Европа
Нови правила за влез во Германија, се укинува карантинот за вакцинираните
Германската влада денес ги смени правилата за влез во земјата – вакцинираните или оние што прележале Ковид-19 нема да мора да бидат тестирани или да одат во карантин, освен ако не доаѓаат од области со висок ризик, каде што преовладуваат разни видови на вирусот.
Според одлуката на владата, невакцинираните лица ќе може да го напуштат карантинот ако тестот покаже дека тие се негативни на коронавирус.
Воведени се нови правила за олеснување на патувањето во текот на летото, особено за семејствата во кои родителите биле вакцинирани, а децата не.
Правилата важат само за оние што примиле вакцини одобрени во Европската Унија.
Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, изјави дека очекува државата да почне со издавање дигитални сертификати за имунитет до крајот на јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за употреба на забрането хемиско оружје
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за употреба на забрането хемиско оружје на бојното поле, објави Организацијата за забрана на хемиско оружје.
Организацијата за забрана на хемиско оружје соопшти дека наводите се „недоволно потврдени“ со доказите, но во соопштението се додава:
„Ситуацијата останува нестабилна и крајно загрижувачка кога станува збор за потенцијалната употреба на токсични хемикалии како оружје“.
Ниту Русија ниту Украина официјално не побарале од организацијата да ја истражи наводната употреба на хемиско оружје, се вели во соопштението.
Минатата недела, САД соопштија дека Русија ја прекршила меѓународната забрана за употреба на хемиско оружје, која е надгледувана од Организацијата.
Таа, наводно, користела хлоропикрин, моќен пестицид што се користи во земјоделството и е забранет за воена употреба, против украинските трупи и користела хемиски соединенија кои привремено ги онеспособуваат луѓето, како солзавец, „како метод за војување“ во Украина.
Ова следеше по украинските тврдења во април дека Русија ја засилила употребата на солзавец во рововите. Русија ги отфрли обвинувањата, а украинските власти не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар во вторникот.
Организацијата за забрана на хемиско оружје соопшти дека ја следат ситуацијата од февруари 2022 година, кога Москва ја нападна Украина. Според Конвенцијата за хемиско оружје, секоја токсична хемикалија што се користи за да предизвика повреда или смрт се смета за хемиско оружје.
Употребата на токсични агенси на бојното поле во војна е против Конвенцијата, соопшти Организацијата за забрана на хемиско оружје. „Доколку се користат како метод на војување, овие агенси се сметаат за хемиско оружје и затоа, според Конвенцијата, тие се забранети“.
Европа
Полскиот премиер: Европа мора да ја зголеми одбраната
Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Европа ќе мора да ги зголеми своите одбранбени капацитети за да избегне конфликти и да биде побезбедна и повторно повика на развој на заеднички европски систем за противвоздушна одбрана.
Минатата година Полска одвои речиси четири отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната со цел да ги зајакне сопствените воени капацитети.
На Европскиот економски конгрес на југот на Полска, Туск ги повика земјите од ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана за најмалку 100 милијарди евра.
„Европа мора да биде подготвена во следните десет месеци и следните пет години за ситуација во која ниту една сила нема да се осмели да крене рака против неа“, рече Туск.
„Голема сума пари (за европска безбедност) ќе ја оддалечи војната од европските граници долго време, можеби и трајно“, смета Туск, повторувајќи ја потребата од заеднички систем за противвоздушна одбрана.
„Мора да бидеме способни да го одбраниме нашето небо“, порача Туск.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така присутна на конгресот, се согласи дека Европа мора да троши повеќе за одбраната и вети дека доколку остане на чело на Комисијата, ќе предложи нови проекти во областа на одбраната. .
Таа претходно предложи назначување постојан европски комесар за одбрана.
Европа
Шпанските студенти планираат протести против Израел
Студентите во Шпанија во наредните денови би можеле да почнат протести против „геноцидот што го изврши Израел во Палестина“ по примерот на универзитетите во САД, Холандија и Белгија, изјавија нивните претставници за шпанските медиуми.
На Филозофскиот факултет во Валенсија, приморски град на југозападот на земјата, студентите веќе една недела спијат во шатори и секојдневно протестираат.
„Бараме од нашиот универзитет да ги прекине сите врски со институциите и компаниите што соработуваат со Израел“, изјави 20-годишната Естер Монге, студентка по политички науки и социологија за весникот „Ел Паис“.
Во моментот многу универзитети одржуваат состаноци, на кои студентите и професорите гласаат за блокадите на факултетите.
„Студентскиот совет ќе одлучи за активностите во наредните денови“, рече Марија Хозе Лера, координаторка на „Палестиниум“, група за солидарност со палестинските аспирации.
Лера, која има докторат по психологија на Универзитетот во Севилја, вели дека моменно се одржуваат состаноци на универзитетите во Мадрид, Сарагоса, Барселона, Жирона, Гранада и во други градови.
Во понеделникот стотици студенти се собраа пред Универзитетот во Барселона, каде што ги развиорија своите транспаренти.
„Сакаме нашите факултети да ги прекинат сите односи со Израел и компаниите што работат таму“, рече 24-годишниот Пабло Кастиља, дипломиран студент по јавна политика.
Во Мадрид сѐ уште нема протестно кампување, но има демонстрации. На автономниот универзитет во Мадрид планираното предавање за НАТО беше откажано под притисок на пропалестинските демонстранти.
Друг јавен универзитет, Universidad Complutense de Madrid, објави декларација со наслов „Со Палестина против геноцидот во Газа“.
„По влошувањето на насилството врз палестинскиот народ, ги повикуваме професорите, истражувачите и вработените во администрацијата да се спротивстават на колективното казнување на Палестинците што го спроведува Израел“, се вели во декларацијата усвоена од администрацијата на Факултетот за политички науки и социологија.
Сведоци сме на геноцидот врз палестинскиот народ, што е продолжение на децениското систематско насилство врз палестинскиот народ и неговата присилна емиграција“, се вели во декларацијата објавена на веб-страницата на Факултетот.