Свет
Никол Пашинјан: Руските мировници ќе останат во Нагорно-Карабах повеќе од пет години
Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, верува дека руските мировници ќе останат во Нагорно-Карабах повеќе од пет години.
„Точно пет години може да бидат доволни за да се создадат гаранции за безбедност и стабилност во регионот. Но, конфликтот во Нагорно-Карабах продолжува, затоа не верувам дека присуството на руски мировници ќе биде ограничено на еден петгодишен период“, изјави Пашинјан во интервју за ТАСС.
Пашинјан рече дека ставот на Ерменија во врска со статусот на Нагорно-Карабах останува непроменет.
„Го знаете ставот на Ерменија во однос на статусот на Нагорно-Карабах. Секако, тој остана непроменет“, рече Пашинјан одговарајќи на прашањето зошто трилатералната изјава усвоена од лидерите на Русија, Азербејџан и на Ерменија за прекинот на воените дејства во Нагорно-Карабах не кажува ништо за статусот на овој регион.
Пашинјан рече дека статусот на Нагорно-Карабах допрва треба да се утврдува преку процесот на преговори во рамките на групата од Минск на ОБСЕ.
„Всушност, постои консензус, барем меѓу копретседавачите на групата од Минск на ОБСЕ и Ерменија се согласува со ова гледиште дека преговорите мора да продолжат во рамките на копретседавањето со групата од Минск на ОБСЕ и дека прашањата што не беа решени во заедничката изјава треба да станат предмет на дискусија во рамките на копретседавањето со групата од Минск на ОБСЕ“, рече Пашинјан.
На 9 ноември рускиот претседател, Владимир Путин, азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах почнувајќи од 10 ноември.
Рускиот лидер рече дека азербејџанската и ерменската страна ќе ги задржат позициите што ги зазеле и руските мировници ќе бидат распоредени во регионот. Според руското Министерство за одбрана, столбот на контингентот е 15. Одделна моторизирана бригада (мировни сили) од Централниот воен округ.
Руски набљудувачки пунктови се поставени по должината на контактната линија во Нагорно-Карабах и по должината на коридорот Лачин, што ги поврзува Ерменија и Нагорно-Карабах. Командата на мировната операција се наоѓа во Степанакерт и ситуацијата се следи деноноќно.
Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е главно населен со етнички Ерменци, е причина за расправија меѓу Баку и Ереван со децении. Двете нации претходно водеа крвава војна за регионот помеѓу 1988 и 1994 година со сериозни борби, што повторно се разгореа во септември по повремените пресметки во тоа време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Секој пилот имал име на човек што треба да го убие“ – како се одвивдала ликвидацијата на ајатолахот Хамнеи
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја покрене операцијата против Иран, во координација со Израел, следела по недели дипломатски притисоци и интензивна разузнавачка подготовка, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на официјални и регионални извори.
Според израелскиот „Џерусалем пост“, месеците собирање разузнавачки податоци резултирале со детална листа на цели, вклучувајќи локации на клучни ирански команданти и високи функционери. Во подготовките учествувале израелските и американските служби, при што биле разменувани информации на повеќе нивоа.
Како што наведува медиумот, во првиот бран учествувале околу 200 авиони, а „секој пилот и екипаж добил прецизно дефинирани цели, со утврдена рута и време на извршување“. Нападите биле насочени кон командни центри и оперативни простории поврзани со иранските безбедносни структури.
Околу два часа по почетните удари, Иран возвратил со напади врз цели поврзани со САД во Заливот и со ракетирање кон Израел. Во тој момент, според наводите, ајатолахот Али Хамнеи веќе бил убиен.
Во анализата, „Џерусалем пост“ го опишува Хамнеи како идеолошки тврд лидер кој во текот на своето долгогодишно владеење ја зацврстил улогата на Иран преку поддршка на сојузници како Хезболах и Хамас, како и преку развој на безбедносната и нуклеарната инфраструктура.
Текстот заклучува дека неговото наследство ќе биде клучен фактор за идниот правец на Иран, додека останува отворено прашањето како ќе постапат неговите наследници.
Свет
Илјадници летови откажани поради ескалацијата на Блискиот Исток
Илјадници летови беа откажани викендов на Блискиот Исток и во Заливот откако повеќе држави го затворија својот воздушен простор по нападите на САД и Израел врз Иран.
Бахреин, Иран, Ирак, Израел, Јордан, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати најавија целосно или делумно затворање на небото, што доведе до масовни откажувања и пренасочувања на летови и десетици илјади заглавени патници.
Според аналитичката компанија „Цириум“, во саботата биле откажани 966 од 4.218 планирани летови (22,9%), а во неделата уште 716. Платформата „ФлајтАвејр“ објави дека глобално биле одложени повеќе од 19.000 летови и откажани над 2.600.
Клучните аеродроми во Дубаи, Абу Даби и Доха привремено ги прекинаа операциите. Емиратес ги стопираше летовите од и кон Дубаи, додека „Катар ервејс“ чека одлука од властите за повторно отворање на воздушниот простор.
Иран изведе напади врз Израел и заливските држави во кои има американски бази. Пријавени се инциденти и на аеродроми во ОАЕ и Кувајт, со информации за повредени и загинати лица.
Бројни светски авиокомпании – меѓу нив „Виз ер“, „Туркиш ерлајнс“, „Ер Франс“, „Бритиш ервејс“, „Луфтханза“, „Финаир“ и други – ги суспендираа летовите кон повеќе дестинации во регионот.
Експертите предупредуваат дека нарушувањата може да продолжат, што ќе значи дополнителни доцнења, повисоки трошоци и можно поскапување на билетите. Патниците се повикани редовно да го проверуваат статусот на летот пред да заминат на аеродром.
Фото: flightradar24
Свет
Велика Британија тврди дека Иран истрелал две ракети кон Кипар, прв ракетен напад врз Европа
Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека две ирански ракети биле истрелани кон Кипар, во она што би претставувало прв ирански ракетен напад врз Европа.
– Прилично сме сигурни дека тие не беа насочени кон нашите бази – рече Хили во интервју за Скај Њуз.
Велика Британија има две големи суверени базни подрачја на Кипар.
Истовремено, „тоа е пример за многу реална, растечка закана“, нагласи тој.
Хили, исто така, откри дека 300 британски војници биле во близина на иранските напади во Бахреин.
– Некои од нив на само неколку стотини јарди од местото каде што паднаа ракетите – рече тој.

