоци.
Хамид се прашува како е можно системот да го сними прекршокот и да ги казни сопствениците, но не и да ја идентификува лицето кое управувало со украдениот автомобил.
Според податоците на Австралискиот завод за статистика (ABS), во Австралија се краде еден автомобил на секои 11 минути. Во периодот 2023/2024 се украдени повеќе од 60.000 возила, околу 17.000 повеќе од претходната година. Барањата за отштета по кражби речиси се удвоиле од 2015 година и во 2024 достигнале 428 милиони долари.

