Свет
(Видео) Ништо од договорот меѓу Трамп и Ким, прекинат состанокот и откажан ручекот
Самитот на претседателите на САД и Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Џонг-ун, во Виетнам, заврши порано од планираното, а откажан е и работниот ручек. Претседателските колони возила на двајцата лидери го напуштија хотелот во кој беа одржани преговорите, пренесуват светските медиуми.
Камен на сопнување, како што се наведува, биле санкциите што САД ѝ ги воведоа на Северна Кореја поради нуклеаризацијата и од кои очигледно Трамп не сака да се откаже.
Кога новинарите го прашале Трамп дали тој го прекинал состанокот, одговорил: „Не сакам да кажам дали тоа беше моја одлука бидејќи каква врска има тоа сега. Но, ќе ја продолжиме врската“.
„Сега одлучивме ништо да не потпишуваме, ќе видиме како ќе оди работата. Ким е одлично момче и Северна Кореја има огромен потенцијал. Санкциите ќе останат и натаму, ние ништо не дадовме. Северна Кореја сака да ѝ ги укинеме санкциите, но не направила доволно. Северна Кореја е подготвена да денуклеаризира некои подрачја, но САД не се подготвени да ги укинат санкциите поради тоа. Ким има своја визија, а таа не е баш како нашата. Одлучивме сега да се повлечеме од договор, ќе видиме што ќе се случува понатаму“, рекол Трамп на прес-конференција одржана два часа претходно поради прекинувањето на состанокот.
Тој нагласил дека советуван од државниот секретар, Мајк Помпео, овој пат одлучил да не потпише никаков договор.
„Направивме голем напредок, но не стигнавме до она што има смисла за САД. Ким не направи сè што баравме од него, не беше подготвен. Но, јас сум оптимист, ќе направиме напредок и ќе ја исполниме целта да ја денуклеаризираме Северна Кореја и ќе ги направиме сите граѓани во светот безбедни“, истакнал Помпео.
Трамп рекол дека Ким му ветил оти нема повеќе да тестира нуклеарно оружје и дека тој му верува. Додал дека нема да ѝ воведе нови санкции на Северна Кореја, но и дека засега не планира нова средба со Ким, пренесе АФП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин потпиша закон кој им дозволува на ФСБ да го исклучат интернетот во Русија
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој Федералната служба за безбедност (ФСБ) добива овластување да го исклучи интернетот во земјата, пренесуваат медиумите.
„Само претседателот може да воведе ограничувања“, изјави адвокатот и долгогодишен интернет активист Саркис Дарбињан.
Зошто се воведуваат ограничувања
Во последните месеци, руските власти се обидуваат да најдат начини да спречат влегување на украински беспилотни летала во рускиот воздушен простор. Во многу случаи, дроновите користат руски сигнали за навигација, понекогаш на долги растојанија.
Притисок врз интернет апликациите
Властите го засилија притисокот врз популарните апликации за размена на пораки, особено WhatsApp и Telegram. Двете апликации се значително забавени како дел од владините напори да ги охрабрат Русите да ја користат државно поддржаната апликација Max.
Според еден извештај, Telegram би можел целосно да биде блокиран од 1 април.
Ограничувањата предизвикаа незадоволство кај блогерите кои ја следат ситуацијата во Украина и собираат средства за руските трупи.
Telegram исто така е широко користен од руските војници на терен.
Технолошкиот регулатор Роскомнадзор го обвини Telegram, основан од протераниот претприемач Павел Дуров, за создавање на пазар за протечени лични податоци на руски граѓани.
Свет
Индија го одложи патувањето на трговска делегација во Вашингтон поради нејасности околу царините на САД
Индија го одложи планираното испраќање трговска делегација во Вашингтон оваа недела, главно поради неизвесност по одлуката на Врховниот суд на САД да ги укине царините што ги воведе претседателот Доналд Трамп, изјави извор од индиското Министерство за трговија во неделата, пишува Ројтерс.
Одлуката на Индија е една од првите конкретни реакции меѓу азиските земји на судската пресуда. Одлуката следува по одлуката на Трамп од саботата да воведе привремена царина од 15%, максимално дозволената според законот, на увоз од сите земји, по отфрлањето на неговите претходни царини од страна на судот.
Одложување поради неизвесност
„Одлуката за одложување на посетата беше донесена по дискусии меѓу официјалните лица на двете земји. Не е одреден нов датум за посетата“, рекол изворот.
Главната причина за одложувањето е неизвесноста околу царините по пресудата на судот во петокот. Делегацијата требаше да отпатува за разговори за финализирање на привремен трговски договор, откако двете земји се согласија на рамка за Вашингтон да ги намали казнените царини од 25% на одредени индиски производи поврзани со увозот на руска нафта од Индија.
Детали од привремениот трговски договор
Според договорот, царините на САД за индиски производи требаше да се намалат на 18%, а Индија се согласи да купи американски производи во вредност од 500 милијарди долари во период од пет години. Ова вклучува енергетски снабдувања, авиони и делови, благородни метали и технолошки производи.
Свет
(Фото) Трамп објави дека испратил болнички брод на Гренланд, Данска вели дека нема сознанија
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го стави Гренланд во фокусот со објава на Truth Social, тврдејќи дека испраќа голем болнички брод на островот. Тој напиша дека, во соработка со гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, ќе испратат брод „да се грижи за многуте болни луѓе за кои никој не се грижи“.
Заедно со објавата, Трамп сподели слика од USNS Mercy, создадена со вештачка интелигенција, и напиша: „На пат е!!!“.
— Rapid Response 47 (@RapidResponse47) February 22, 2026
Многу детали остануваат нејасни. „Не знаеме зошто Трамп го објавува ова сега и дали бродот навистина е на пат кон Гренланд“, вели Јакоб Крог, дописник за данската државна телевизија во САД.
Данскиот министер за одбрана, Троелс Лунд Поулсен, потврди дека Данска нема сознанија за бродот и дека жителите на Гренланд веќе ја добиваат целата потребна здравствена заштита.
Двата американски болнички брода, USNS Mercy и USNS Comfort, се на реновирање во бродоградилиштето во Мобајл, Алабама, и не се на пат кон островот.
Unfortunately, both hospital ships – USNS Mercy and Comfort – are in the shipyard in Mobile, Alabama. pic.twitter.com/9VE1QZ7pck
— Sal Mercogliano (WGOW Shipping) 🚢⚓🐪🚒🏴☠️ (@mercoglianos) February 22, 2026
Објавата на Трамп следеше по евакуацијата на американски морнар од подморница близу Нуук, кој итно бил префрлен во локална болница со хеликоптер на данската одбрана.
Трамп во последните месеци јавно повторува дека сака САД да го преземат Гренланд, кој според него е „клучен за националната безбедност на САД“. Данска и Гренланд одбиваат вакви предлози, а ЕУ и НАТО повикуваат на почитување на суверенитетот и меѓународното право, истакнувајќи дека Арктикот е „област на соработка, а не на конфронтација“.

