Свет
Нилските коњи на Пабло Ескобар се извор на загадување во Колумбија
Семејната зоолошка градина, изградена од колумбискиот наркобос Пабло Ескобар во раните 80-ти години, содржела носорози, жирафи, зебри и нилски коњи. Откако се распаднала империјата на Ескобар во 1990-тите, повеќето од животните биле преместени во Националната зоолошка градина. Единствени што останале на имотот биле нилските коњи, односно четири единки кои во меѓувреме се размножиле и станале инванзивен вид што почнал да го уништува речниот екосистем во Колумбија.
Според написот во журналот „Екологија“, нилските коњи на Ескобар веќе две години ги проучуваат експерти од Универзитетот во Калифорнија и Сан Диего, како и колеги од Универзитетот во Колумбија. Внимателно е следено нивното влијание врз локалните микробиоми. Нилските коњи ноќе се хранат на земјата, додека денот го поминуваат во водата каде што се ладат и, меѓу другото, ослободуваат голема количина измет, што почнало да влијае на хемискиот состав на водата.
Нилските коњи, односно нивниот измет, служи како извор на хранливи материи за опасни алги и бактерии. Ова може да резултира во цветање на опасни растенија, како токсични алги кои предизвикуваат болести кај луѓето и животните, се вели во студијата.
Друг проблем е што нилските коњил не се најмирните животни во светот, што значи дека тие се тешки за контрола и фаќање.
„Во следните неколку децении, нивниот број може да се зголеми на неколку илјади. Ова значи дека мора да побрзаме да одлучиме што да правиме со нив“, рече Џонатан Шурин, професор по биолошки науки во Сан Диего и главен автор на студијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Фото) Трамп постави во Белата куќа фотографија што ја доби од Путин
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, постави во Белата куќа фотографија што му ја испрати рускиот претседател Владимир Путин по историскиот самит во Алјаска во август, пренесува РИА Новости.
Новинарката на Би-Би-Си, Елизабет Ландерс, објави на социјалната мрежа Икс заедничка фотографија од Трамп и Путин од самитот во Алјаска, наведувајќи дека се наоѓа во ходник што го поврзува западното крило на Белата куќа со резиденцијата на американскиот претседател. На фотографијата, Путин и Трамп се прикажани како стојат еден до друг за време на официјално фотографирање, додека под неа е друга врамена слика од Трамп како ја држи раката на неговата внука.
Како што пишува РИА Новости, големината и композицијата на фотографијата што сега виси во Белата куќа целосно се совпаѓаат со сликата што Владимир Путин му ја испратил на Доналд Трамп по самитот во Алјаска, а која американскиот претседател ја покажа во Овалната соба на 22 август.
Преговорите меѓу претседателите на Русија и Соединетите Американски Држави се одржаа на 15 август во воената база Елмендорф-Ричардсон во близина на Анкориџ.
За време на состанокот, лидерите разговараа за начините за решавање на украинскиот конфликт, а двете страни ги оценија разговорите како позитивни, пренесува „Спутник“. На крајот од самитот, рускиот претседател истакна дека постои можност процесот да се доведе до крај на конфликтот во Украина и го нагласи интересот на Русија за долгорочно и одржливо решение.
Европа
Се помалку луѓе во ЕУ умираат од рак на белите дробови
Стапката на смртност од рак на белите дробови во Европската Унија (ЕУ) продолжува да опаѓа и кај мажите и кај жените, а престанокот со пушење сè уште се смета за клучен фактор за подобрување на стапките на преживување, велат научниците.
„Ракот на белите дробови останува водечка причина за смрт од рак кај мажите и жените во ЕУ“, вели Карло Ла Векија, раководител на истражувачката група на Универзитетот во Милано.
Иако стапката на смртност кај мажите опаѓа од 1990-тите, таа продолжи да расте кај жените до 2010-тите. Истражувачкиот тим предвидува дека оваа година ќе има 23 смртни случаи од рак на белите дробови на 100.000 жители кај мажите и 12 кај жените.
Пушењето е клучен фактор за смртните случаи од рак, покажуваат резултатите од студијата, рече Ла Векија во соопштението од Европското здружение за медицинска онкологија. „Намалувањето на потрошувачката на тутун останува камен-темелник на превенцијата од рак на белите дробови, а исто така игра важна улога во спречувањето на други видови на рак, како што е ракот на панкреасот.“
Поздравата исхрана и медицинскиот напредок, исто така, придонесуваат за подобрување на стапките на преживување. Со неколку исклучоци, стапките на смртност опаѓаат и кај другите видови на рак.
Позитивни трендови за повеќето видови рак
Земајќи ги сите видови рак заедно, истражувачите предвидуваат стапка на смртност од 114 на 100.000 мажи во ЕУ во 2026 година, што е намалување од осум проценти во споредба со периодот 2020-2022 година.
За жените, стапката на смртност се предвидува да биде 75 на 100.000 во 2026 година, што е намалување од шест проценти. Единствен исклучок е ракот на панкреас кај жените, каде што стапката на смртност се зголеми за еден процент во споредба со периодот 2020-2022 година, сега изнесува шест на 100.000. Иако стапките на смртност опаѓаат, апсолутниот број на случаи се зголемува поради стареењето на населението.
Свет
Сијарто: Унгарија нема да дозволи Украина да се приклучи на Европската Унија бидејќи Украинците би донеле војна
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го повтори ставот на владата во Будимпешта дека нема да дозволи Украина да стане членка на Европската Унија.
Тој, коментирајќи ја изјавата на украинскиот министер за надворешни работи Андреј Сибиха за „Европска вистина“ дека „Унгарија е единствената пречка за членството на Украина во ЕУ“, потврди дека тоа е „целосно точно“.
„Нема ништо ново за нас во фактот дека Андреј Сибиха не е наш пријател, тој нè мрази и нè напаѓа. Сепак, во интервјуто на министерот имаше една фраза со која целосно се согласуваме: „Унгарија е единствената пречка за членството на Украина во ЕУ“. Ова е сосема точно“, напиша унгарскиот министер на Фејсбук.
Тој потврди дека сè додека е на власт сегашната унгарска влада, предводена од Виктор Орбан, „Украина нема да биде членка на Европската Унија, бидејќи Украинците ќе донесат војна во ЕУ“.
Сијарто понатаму рече дека брзоплетото прифаќање на Украина би значело дека оваа земја ќе биде финансирана од европските даночни обврзници, а европската економија ќе страда.
„Нашите земјоделци би банкротирале поради нивното жито со низок квалитет, а нашата земја ќе стане транзитен центар за украинската мафија. Но, сè додека сме на власт, тоа нема да се случи“, додаде министерот.
Според него, Украина во моментов се обидува да се меша во претстојните парламентарни избори во Унгарија поради ова, поддржувајќи ја опозициската партија Тиса. Затоа, продолжи Сијарто, изборите на 12 април, всушност, би значеле избор помеѓу мир и војна, помеѓу интересите на Унгарија или Украина.
Унгарското Министерство за надворешни работи го повика украинскиот амбасадор во Будимпешта за да го изрази својот протест поради мешањето на Украина во унгарскиот изборен процес.

