Свет
„Ние не сме ‘Амазон’“, министерот за одбрана на Обединетото Кралство ја критикува Украина по барањата за дополнително оружје
Министерот за одбрана на Обединето Кралство, Бен Валас, е обвинет дека ги критикувал Украинците кога им рекол дека Британија не е малопродажниот гигант „Амазон“ откога му ја претставиле листата на барања за оружје.
На НАТО-самитот, што се одржа во Вилнус, Валас исто така рече дека ја советувал Украина дека меѓународната заедница сака да види благодарност за нејзината поддршка во војната со Русија.
„Без разлика дали ни се допаѓа или не, луѓето сакаат да видат благодарност. Вие ги убедувате земјите да се откажат од сопствените акции и, да, вашата војна е благородна војна и ние ја гледаме како војна што не ја водите само за себе, туку и за нашите слободи. Но, понекогаш треба да ги убедите пратениците во Америка, сомнителните политичари во други земји дека вреди тоа што го прават и дека добиваат нешто за тоа. Без разлика дали тоа ви се допаѓа или не, тоа е само реалноста. Сојузниците ѝ дадоа огромни количини резерви на Украина од почетокот на руската инвазија. Ние не сме ‘Амазон’, тоа им го кажав минатата година кога возев 11 часа за да ми дадат список со барања за повеќе оружје“, изјави Валас.
Запрашан за расправијата, премиерот Риши Сунак се огради од коментарите велејќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано ја изразувал својата благодарност.
„Мислам дека секој може да види како тој се чувствува“, рече тој.
Премиерот рече дека луѓето во Украина се борат за своите животи и за слободата секој ден и плаќаат ужасна цена за тоа додавајќи дека ја разбира желбата на Зеленски да направи сè што може за да го заштити својот народ.
Претседателот Зеленски за забелешките на Валас за „Амазон“ рече дека не знае на што конкретно мисли министерот Валас, а даде објаснување за благодарноста.
„Верувам дека секогаш бевме благодарни на Обединетото Кралство, бевме благодарни на премиерите и на министерот за одбрана затоа што народот во Обединетото Кралство отсекогаш даваше поддршка, ние сме благодарни за ова“, додаде Зеленски.
Ова следуваше по обидите на западните лидери да ги смират тензиите со Украина откако претседателот Зеленски во вторникот сензационално ја обвини алијансата за апсурдно одложување на процесот за членство на неговата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон ја повика ЕУ да продолжи со усвојување нови санкции против Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денес ја повика Европската Унија да продолжи со усвојување нови санкции против Русија, кои Унгарија ги блокираше, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија. Мора да продолжиме со усвојување на 20-тиот пакет санкции на ЕУ“, рече Макрон во Париз на заедничка прес-конференција со неговиот фински колега Александар Стaб.
Финскиот претседател рече дека руската офанзива е стратешки, воен и економски неуспех на рускиот претседател Владимир Путин.
„Лидерот на Кремљ не сакаше НАТО да се прошири, а Финска и Шведска се приклучија на тој сојуз“, рече Стаб, додавајќи дека тоа е и воен неуспех за Путин бидејќи губи многу војници.
Шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, денес, по пристигнувањето на состанокот во Брисел, изјави дека е убеден дека 20-тиот пакет санкции ќе биде усвоен.
„Прашањето не е дали ќе биде усвоен. Ќе биде, тоа е сигурно. Но, кога ќе биде усвоен, секој мора да ги почитува своите обврски“, изјави Баро пред новинарите пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Свет
Путин: Русија се бори за својата иднина, вистина и независност
Русија се бори за својата иднина и независност, за вистина и правда, изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на доделувањето на државните награди на Хероите на Русија во Кремљ.
„Денес во Кремљ не се собираат само професионалци со огромно искуство и беспрекорна обука. Тоа се команданти кои од самиот почеток на воената операција се бореле заедно со своите војници, споделувајќи ги сите искушенија со своите другари. Тоа се луѓе со цврсти морални принципи и идеали, вистински патриоти на Русија“, рече Путин на церемонијата во Кремљ, пренесува РИА Новости.
Рускиот лидер истакна дека нивната храброст и решителност им помогнале успешно да извршуваат операции во најсложените области и насоки.
Денес, Русија го слави Денот на бранителите на татковината, а Путин им го честиташе празникот на војниците, заблагодарувајќи им се за нивната служба, лојалноста кон нивните заклетви и наследството на многу генерации предци.
Свет
Сибиха: Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник
Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, повикувајќи ги лидерите на тие земји да се вклучат во конструктивна соработка и да покажат „одговорно однесување“.
„Денес, на Советот за надворешни работи на ЕУ, повторив дека унгарските и словачките ултиматуми треба да бидат упатени само до Кремљ“, напиша Сибиха на својот профил на мрежата Икс.
Тој им се заблагодари на ЕУ и европските партнери за нивната поддршка на Украина, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин погрешно ја проценил состојбата во Европа.
„Путин целосно погрешно ја процени ситуацијата во врска со Украина. Русија се обиде да ја заплаши и подели Европа, но наместо тоа се соочи со невидено единство и нова европска сила која се вооружува и се шири. Ја нагласив подготвеноста на Украина да промовира мир и се залагав за поголемо европско учество во мировниот процес, истовремено истакнувајќи го лидерството на Соединетите Американски Држави“, рече Сибиха, пренесува Танјуг.
Според него, подготвеноста на Русија да ја заврши војната или да преземе сериозни чекори кон мир сè уште не е видлива.
„Повикуваме на зголемен притисок врз Москва. Потребна е целосна забрана за влез на учесници во руската агресија и нивните роднини“, рече Сибиха, додавајќи дека ЕУ треба да инвестира во украинската одбранбена индустрија.
Тој, исто така, повика на воведување на 20-тиот пакет европски санкции против Русија. „Исто така, треба да ја направиме 2026 година, година на успешно спроведување на програмата SAFE за заеднички одбранбени иницијативи и континуиран придонес кон иницијативата PURL на НАТО за критично американско оружје“, смета Сибиха.
Тој додаде дека Украина е подготвена да ги исполни сите услови за полноправно членство во ЕУ. „Пристапувањето на Украина, Молдавија и Западен Балкан претставува геополитичка, безбедносна и економска неопходност“, заклучи Сибиха.

