Свет
Нови детали за хоророт во Тексас: сите деца биле убиени во една училница
Објавени се нови детали за страшното масовно убиство што се случи вчера во Основното училиште во Тексас. Во нападот на Салвадор Рамос загинаа 19 деца и двајца возрасни, а последните информации укажуваат дека убиецот се забарикадирал во училница и ги убил своите жртви.
Во нападот загинаа двајца учители и 19 деца на возраст до десет години.
Додека Рамос пукал кон своите жртви, полицајците кружеле низ училиштето кршејќи ги стаклата на прозорците во обид да ги евакуираат децата и персоналот. Успеале насилно да влезат во училницата и да го ликвидираат напаѓачот кој пукал и кон нив, објасни портпаролот на отсекот за јавна безбедност во Тексас, Крис Оливарез.
Како што наведе, идентификувани се сите жртви и информирани се нивните семејства. Тој истакна дека во нападот се повредени неколку деца, но не кажа колку и во каква здравствена состојба се.
„Станува збор за мала училница, која може да прими од 25 до 30 ученици. Во училницата имаше двајца учители. Во овој момент немаме информации колку ученици имало внатре. Бројката може да варира“, изјави Оливарез нагласувајќи дека станува збор за организиран престој во кој престојувале групи деца.
Запрашан дали училиштето било крајната цел на напаѓачот, Оливарез рече дека сè уште има многу прашања на кои полицијата нема одговори.
„Се обидуваме да го откриеме тоа. Во случајот е вклучен и ФБИ, а ги анализираме и социјалните мрежи. Она што го знаеме за напаѓачот е дека тој бил жител на Увалде, дека учел во едно од локалните средни училишта, дека живеел со баба му и дедо му, дека е невработен, дека немал пријатели или девојка“, изјави Оливарез.
Тој истакна и дека убиецот нема криминално досие ниту, пак, бил поврзан со криминални групи.
Оливарез рече дека Рамос имал една пушка кога влегол во училиштето, а властите работат на утврдување на видот и капацитетот на пушката.
Додаде дека напаѓачот носел елек, во кој можел да чува дополнителна муниција.
Оливарез изјави дека бабата на напаѓачот, која ја застрелал пред да се упати кон училиштето, сè уште е жива и дека властите се обидуваат да ги лоцираат дедо му и членовите на неговото потесно семејство.
„Она што го знаеме е дека напаѓачот бил вклучен во инцидент со својата баба пред нападот на училиштето. Потоа ја застрелал. Побегнал со возило и бил во близина на училиштето кога полицијата ја добила првата пријава за сообраќајна несреќа и вооружено лице што влегува во училиштето“, изјави портпаролот на полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Фото) Објавена фотографија од Нетанјаху како зборува на телефон, камерата му е покриена со селотејп
Фотографија од израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, на која зборува на телефон брзо стана жешка тема на дискусија на социјалните медиуми и во меѓународните кругови.
Детал што никој не го пропушти е селотејпот преку камерата на неговиот мобилен телефон.
Иако на прв поглед изгледа невообичаено за лидерот на технолошки напредна земја, експертите истакнуваат дека станува збор за строга безбедносна мерка.
Се верува дека Нетанјаху го користи селотејпот за да спречи неовластено снимање во чувствителни области, хакерски напади што би можеле да овозможат камерата да се активира од далечина, како и дигитален надзор и собирање класифицирани визуелни податоци.
Netanyahu’s mobile phone camera covered with tape pic.twitter.com/Rvp2x4TKTF
— Globe Observer (@_GlobeObserver) January 26, 2026
Овој потег не е изолиран случај. Сè поголем број високи политичари и безбедносни службеници ширум светот прибегнуваат кон слични „аналогни“ методи на заштита во дигиталното доба. Во време кога софистицираниот шпионски софтвер како што е Пегазус стана вистинска закана, дури и наједноставната физичка бариера, како што е парче лента, се смета за ефикасна заштита.
„Во светот на високата политика, приватноста на комуникацијата е бесценета. Камерата со лента е јасен сигнал дека никој, дури ни премиерот, не е имун на потенцијални дигитални упади“, велат безбедносните аналитичари.
Додека некои ја фалат претпазливоста и свеста на премиерот за сајбер безбедноста, други на социјалните мрежи коментираат за иронијата во која лидерот на една од водечките светски сили во областа на сајбер технологијата мора да користи селотејп за да се чувствува безбедно.
Фотографијата повторно разгоре поширока дебата за ранливоста на паметните телефони и ризиците на кои се изложени личните податоци на сите корисници, не само на владини претставници.
фото/Depositphotos
Свет
Aмерика го напушти Парискиот договор за климатски промени
САД по втор пат официјално се повлекоа од Парискиот договор за климатски промени, по одлука на претседателот Доналд Трамп, кој ја потпиша извршната уредба на денот на инаугурацијата, 20 јануари 2025 година. Повлекувањето стапува во сила денес, една година откако Обединетите нации ја примиле официјалната нотификација.
Со ова, САД повеќе не се сметаат за обврзник во напорите за ограничување на глобалното затоплување, а се создава и значителна финансиска празнина, бидејќи земјата досега финансирала програми за ублажување и адаптација на климатските промени, особено во посиромашните држави.
САД се втор најголем емитер на стакленички гасови во светот, по Кина. Според проценките на ОН, врз основа на сегашните политики, светот се движи кон пораст на глобалната температура од 2,8 степени до крајот на векот. Повлекувањето на САД може да придонесе за дополнително зголемување од 0,1 степен, што, според научниците, значително ги влошува климатските последици.
Свет
Франција му возврати на Руте: Европа може и мора сама да се брани
Француската влада остро реагираше на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Европа не може да се одбрани без Соединетите Американски Држави.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро порача дека Европејците „можат и мораат“ да преземат одговорност за сопствената безбедност, нагласувајќи дека и САД се согласуваат со потребата од европски столб во НАТО, објави Политико.
Руте, обраќајќи се во Европскиот парламент, изјави дека континентот не може да се одбрани без американска поддршка и се спротивстави на идејата за европска војска, оценувајќи дека „европскиот столб на НАТО е донекаде празна фраза“.
Во меѓувреме, по враќањето на Доналд Трамп на власт, американската администрација сигнализира помала вклученост во европската безбедност. Новата Национална одбранбена стратегија на САД наведува дека Европејците треба да преземат водечка улога, оценувајќи дека Европа е економски и воено способна да се брани од Русија.
На изјавите на Руте реагираа и други француски претставници. Поранешната амбасадорка на Франција при НАТО, Муриел Доменак, оцени дека истакнувањето на европската слабост испраќа погрешна порака до Русија. Француската министерка за вооружени сили, Катрин Вотран, истакна дека денес е неопходен европски столб во рамки на НАТО, идеја што веќе ја поддржуваат и други земји, меѓу кои и Германија.

